Слика од британскиот математичар Алан Тјуринг, познат по неговите револуционерни откритија во компјутерската наука и криптографијата, неодамна беше продадена за речиси 1,1 милиони долари на дигитална аукција на Сотби. Ова не е обичен портрет, делото е изработенo од вештачката интелигенција Ај-Да (Ai-Da). Ова е хуманоиден робот кој во целост е управуван од вештачка интелигенција.
Ај-Да е направен да изгледа како жена со кратка коса. Со неа управува вештачка интелигенција и создава провокативни, „полуапстрактни“ слики. Името Ај-Да е во чест на Ада Ловлејс, математичарка и пионер во областа на компјутерите.
Проектот е идеја на Ајдан Мелер, поранешен галерист од Оксфорд. Тој составил тим од речиси 30 експерти за да го создаде роботот, кој сега ги поместува границите на уметноста, науката и технологијата. Откако е создадена, Ај-Да постојано се надградува технолошки, вклучително и нејзината „сликарска рака,“ која сега е веќе во третата верзија.
Инспирацијата за портретот
Портретот со наслов „Бог на вештачка интелигенција: Портрет на Алан Тјуринг“ го прикажува Тјуринг како „божество“ на вештачката интелигенција – симбол кој соодветно го претставува неговиот визионерски дух за потенцијалите на компјутерите.
Делото првично било наменето за конференција на Обединетите Нации посветена на вештачката интелигенција. Ај-Да го одбрала Тјуринг како своја „инспирација“, во чест на неговата визија за она што компјутерите може да станат.
Процесот на создавање на делото не бил едноставен и брз. Програмата на Ај-Да анализирала фотографија од Тјуринг и создаде 15 различни верзии на неговото лице, секоја фокусирана на различни аспекти од неговите карактеристики. Од овие, Ај-Да избра три дела како „финални“ и ги комбинираше со слика од машината Бомбе – уредот за криптоанализа кој Тјуринг го користел за да ги дешифрира воените кодови на Германија за време на Втората светска војна.
![](https://it.mk/wp-content/uploads/2024/11/1-ai-da-1b.jpg)
Надминување на очекувањата на надавањето
Првично проценета да се продаде помеѓу 120.000 и 180.000 долари, сликата привлече голем интерес со над 27 понуди, што ја зголеми цената на 1,1 милиони долари. Делото беше купено од анонимен купувач од САД, а приходите ќе се искористат за понатамошни подобрувања на технологијата на Ај-Да, осигурувајќи дека таа продолжува да се развива..
„Сите средства ќе ги инвестираме во проектот. Константно ја надградуваме. Ова е најзина трета рака за сликање.“, откри Ајдан Мелер за New York Times.
Нова ера за уметноста
Продажбата на Ај-Да не е прва за уметничко дело создадено од вештачка интелигенција. Сепак, барем засега е едно од најзначајните во однос на вредноста и културното влијание.
![](https://it.mk/wp-content/uploads/2024/11/3-self-portrait-with-new-arm-2022.jpg)
Во 2018 година, уметничко дело создадено од француски стартап со алгоритам беше продадено за 432.500 американски долари. Уметникот Рефик Анаџол продаде неколку „Машински Халуцинации“ – дела направени со вештачка интелигенција за милиони за време на NFT бумот во 2021. Работата на Ај-Да е поинаква. Како хуманоиден робот, има свој уникатен процес, замаглувајќи ја разликата меѓу човечките уметници и машинската логика. Нејзиното толкување на Тјуринг отвора поголема дискусија за развојната врска помеѓу технологијата и уметноста.
„Денес, доминантно е мислењето дека уметноста ја создаваат луѓето, за другите луѓе. Ова не било случај во минатото. Старите Грци чувствувале дека уметноста и креативноста потекнуваат од боговите. Инспирацијата беше божествена инспирација. Денес, доминантен начин на размислување е хуманизмот, каде уметноста е целосно човечка работа, која произлегува од човечката агенција. Сепак, сегашното размислување сугерира дека се оддалечуваме од хуманизмот, во време кога машините и алгоритмите влијаат на нашето однесување до точка каде што нашата „агенција“ не е само наша. Почнува да се надоврзува на одлуките и предлозите на алгоритмите, а целосната човечка автономија почнува да изгледа помалку стабилна.“, велат креаторите на Ај-Да.