Најновото проширување за симулацијата theHunter: Call of the Wild, насловено Premium Trophy Mount Pack, е ситно, но – за одреден група фанови – динамитно DLC кое е фокусирано исклучиво на проширување на можностите за прилагодување на ловечките куќи, односно trophy lodges.
Додатокот може да биде комотно игрнориран од сите оние кои сакаат нови резервати или оружје – нема такво нешто тука. Но, доколку сакате естетска надградба и дискутабилно подобро организирање на вашиот изложбен простор, тогаш се наоѓате на вистинската дестинација.
Целта на пакетот е да овозможи креирање на уникатни распореди и подетална презентација на уловениот дивеч преку нови видови на носачи и платформи. Благодарение на ова, конечно можете да им дадете централно место на најзначајните ловечки достигнувања во ентериерот на играчот.

Во однос на спецификациите, пакетот вклучува два типа на специјализирани носачи дизајнирани за конкретни видови животни. Првиот е специјален поден носач кој е технички прилагоден за покрупен дивеч и поддржува изложување на црвен елен, црна мечка, дива свиња, срна и европски бизон. Вториот додаток е специјален ѕиден носач, наменет за помали животни и птици, вклучувајќи црвена лисица, фазан, мисирка, којот и канадска гуска. Носачите дефинитивно овозможуваат попрецизно групирање на трофеите во зависност од нивната категорија.

Покрај специјализираните единици, Premium Trophy Mount Pack нуди и квантитативно проширување на стандардните опции за приказ. Имено, колекцијата содржи вкупно 40 премиум платформи, распоредени како четири различни варијанти по големина, кои нудат автентичен изглед за поставување на таксидермијата. Дополнително, вклучени се и 16 премиум плакети (четири по големина), кои се дизајнирани со стил кој потсетува на музејска презентација, овозможувајќи пософистициран изглед на ѕидовите во ловечката куќа.

Како што можете и самите да заклучите, Premium Trophy Mount Pack е додаток кој има строго дефинирана целна група – колекционерите и играчите кои уживаат во аспектот на уредување на својот простор по ловот. За да успеете во таквото нешто, без да се премногу потрошите, имате на располагање солиден број на нови средства за персонализација и интересни можности за претворање на вашите трофеи во централни експонати.








