Ви опадна активноста на Facebook и се најдовте себе си како скрулате низ содржина која веќе нема логика и се решивте да го избришете вашиот профил, но бидејќи имате куп слики и пораки кои не сакате да ги загубите, правите компромис и не постапувате кон целосно бришење на профилот, туку правите само деактивација… Со ова дефинитивно сте направиле добар потег – бидејќи помалку време на друштвените медиуми, значи повеќе време за вас… но иако со овој потег вие завршивте и се збогувавте со Facebook, Facebook не завршил со вас…
За разлика од корисниците кои целосно го избришале својот профил, корисниците кои само ќе го деактивираат профилот имаат опција лесно да го реактивираат, а податоците кои ги оставиле може да си ги вратат назад. Она што можеби не го знаете е дека Facebook и покрај тоа што сте го деактивирале профилот, и натаму собира податоци за вас со секоја посетена веб-страница.
Како да го деактивирате и избришете Facebook профилот?
Деактивирањето на профилот прави неколку работи: тајмлајнот на профилот е недостапен, и профилот не се појавува во пребарувањето; податоците како слики или видеа иако неактивни не се бришат и може да бидат вратени назад; дел од податоците како комуникација на Messenger останува достапна и видлива.
Како да го деактивирате Facebook профилот?
- Од менито Settings & Privacy одберете Settings
- Во левата колона пронајдете и одберете Your Facebook Information
- Одберете Deactivation and Deletion
- Одберете Deactivate Account, па Continue to Account Deactivation, по неколку едноставни упатства ќе го деактивирате профилот
Бришење
Со бришењето корисниците треба да бидат малку повнимателни, иако Facebook остава период од 30 дена пред во целост да ги избрише податоците… сепак фотографиите и видеата ако немате бекап ќе бидат засекогаш отстранети. Додека пораките кои сте ги испратиле преку Facebook Messenger ќе останат зачувани во сандачињата на луѓето кои ги добиле. Малку поголем проблем со бришењето на Facebook е ако го користите за да се најавите на други сервиси на пример Spotify или Udemy. За да немате „главоболки“ најдобро е да ги префрлите на нормално логирање пред да го избришете Facebook, во спротивно ќе треба да проверите како да ги вратите назад или да контактирате со нивната поддршка за да ви се овозможи повторен пристап до тие сервиси.
Како целосно да го избришете Facebook профилот?
- Од менито Settings & Privacy одберете Settings
- Во левата колона пронајдете и одберете Your Facebook Information
- Одберете Deactivation and Deletion
- Одберете Permanently Delete Account, па Continue to Account Deletion
- Притиснете на Delete Account, внесете ја лозинката и на крај одберете Continue
Со бришење на профилот Facebook нема да ве следи или да собира податоци за вас, но нема да може ниту да го користите Messenger, што може да биде проблем ако некои од контактите ги имате само тука или сликите и видеата ако ги имате оставено единствено на друштвената мрежа.
Најголем дел од корисниците (признаваме, и ние мислевме така) не ни помислуваат на следењето по деактивирањето на профилот. Со оглед на информациите за праксата на друштвената мрежа кои се достапни веројатно ова не смее да не изненади, бидејќи Facebook е сѐ освен почитувач на вашата приватност.
Начинот на кој друштвената мрежа ги собира овие податоци не е нов и е познат од претходно. Facebook го нарекува „Off-Facebook Activity“ и овозможува следење на интеракцијата која корисниците ја имаат со други компании и сервиси. Проблемите со следење на корисници кои се одлогирани или немаат воопшто профил се стари барем 10 години, кога Facebook користеше колачиња за следење.
Овие податоци до друштвената мрежа доаѓаат по неколку канали. Facebook Conversion API е актуелниот и најнов канал кој го овозможува следењето на корисниците. Од претходно тука се Facebook Mobile SDK кои на девелоперите им овозможува да користат логирање со Facebook, споделување од апликации, користење на Graph API…; интернет колачиња и Facebook Pixel; „like“ и „share“ копчиња. Друштвената мрежа секако не може да им прикаже реклами на корисниците кои ја деактивирале апликацијата, но може да ги користи податоците за да го подобри својот алгоритам и она што го знае за самите корисници. На пример, пред активирањето на профилот друштвената мрежа го сместила корисникот во одредена категорија; ако оди и купи некоја видеоигра, податоците се користат за и на останатите слични членови кои се во истата категорија да им се понудат игри…
Секако овој бенефит кој Facebook го има од корисниците дури и откако нивните профили се деактивирани придонесува компанијата да го олесни деактивирањето и да го отежни целосното бришење. Така секој профил може да биде деактивиран неопределено долго, но од селектирање на бришење до вистинско бришење има 30 дена. Дополнително ова значи дека нема користење на Facebook Messenger што е сервис на кој може да ги пронајдете речиси сите денеска.
Ризик за огласувачите…
Собирањето на овие податоци од корисниците кои не се вистински присутни на друштвената мрежа не е без недостатоци и за останатите корисници на услугите на платформата. Најголем е проблемот за огласувачите кои не се информирани дека во податоците кои ги споделуваат со друштвената мрежа има и деактивирани профили. Кога бројот на деактивирани профили е поголем проблематично е креирањето и димензионирањето на рекламите кампањи, што генерално говори за лошите резултати во последно време кои се добиваат преку Facebook кампањи.
Facebook во податоците кои ги праќа кон клиентите не открива колку од информациите кои ги добиле се однесуваат на вистински активни корисници на кои можат да им ги прикажат рекламите.
„На овој начин станува проблематично за огласувачите да ги направат одлуките за својот буџет на основа на својот досег. Разбирам зошто Facebook сака да го третира пазарот како единствена голема публика. Можеби јас треба да започнам да велам: Сакам да го видам само оној дел од ричот кој Facebook може да го потврди, и потоа можеби да го намалам буџетот“, вели Taj Mартин, основач на Audience Kitchen.
Транспарентноста на Facebook е ужасна
Да речеме дека сега откако го прочитавте текстот одлучивте дека ви е доста од Facebook во моментов и сакате да направите мала пауза. Одите на страницата ги следите насоките за деактивирање на профилот и мислите дека сте безбедни на некое време.
За жал ова не е случај. Дури и да го деактивирате профилот со цел спречите собирање на податоци ако претходно сте го дозволиле ова и по деактивирањето собирањето на податоци ќе продолжи. Facebook всушност и ви нуди алатка која овозможува да видите кои страници им праќаат податоци – Off Facebook Activity.
Како да проверите кои страници ве следат кога не сте на Facebook
- Од менито Settings & Privacy одберете Settings
- Одберете Settings > Your Facebook Information
- Одберете Off-Facebook Activity
Веројатно ќе се зачудите кога сте ги посетиле сите тие страници и зошто цел интернет праќа информации на Facebook…