Ран преглед: The Anacrusis e Left 4 Dead во sci-fi руво

во Вести

Left 4 Dead игрите направија апсолутна експлозија во гејмерската индустрија и ги вратија зомби чудовиштата на големата врата. Таквото влијание уште се чувствува, иако од првата Left 4 Dead игра поминаа добри 13 години. Иако многу девелопери пробаа да ја рециклираат формулата на Valve со одреден успех, ниедна игра не им се приближи како Back 4 Blood. Осмислена од оригиналното студиот зад Left 4 Dead, Back 4 Blood успеја да внесе целосна ревитализација на жанрот и да понуди на гејмерите нешто што го чекаа повеќе од деценија. Дали Stray Bombay ќе успее во истото и со нивното чедо – The Anacrusis?

FPS акционата авантура, The Anacrusis излегува на 13 јануари, 2022, од развојното и издавачкото студио: Stray Bombay

Ентропија на случајниот избор

The Anacrusis е ко-оп игра за со уште тројца пријатели која, исто така, може и да се игра соло, при што другите сопатници се AI контролирани. Секое преигрување на нивоата нуди малку поразлично искуство. Благодарарение на AI директорот, секое преигрување е поразлично, а непријателите, оружјата и опремата се поставуваат во различни точки од мапата. Звучи познато, нели?

Дејството се одвива на огромен вселенски брод кој има залутано длабоко во вселената. Во играта влегувате со еден од четирите ликови кои ви се на понуда, а со ордата од вонземјани се справувате користејќи најразлични оружја. Моментно, имате на располагање три од пет планирани мини кампањи. Секоја кампања е поделена на пет дела кои се со времетраење од 10 до 15 минути.

На располагање имате интересни оружја и опрема за користење. Иако стандардните оружја се sci-fi ориентирани и ифрлаат ласери, односно плазма енергија, нивната употреба исклучително многу потсетува на стандарните оружја од Left 4 Dead. Специјалните оружја, меѓутоа, се друга приказна и нудат значително уникатни начини за пресметки на вонземјаните. Па така, додека еден ваш пријател фрла електричен лак кој молневито брзо се шири низ ланецот од група од непријатели, втор може да фрли граната која ќе ве опколи во штит и ќе ви даде доволно време да се излечите. Вакви комбинации на заедничка соработка се бројни и впечатливите моменти се создават во зависност од вашата моментна опрема и брзото размислување.

Тимот навистина се потрудил при осмислување најразлични гранати и додека една фрла леплива материја, друга активира вортекс кој ги вовлекува непријателите па ги отфрла на сите страни. Трета граната поплочува со пламени јазици, четврта ги суспендира непријателите во воздух, а петта се лепи на површини и има огромен домет на експлозија. Паралелно со ова, можете да поставувате и самоуправувачки турети, да горите непријатели со суперсилни ласери и многу, многу повеќе.

Непријателите несмасни, а сопатниците прејаки

Во The Anacrusis, зомби чудовиштата се заменети со вонземјани. Но, во поглед на нивното движење и напади, вонземјаните не се однесуваат ништо поразлично од мутирани, зомби чудовишта, што е навистина штета. Нивниот предизвик лежи во нивната импресивна бројка, која знае да се искачи и до стотици вонземјани. Во просторија со до дваесет чудовишта, не мора да испукате ниту еден куршум. Вашите AI контролирани сопатници се исклучително прецизни и чистат сè што ќе се осмели да мрдне. Но, во моментот кога ќе нападнат како орда, потребно е паметно искористување на просторот и вашите ресурси.

Како додатен предизвик се супериорните непријатели кои, погодувате, влечат трик-два од Left 4 Dead. Па така, често се соочувате со огромен вонземјанин кој руши сè пред себе и впива куршуми како сунгерот што впива вода. Друг супериорен непријател ве зграпчува со пипки и ве напаѓа сè додека не биде убиен од останатите сопатници. Има и неколку оригинални непријатели како Flasher која ја опсипува собата со пресилна жолта светлина и го ограничува вашиот видик, како и Spanner – непријател кој исфрла исклучително иритирачки билки.

Сево ова функционира солидно, но одредени ситници ве спречуваат целосно да бидете импресионирани од играта. Имено, стандардните непријатели често нема ни да мрднат иако сте само на метар од нив. Супериорните непријатели знаат да се заглават во просторот, а оружјата ја немаат онаа тежина која би ги издигнала од впечатокот дека држите играчка во рака, а не деструктивно и моќно оружје.

Со оглед на тоа дека се работи за игра во ран пристап, ваквото нешто очекуваме дека брзо би било искоренето, затоа што тимот што стои зад играта навистина има талент и точно знае што работи.

Божанствена вселенска опера

Она што е апсолутно за пофална е дизајнот на мапите. Огромниот вселенски брод го истражувавме со задоволство и често бевме крајно изненадени од креативно осмислените простори, ретко видени во некоја друга игра. Од клаустофобични ходници, преку фасцинантни раскошни полиња полни со вонземни билки, па сè до разрушени молови, The Anacrusis крие неочекувани визуелни локации кои се феноменално потпомогнати од одличната музичка подршка.

Низ целата авантура, ликовите кажуваат на каде да се оди, да се внимава на провалии, да се пребаруваат одредени соби, сè со цел да се дополнително истакне импозантната околина во која се наоѓате. Најдоброто од сето ова е тоа што не ви треба особено јак компјутер за максимално графичко уживање. Имено, i5 процесор и GTX 1060 одлично се справуваа со сè што нѝ беше фрлено на ултра графика и во ниеден момент не почувствувавме замрзнувања или опаѓање на фрејмовите.

The Anacrusis излегува на 13 јануари, како дел од раниот пристап на Steam. Дали да ја купите во оваа состојба? Дефинитивно! На играта допрва ќе се работи, а она што го има е сосема доволно за релативно одлична забава. Мини кампањите знаат да бидат исклучително долги, а благодарение на AI директорот играта има одредена вредност и во поглед на преигрувањето.

Има моменти кога The Anacrusis од петни жили се труди да не биде перципирана како Left 4 Dead клон, но, од друга страна, никако не може да излезе од сенката на поголемиот брат. Заинтересирани сме да видиме каде ќе отиде финалниот продукт, кој е планиран година дена по излегувањето во раниот пристап.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Pane24
Pane24
20 days ago

Насловната слика многу ме потсетува на рок ен ролот.