Серијалот Killing Floor е еден од омилените серијали на голем број FPS фанови, особено оние фанови кои бараат поразлична Left4Dead алтернатива. Низ годините, серијалот има создадено наследство засновано на немилосрдните бранови од монструозни Зед. Патувањето започна во далечната 2009-та година. На времето, оригиналниот Killing Floor беше пофален за својата темна, угнетувачка атмосфера и суров хорор-гејмплеј што ги постави темелите на франшизата. Неговиот наследник од 2016-та година, Killing Floor 2, го засили хаосот, воведувајќи побрза и пофренетична борба, визуелно спектакуларен систем за распарчување и подлабок систем за прогресија, зацврстувајќи го својот статус како репер за висцерална, бранова акција. Што е со тројката?

Првата Killing Floor има 95% позитивни рецензии на Steam. Втората има 88% позитивни рецензии. Третата, штотуку излезена игра има само 56% позитивни рецензии. Во што е проблемот?
Приказна?
Во мрачната иднина на 2091 година, 70 години по настаните од својот претходник, Killing Floor 3 го фрла човештвото во очајна борба за опстанок. Заканата повеќе не е само неконтролирана епидемија, туку прецизно создадена армија од биоинженерски чудовишта, познати како Зед, командувана од мегакорпорацијата Horzine. Во овој хаос, вие ја преземате улогата на членови на Nightfall, елитна бунтовничка група која ја претставува последната линија на одбрана. Оваа промена во наративот го трансформира тонот на серијата – од чист хорор на преживување кон организирана, научно-фантастична војна против корпоративна тиранија. Не можеме да кажеме дека нема приказна, но она што го има се прераскажува преку кратки монолози кои бараат да се извршат одредени едноставни работи во одредени места на мапата. Скромниот лор кој се открива на овој начин пополнува одредени наративни дупки, но, нема да лажеме, се работи за исклучително сиромашен овид за некаква нарација и оваа игра и понатаму останува да сјае само како откачена и брутална FPS ко-оп игра каде насилството е во преден (и единствен) фокус, што, дефинитивно не мора да значи дека е лоша работа.

Трнлив пат
Развиена и објавена од Tripwire Interactive, играта е изградена на моќниот Unreal Engine 5 и е достапна за PlayStation 5, Xbox Series X/S и PC.Иако првично беше најавена со големи очекувања, нејзиниот пат до лансирањето беше обележан со одложувања и мешани реакции од заедницата.
Финалниот производ, иако ја задржува зависната формула на серијата, остава впечаток на недовршеност, како да е Early Access издание, што отвора прашања за неговата долгорочна одржливост.
Еволуција на кооперативниот хаос?
Нема никаква комплицирана филозофија поврзана со гејмплејот во Killing Floor 3. Вие и другите играчи имате за задача да издржите бранови од сè посилни Зед чудовишта. По секој успешно одбиен бран, тимот заработува валута која се користи за купување ново оружје, муниција и оклоп. Оваа основа, меѓутоа, е збогатена со низа иновации кои имаат за цел да ја зголемат динамиката и тактичката длабочина.

Една од најзначајните промени е воведувањето на модернизирани можности за движење. Лизгањето, качувањето преку препреки и зголемената агилност ја прават борбата значително пофлуидна. Ова е надополнето со редизајнирани мапи кои нудат зголемена вертикалност, со автоматско влечење низ јазиња и заземање повисоки позиции кои отвораат нови тактички можности за позиционирање и бегство. Секако, за да се одржи предизвикот, и самите зед чудовишта се севоочливо поагилни, способни да се качуваат по ѕидови и да ве следат речиси насекаде.
Дополнително, воведени се динамични цели во текот на натпреварите, како пренапони на струја или уривање на подови, кои внесуваат елемент на непредвидливост. Системот за тимска синергија, кој се полни со координирани акции, ве наградува со бонуси и ја поттикнува соработката, што не значи дека треба само да пукате како без глава. Сепак, овие позитивни новитети се во контраст со релативно ограничената содржина при лансирањето – со само неколку класи, мапи и босови, играта брзо може да стане репетитивна.

Поларизирачки идентитет?
Преминот на Unreal Engine 5 ветуваше визуелен спектакл, но резултатот е поларизирачки. Уметничкиот стил се обидува да се врати кон потемните, похорор-ориентирани корени на оригиналниот Killing Floor, со фокус на атмосферично осветлување и зед чудовишта кои излегуваат од сенките. Додека некои играчи го поздравуваат овој потег, други го критикуваат стилот како генерички, визуелно нечитлив и со премногу пригушени бои. Техничките проблеми, како слаб контраст, назабени рабови и текстури со низок квалитет, дополнително би можеле да го нарушат визуелното искуство.
Познатиот M.E.A.T. систем за распарчување е редизајниран, но и тој, како и сите други клучни механики, се предмет на дебата. Имено, иако нуди детално крвопролевање, многу фанови сметаат дека е чекор назад во споредба со Killing Floor 2, критикувајќи го недостатокот на тежина, динамични внатрешни органи и задоволувачки ragdoll ефекти.
Звучниот дизајн, за жал, е една од најголемите слабости на играта. Некои од звуците на оружјето се премногу слаби и го немаат оној умф ефект што сведочи за експлозивно чувство на моќ. Гласовната глума на ликовите е доста еднолична и склона на кажување едни исти кратки и монотони реченици, додека музиката често се губи во позадина и не успева да го подигне адреналинот за време на интензивните борби. И ние, како и голем број други фанови, очекувавме аудио одделот да има поголема длабочина. Вака-како-е, имерзијата знае да страда. Да не разберете погрешно. И графиката и звукот се сосема ок и, доколку имате релативно силна компјутерска конфигурација и солидни слушалки, впечатокот е дека играте добра ААА игра. Од технички аспект, KF3 е она што беше KF2 за KF. Надградбите се евидентни, само би требало да се поефикасно истакнати.

Прогресија и тактичка длабочина
Killing Floor 3 го напушта традиционалниот систем на способности и воведува систем на специјалисти, нешто што е јасно инспирирано од hero FPS shooter-ите. Секоја од шесте достапни класи (Commando, Firebug, Sharpshooter, Ninja, Engineer, Medic) има уникатно дрво на вештини, гаџети и способности. Ова овозможува подлабоко прилагодување, а флексибилноста да се купува оружје од други класи отвора простор за креативни комбинации.
Клучна тактичка механика е системот на критични зони. Нанесувањето доволно штета на одредени делови од телото на непријателите го крши нивниот оклоп и открива ранливи точки. Нивното уништување не само што нанесува огромна штета, туку може и да ги онеспособи нивните најопасни напади, што е од суштинско значење во борбите со босови. Овој систем ја наградува прецизноста и тимската координација, додавајќи слој на стратегија надвор од безглавото пукање.

Солидна основа со неисполнет потенцијал?
Killing Floor 3 е амбициозен обид да се еволуира докажаната формула. Основата е тука – бруталната, хаотична и забавна кооперативна акција е сè уште присутна, збогатена со подобрено движење и попаметни непријатели. Тактичката длабочина понудена преку системот на критични зони и деталното прилагодување на класите има огромен потенцијал.
Сепак, играта при лансирањето се чувствува како недовршен производ. Ограничената содржина, сериозните проблеми со перформансите, поларизирачкиот визуелен стил и разочарувачкиот звучен дизајн се значајни недостатоци кои го попречуваат уживањето.
За долгогодишните фанови, Killing Floor 3 нуди познато, но освежено искуство. За новите играчи, играта е солиден FPS ко-оп шутер. Tripwire Interactive вети долгорочна поддршка со нова содржина, што влева надеж дека, со текот на времето, играта ќе го достигне својот целосен потенцијал. Знаејќи ја историјата на тимот, сигурни сме дека, со текот на времето, играта ќе успее да го доживее култниот статус на претходниците.








