Кој што сака нека ви каже, но SunnySide е феноменална фармерска симулација која крие бројни богати можности за градење комплексни односи со луѓе и животни, одгледување и процесирање најразлични култури, градење пријатен дом, водење битки засновани на систем со карти, негување романтични врски и многу, многу повеќе. Развојното студио RainyGames има осмислено игра со бројни комплексни слоеви на висока интерактивна забава. Во оваа прилика, заеднички се дружиме низ почетните моменти на SunnySide и гледаме дали би можело и на вас да ви се допадне чедото на RainyGames.

За новите почетоци!
По избирање на режимот со приказната, требаше да донесеме уште еден избор: дали да одиме со cozy mode, RPG Mode или пак ние целосно да си ги прилагодиме параметрите како нам точно ни одговара. Cozy режимот ја поставува економијата во играта и добивањето на искуствени поени на нормално нови, а ги зголемува шансите за добивате ретки предмети и повеќе намирници. Паралелно со ова, битките се поедноставни, полесни и не толку чести. Од друга страна, RPG режимот ги има горе-споменатите вредности прилагодено за да понуди попредизвикувачко искуство. По минутно колебање, решивме дека имаме доволно стрес во животот и ја започнавме нашата прва партија во Cozy. Не се покајавме!

Гејмерите кои би бива во прилагодување ликови можат да направат интересни работи со уредникот. Имате на располагање богати можности за прилагодување на целото тело, како и носот, устата и брадата. Покрај различни фризури и облека, ќе можете да одберете и бројни додатоци, како часовници, ѓердани, прстени, и слично.

Играта ја почнуваме во кафуле, листајќи низ пораки и размислувајќи за длабоките комплексни причини кои не принудиа да креираме црвенокоса со име Лиша. По кратко разменување пораки, се упативме кон автобуската станица, а потоа и на аукција, со што се создаде можност да се надаваме за… нешто? Приказната не прави добра работа во објаснувањата за тоа кои сте, каде сте и што правите. Се наоѓате на некаква аукција, пред вас стојат пет луѓе и треба да дадете понуда. Гледајќи во начинот на кој се подредени петте луѓе, страв ни е на слепо да даваме понуда. Ова е cozy игра нели?

Набргу се воспостави дека купуваме тапија за нашиот нов дом, односно фарма во SunnySide.

Добрината на странците
По првичните нејаснотии со приказната, работите стануваат многу поинтересни. SunnySide е игра во која акцентот не е само на фармата, туку и на градење и одржување соседски односи. Дијалозите се вешто напишани. Од бош муабети, па се до длабоки филозофски размислувања, SunnySide веродостојно прикажува најразлични харизматични луѓе во едно мало, но модерно место. Во зависност од работите што ги кажувате, ќе можете да се спријателите или одалечите од соседите.

Приказната во SunnySide се одвива како еден вид визуелен роман. За кратко време ќе бидете опсипани со многу текст и сите оние првични нејаснотии ќе бидат дел од минатото, принудувајќи ве да мислите дека авторите намерно не објаснуваат ништо на почекоток, сакајќи да се чувствувате исто како и вашиот лик – изгубено. Имено, ликот со кој играте, донесува драстична одлука да замине од главниот град и да дојде во SunnySide, надевајќи се на нов скромен почеток преку тешка, но чесна работа на фарма. За да бидат работите покомплицирани, ова се чини избрзана одлука. Ликот не знае ништо за фармерскиот живот, за садење, градење или готвење и сите работи ги доживува како целосно ново и предизвикувачко искуство.

Што повеќе градите – толку повеќе учите!
Земјата нема сама да се обработува. Време е да се засукаат ракавите и да почнеме со работа. Малата шупа содржи кутија во која наоѓаме неколку алатки за собирање ресурси, како остра алатка за сечење трава и бамбус, вила за обработување на земјата и кофа за наводнување. Подоцна, арсеналот од алатки значително се проширува и можеме да собираме дополнителни ресурси, дури и да ловиме риби. За голем дел од активностите низ фармата и градот добивате искуствени поени. Соберете доволно и ќе откриете нови начини за собирање вредни ресурси и правилно раководење со фармата, како турбини за поефикасно произведување електрична енергија.

Во SunnySide, времето константно поминува. Во различни интервали, можете да добиете неочекува гости, да ви пише некој на телефонот или пак да ве повика на гости. За одредени продавници мора да почекате да се отворени, а и потребно е да внимавате на вашата енергија и ситост. Покрај ова, треба да водите ред за сметките поврзани за вода и струја. Добар увид во овие и многу други работи имате преку вашиот телефон.

Низ играта, често ќе ѕиркате во вашиот телефон. Не само за читање пораки и листање фотографии, туку и за дознавање корисни работи преку вашиот дневник, добивање податоци за временската прогноза, проверување на тоа колку енергија и вода имате, и слично. Нашата омилена апликација е поврзана со музичкиот плеер кој ни дозволува да пуштаме најразлични песни. Секоја од песните ја добиваме во одредени моменти низ играњето, како еден вид корисно достигнување. Како поминува времето, така ќе ви се отклучуваат се повеќе и повеќе апликации.

Иако графичкиот енџин делува застарен, играта сепак успева да понуди впечатливо визуелно искуство, особено кога ќе се спореди со останатите фармерски симулации. Тоа не значи дека играта е добро оптимизирана и често ќе забележувате драстични падови во фрејмовите. Овие флуктуации се сокогаш во дозволена зона од 40 до 60 FPS, но се чувствуваат доволно често во одредени области за да го нарушат севкупното искуство.

Карактеристично за игри од овој жанр, спиењето во SunnySide игра важна улога. Не само што ја обновува вашата енергија, туку и го поместува временскиот период и ја сочувува вашата игра, дозволувајќи ви да го почнете новиот ден со нови сили.
Вториот ден решивме да се посветиме на садење јагоди. Како и компирите, така и семето за јаготките треба да се засади во претходно обработена земја. Потоа да се навади и наѓубри. Некои култури даваат плод само за време на одредени годишни времиња. Во доцните стадиуми на играта, ќе можете да ги корисите плодовите за да вие лично извлекувате семе од нив, или пак да ги сушите плодовите, па потоа да ги користите за најразлични рецепти за готвење, нормално, доколку имате доволно брашно и шеќер. Ова значи дека SunnySide има и комплексен систем со бројни рецепти и богати можности за готвење најразлични деликатеси.

Ова е одличен момент одново да се вратиме на апликациите во телефонот и да ја пофалиме PlantDaddy. Се работи за детален сопатник кој дава бројни корисни објаснувања за различни култури, како и каде може да се пронајдат, колку време им треба да созреат, колку ѓубриво користат, дали се само обновливи помеѓу сезоните и бројни други работи. Неверојатно добра апликација која е како љубовно писмо за сите фармери.

Апликацијата е корисна бидејќи ви дозволува и да користите дрон. Покрај тоа што со дронот ќе можете да летате насекаде и да правите одлични фотки, алатката е особено корисна за осмислување нацрти, градење и пополнување најразлични предмети. Контролите се едноставни, а целото искуство – крајно забавно! Дронот ви дозволува да добиете подобро претстава за теренот и правилно да поставите нацрти. Откако ќе го направите тоа, вашиот лик треба да ги најде соодветните ресурси и потоа да го направи поставеното нешто преку дронот.

Во правењето најразлични работи, од клучна важност е и работната станица. Преку неа, ќе можете да процесирате најразлични ресурси и да ги правите потребните материјали. Без ова, тешко дека ќе можете да излезете од шаторот и да се префрлите во куќата од вашите соништа.

Комплексна и преубава игра
SunnySide е една од најдобрите фармерски симулации што сме имале задоволство да заиграме. Секој направен чекор во играта крие пријатни изненадувања и слоеви интересна и релаксирачка забава. Нашата дружба тука завршува, не затоа што немаме повеќе да ви кажеме за играта, туку затоа што не сакаме да го загрозиме вашето искуство во неа. SunnySide е одлична осмислена игра која ќе ви пружи бројни можности да го направите вашиот дом и да се зближите со локалното население. Подоцна, ќе откриете дека фармерскиот живот е многу повеќе од садење и одгледување култури. Ви завидуваме на првите драгоцени моменти кога ќе почнете да се грижите за животни, да користите бројни напредни машини за процесирање и правење храна. Набру ќе откриете и интересен борбен систем заснован на карти, како и напредни можности за исполнителна романтична врска. Ова и многу повеќе. Во Sunnyside.

Повеќе детали за играта
- Произведува: RainyGames
- Издава: Merge Games, Maximum Entertainment
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 14 јуни 2024 (неодамна излезена за конзоли)
Оценка
- Вкупна оценка: 8.75
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 8
- Графика: 8
- Звук и музика: 10







