Како да се почне рецензија за конзола која е наследник на најдобрата конзола во последните 7 години? Од овие причини решив да не брзам. Да оставам време да спласнат впечатоците. Во време на хајп, кога се брои секој поминат ден додека да стигне, кога се рефрешираат сајтовите со новости нон стоп слчајно да не излегла нова информација, многу лесно може да се добие погрешна слика. Вистинската перспектива кај ваквите уреди се добива после подолго време користење.
Примерокот од конзолата беше добиен директно од PlayStation, односно PlayStation Macedonia и беше доставен две недели пред официјалното излегување во продажба.
Ќе ја поделам оваа рецензија на сегменти. Работи кои според мене се најважни за опфаќање.
| ХАРДВЕРОТ СПАКУВАН ПОД ПЛАСТИКАТА
Информативно (да не излезе дека сум испуштил да кажам) плејката е возена од специјално дизајниран чип од AMD и Sony базиран на Zen 2 технологијата. Графичката картичка исто така е потпишана од AMD. Конзолата има 16 гига рам, Bluetooth 5.1 и Wi-Fi 6. Ја има во две варијанти, со и без оптички драјв. Разликта во цената е 100 евра на европскиот пазар.
Оваа конзола дојде со 825 гига SSD на кое за жал може да се става само 667 гигабајти игри. Во моментот на пишување на овој артикл сеуште нема можност за користење на дополнителен NVMe драјв затоа што: 1. Sony сеуште ги нема извадено компатибилните производители и модели кои ќе можат да се објават и 2. Фирмверот кој е во моментов на конзолата не препознава било каков уред ставен во слотот за да може да се тестира. За да е маката уште подлабока, сеуште не сме на чисто како ќе се користи интерниот уред. Кружат гласини дека нема да може да се игра директно од него (како што е на пример на Xbox Serie X) туку ќе служи за on/off load на игри, односно тоа што нема да играте ќе оди таму, а тоа што го играте ќе мора да биде на основниот драјв на конзолата. Доколку е ова точно, можам да кажам дека е ужасно решение на Sony, но за сега нема официјален став по ова прашање од Sony и затоа ќе застанам без коментари.
Во однос на претходната конзола можам да забележам огромен НАПРЕДОК во сликата на HRD. Конзолата дојде на средина на играње на Sekiro (игра за претходната генерација) која за 5ката доби пач кој го отклучи фрејм рејтот на 60 фрејмови во секунда и можев реско да видам дека темните сцени станаа по дефинирани, а многу светлите сцени брзо се прилагодуваа и контурите беа по јасни. Истото го забележав и во Last of Us 2 и Ghost of Tsushima. Во ситуации кога се излегува од затворен простор (темна просторија или пештера) на отворено каде сонцето блешти директно во камерата, транзицијата на претходната генерација, PS4 PRO, беше неприродна, нагла и наметлива. Со новата генерација тој проблем е далеку помал. Повеќе не се забележува (толку) што значи дека не пречи.
Ладењето на конзолата е ВРВНО. Конзолата носи само еден 120мм вентилатор кој е широк 45 сантиметри кој е вметнат во голем ладилник со цевки распределени на круцијалните делови на плочата. Протокот на воздух е решен така што ладен воздух влече од горниот преден дел на конзолата (гледано доколку е вертикално поставена), а топлиот воздух се исфрла во долната половина на задниот дел на конзолата. Важно е што исфрлањето на воздухот не оди под 90 степени кон надвор, туку оди косо надолу кон дното што дава помалку шанса истиот да биде повторно повлечен во конзолата доколку е сместена во мал простори како што е полица во комода.
Овој иновативен систем сега за сега прави конзолата да е практично БЕСЧУЈНА, дури и на игри како Cyberpunk 2077 не се случи конзолата да додаде дополнителна моќ на вентилаторот. Заради тестирање намерно ја затворив конзолата во мал простор да видам како звучи кога ќе се прегрее и успеав да ја донесам до гасење за да се заштити од прегревање и можам да кажам дека бучавата која ја произведе пред да се „спаси“ беше иста како онаа на PS4 PRO кога се играше истата игра, CBP2077. Огромен ПЛУС и од овој аспект. Дополнително начинот на складирање на прашината во лесно достапни места под капаците е доста ИНОВАТИВЕН и за поздрав.
| „ВИЗИОНЕРСКИОТ“ ДИЗАЈН НА SONY
Многу СЛАБ дизајн морам да препишам и на сталакот за поставување на конзолата. Иако фраерски момент на чување на шрафот во самиот сталак, па и капачето за да се твори дупката на конзолата кога се поставува хоризонтално, овој начин е ретко нефункционален. Мене ми се изгуби капачето после неколку преместувања. Јас сум педантен човек кога станува збор за вакви уреди и очигледно дека ставањето на капачето негде било погрешно па така тој момент е комплетно непромислен. Уште поголем проблем е кога конзолата е хоризонтално наместена. Доколку е поставена на некоја полица во елемент под телевизорот (на пр.) и сакате да ја приближите кон себе за да прештекате некој кабел или да вметнете УСБ во задните портови, стендот односно пластичната подлога, држачот, излегува од своето лежиште и морате комплетно да ја извлечете напред за да ја наместите. Многу, многу, МНОГУ лош дизајн.
Јас не сум фан на целокупниот изглед. Во последните години се одеше кон минималистички изглед на сите елементи во домот. Строги рабови и рамни површини. Полно дрво и затворен делови. Дури и куќиштата за компјутери ја пратат таа насока. Храбриот потег на Sony воопшто не се вклопува во тој дел. Во моето опкружување од 10 домови на пријатели, само еден има бел или светол мебел околу телевизорот и тој не е со кривини кои го пратат изгледот на конзолата.
Дополнителен проблем на изгледот е дека доколку ја чувате конзолата во хоризонтална положба секогаш кога го оставате контролерот на неа имате впечаток дека ќе падне. Многу глупаво чувство. Моментот дека средината на конзолата е glossy, само наговестува дека ќе мора редовно да ја пребришувате затоа што прашината веднаш се познава. Па така, доколку конзолата не претрпи некакви дизајнерски измени од моја страна или од Sony, ја прогласувам конзолата за „тајна“. Ја кријам зад ТВ, комода, затворен простор да не се гледа затоа што со овој изглед УРЛА и двои од другите елементи. Повторно, за разлика од дизајнот на XBOX Series X, овој дизајн (според мене) е промашен.
| БИСЕРОТ НА СОНИ – DUALSENSE
Еден од најсилните адути на оваа конзола е DualSense контролерот. НЕВЕРОЈАТНО добро дизајниран на изглед, легнува многу природно во рацете. Прилагодувањето и навикнувањето е скоро инстантно. Единствено ми требаше малку подолго време да го навикнам палецот дека PS копчето е во линија со десниот стик па треба малку маневар за да се притисне. Дополнително на контролерот има MUTE копче кое го стишува микрофонот на самиот контролер. Голем минус што ова не го мутира микрофонот на официјалните PlayStation слушалици, но тоа верувам дека може да се реши софтверски во некоја од следните верзии на фирмверот на конзолата.
Тоа што е најфасцинантно на контролерот се новите haptics (тресењето) како и динамичните тригери на показалците кои сега можат да пружаат и отпор. Неверојатно чувство. Тресењето сега не е само на патерни кои ги прават двата ротори кои беа во претходниот контролер туку можат да симулираат тежина на некоја страна на контролерот. Сега со адаптивните тригери има опција кога оптегнувате стрела, како што се оптегнува жилата во играта, така и отпорот за да се врати L2/R2 во првобитна позиција е поголем. ОДЛИЧНО чувство. Сепак мислам дека нема многу девелопери да ги користат сите можности на контролерот. На сериозни игри овие додатоци можат да одмогнат повеќе отколку да помогнат, но сепак, за поздрав е и сметам дека ниту еден производител на конзоли во иднина не смее да си дозволи да исфрли на пазарот контролер кој ќе биде со можности под DualSense контролерот на PlayStation.
Интерфејсот на конзолата е променет. Сегашниот изглед дава предност на социјалните мрежи, стримање содржина и овозможување помош на играчот. Па така сега доколку го стиснете еднаш PS копчето ќе добиете пристап до долниот дел на менито во кое имате видеа и содржина за играта која моментално ја играте или пак гајдови и помош околу мисиите и загатките кои се во играта. Секако, оваа опција е оставена да ви ја овозможат девелоперите на играта, па така не се надевајте на помош за Souls игри (на пр).
Со држење на PS копчето добивате пристап до горниот дел на менито, „стариот“ изглед за маневрирање низ игрите и содржината која ја имате на конзолата кој е малку изменет.
| PSVR2?
SONY најави дека спрема нов VR*, односно PSVR2 како што се нарекува во гејмерските кругови. Прикажани беа само контролерите кои имаа одличен сферичен дизајн кој оди околу дланката. Сеуште нема најава кога ќе излезе, цената или пак како изгледа делот за главата и хардверот кој го носи*. За тоа време секако излегуваат игри во VR кои можат да се играат на PS5 со првата генерација на PSVR.
| ГЛАВНИОТ АДУТ НА СЕКОЈА ГЕНЕРАЦИЈА КОНЗОЛИ
ИГРИ, најјакиот адут на PlayStation во последната генерација. Јас верувам дека конзолата е толку успешна колку што е успешна библиотеката со игри која ја поседува. Веќе не е проблем хардверот. Хардверот се постигнува со минимални флуктации на цената на конзолата, но игрите, игрите се тоа што ќе ја продава. Претходната генерација на Microsoft „пропадна“ заради немање на игри и ексклузиви.
Во моментов SONY го држи приматот на најдобри ексклузиви за нивната конзола. Тоа што некои од нив (пр. Horizon Zero Dawn) ги овозможија и за PC, го докажува фактот дека Sony сака да заработи екстра пари и да ги измолзи веќе успешните франшизи, но фактот дека ќе ги заштити со временска рамка, односно прво да се појават на PlayStation 5, а месеци или години подоцна да се појават на PC, прави оваа конзола да биде прв избор на најголем дел од гејмерите.
Спротивната страна, Xbox, како најголем адут го користи Game Pass-от на кој Sony проба да одговори со PlayStation Plus Collection. Имено сите сопственици на PS5 со регуларната претплата на PlayStation Plus додаде 28* премиум игри кои може да ги играте во било кој момент без разлика дали сте претплатник 1 месец или 3 години.
Останува да го видиме одговорот на прашањата кои и имаме. Како ќе работи дополнителниот NVMe драјв, која цена ќе биде, кога ќе дојде PSVR2, која цена и со кои игри ќе пристигне и најважното, какви и колку ексклузиви ќе има Sony во иднина? Дополнително, ништо чудно да се преработи и PS сторот за да биде поблиску до конкуренцијата која во моментов апсолутно доминира на ова поле.
За крај, освен за изгледот, што е кмплетно субјективна гледна точка, немам големи замерки и сум задоволен од првата итерација на PlayStation 5. Уште повеќе, среќен сум што сум сведок на највозбудливата епоха во гејмингот и доколку и Вас ве засега оваа тема, сметајте дека сте благословени.
* Во момент на пишување на оваа рецензија.