0 коментари 7 мин. читање 24 септември, 2024

Satisfactory излезе од раниот пристап!

Преку истражување преубави вонземни светови, Satisfactory e игра која ви дозволува да собирате најразлични ресурси и да градите и надградувате огромна фабрика. По долго време ран пристап, чедото на Coffee Stain Studios конечно може да се пофали со финалната верзија. Првично, ни беше страв да започнеме со играта, мислејќи дека се одликува со бројни комплексни механики и проблематична линија на учење.

За среќа, играта приредува топло добредојде на сите нови играчи и полека ве запознава првин со основните, а потоа и со напредните елементи во играта. Благодарение на ова, во ниеден момент не се чувствувавме ниту изгубено ниту исфрустрирано. Секоја сесија беше шанса за преубаво и продуктивно искуство. Satisfactory е игра која потсетува на многу open world crafting игри, но, во суштина, ниедна игра не е како Satisfactory.

96-те проценти позитивни рецензии, засновани на над 150 000 рецензии на Steam, зборуваат за уникатно искуство кое открива запрепастувачки слоеви комплексност со секој поминат час во играта.

Од шупа до метропола

Првото нешто што пријатно нѐ изненади беше преубавата графика и одличната оптимизација на енџинот. По првичното снаоѓање низ планетата и собирање доволно железо, започнавме со основите поврзани со правењето на нашата фабрика. Како првиот објект, кој е и срцето на фабриката, the HUB ни дозволува да користиме crafting bench за да процесираме ресурси или пак да правиме најразлични рецепти. Почнуваме скромно и можеме да правиме само три работи кои, сосема случајно, се сосема доволни за надградба на нашиот хаб.

Благодарение на нашата прва надградба, можеме да изградиме центри за создавање опрема и пренослива екстракција на руда. Секоја наредна надградба е пропратена со ветување на значително повеќе награди, односно алатки, опрема и способности (како можноста за скенирање други руди). Од овој момент, лесно се распознава еден од главните гејмплеј елементи – вечната трка за проширување. Потребно е да правите најразлични работни станици, алатки, и опрема. За да успеете во тоа собирате соодветни ресурси, ги комбинирате и процесирате за да отклучувате клучни надградби, скокајќи, притоа, од еден извор на друг, и од трета работна станица на четврта.

Преубаво дизајнирани партиции кои потсетуваат на чиста, уредна научно-фантастична фабрика.

И покрај тоа што би можеле да помислите, Satisfactory е замислена да понуди релаксирачко искуство, нешто што константно се истакнува со спокојниот свет, милозвучната подлога, и пријатните форми на истражување. Нашата прва алатка беше преносливиот уред за екстракција на руда. Благодарение на ова, го направивме првиот чекор кон автоматизација и се погриживме во секое време да имаме одредени ресурси при рака. 

Но, не можете сѐ од она што ви е потребно да најдете во близина, како бакар, и често се охрабрува истражувањето на планетата и барање нови извори од драгоцените ресурси, како и нивен ефикасен транспорт до базата. Со ова се отклучува дополнителен предизвик, при што се бара од вас да експериментирате со поставување различни транспортни линии во зависност од теренот над кој поминуваат. На пример, влечење цевки од езеро до центарот значи правилно справување со вертикалниот терен, како планини. Покрај ова, ефикасната дистрибуција бара и правилна поставеност на цевките, но и внимавање на далечината, за да се се загрози капацитетот.

Во напорите да воспоставите правилна експанзија, константно истражувате собирате, преработувате и отклучувате надградби од материјалот на богатата флора и агресивната фауна.

Времето поминува, а вашата фабрика се шири и шири, се додека не прерасне во колосална турли-тава од испреплетени машини, станици, алатки, цевки и подвижни траки. Тука некаде почнавме да забележуваме проблеми со дишење, губење меморија и исклучување на кратки временски периоди, не знаејќи што да правиме попрво и како да реализираме одредени барања без да ја нарушиме ефикасноста на фабриката.

Бакарот отклучува жици и кабли, дозволувајќи ни да започнеме со дистрибуција на електрична енергија преку соодветна мрежа.

Во тие неколку првични преигрувања, често се давевме во апсолутен хаос од слатки маки, скокајќи низ мениа, често посакувајќи да кренеме раце и да почнеме сѐ од почеток. Ова го кажуваме за да бидете спремни на правење грешки, и тоа големи. Но, задоволството во Satisfactory е токму во правење грешки, откривање што најдобро функционира, а што не, и соодветно прилагодување. Како што напоменавме, играта се труди да ви сервира се преку едноставен интерфејс и да ви дозволи лесно справување низ огромниот свет, по почетната фаза на навикнување.

Ако не ви се допаѓа поставеноста не која работна станица можете брзо и лесно да ја поништите, со што целосно ви се враќаат ресурсите

Satisfactory е феноменално дигитално остварување и одличен наслов за сите оние што сакаат да направат комплексна фабрика во преубав отворен свет. Ние не сте преголеми фанови на осмислување автоматизирани процеси на екстракција, процесирање и рафинирање материјали, како и нивно користење за градење различни работи, но Satisfactory најде начин да ни се провлече под кожа и да нѐ освои. Првин со ветување за интересни оружја за справување со агресивните непријатели, а потоа и со потенцијалот за создавање импресивни возила. Сакајќи да видиме како би изгледало истражувањето и борбите, откривме дека и не е толку лошо да се стане основач на импресивна фабрика.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Coffee Stain Studios
  • Издава: Coffee Stain Publishing
  • Жанр: градење база во отворен свет
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 10 септември 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top