Хардвер од минатата недела – нов хуманоиден робот, PlayStation 5 Pro, Ryzen 9800X3D

во Хардвер

Минатата недела имаше супер интересни хардвер вести. По долг период производителот на Rasperry Pi претстави надградба на дисплејот на допир. Оваа недела пристигнаа и првите прегледи на PlayStation 5 Pro, Meta отвори „продавница“ за Ray-Ban Meta очилата, започна продажбата на Ryzen 9800X3D, а кинескиот производител XPENG претстави хуманоиден робот.

Raspberry Pi Touch Display 2

Девет години по оригиналниот модел, Raspberry Pi го претстави Touch Display 2, HD тачскрин по цена од 60 долари со мулти-тач во пет точки. Новиот екран носи значајни подобрувања, вклучувајќи повисока резолуција и интегриран драјвер, што го прави корисен додаток за корисниците на Raspberry Pi кои бараат компактен тачскрин екран.

Touch Display  2 има подобра резолуција од 1280 x 720 HD. За споредба, оригиналниот модел доаѓаше со 800 x 480. Интегрираната драјверска плоча е вградена во екранот и се поврзува преку флексибилен кабел, а напојувањето се добива преку GPIO, што ја намалува потребата од дополнителни кабли. Оваа недела Tom’s Hardware имаше можност да го тестира додатокот, и покрај впечатоците сподели и одлични идеи за проекти.

Позитивни и негативни страни

Позитивни страни:

  • Лесна инсталација: Едноставно склопување со приложените кабли и штрафови.
  • Јасен екран и отчитува 5 точки на допир: Резолуцијата од 720p и регистрирањето на допир се брзи и одговараат прецизно.
  • Компактна интеграција: Го држи Raspberry Pi „скриен“ на задната страна, што овозможува лесна инсталација во куќиште.

Негативни страни:

  • Ограничен пристап до GPIO: Напојувањето преку GPIO зафаќа дел од пиновите што ја ограничува можноста за додавање на додатоци.
  • Деликатна рамка: Екранот е прилично голем, а заштитната рамка е тенка 2mm, па потребно е внимателно ракување.

Идеални употреби и апликации

Овој екран најдобро одговара за проекти како дигитални екрани, домашна автоматизација, монитори за 3D принтери и „направи сам“ таблети. За креативците кои бараат мал тачскрин екран, ова е добар избор кој лесно се интегрира со современите модели на Raspberry Pi, констатира Tom’s Hardware.

Touch Display 2 е супер надградба за корисниците на Raspberry Pi кои имаат идеја за проект за кој е потребен екран и  бараат тачскрин екран во мало пакување и HD квалитет.

Први прегледи на PlayStation 5 Pro

Минатата недела излезе новата конзола од Sony – PlayStation 5 Pro. Првите прегледи пишуваат дека надградбата е моќна, но го отвораат и прашањето за кого е новата конзола. PlayStation 5 Pro во САД чини 700 долари, во Европа конзолата се продава за околу 800 евра. Ова се модели без диск, а Blu-Ray дискот се доплаќа. Цената е значително повисока, па поважно од било кога е да знаете дали новиот модел на PlayStation е за вас.

Минатата недела Kotaku објави одличен водич за тоа дали ви е потребна новата конзола. Еве накратко детали од водичот:

Имате ли 4K 120Hz телевизор?

PS5 Pro е дизајниран за работа со висококвалитетен 4K 120Hz телевизор. Конзолата може да постигне 120 FPS и 4K за поостра слика. Без соодветен телевизор ова нема ниту да го забележите.

Image courtesy of Sony

Колку ви е важен Ray Tracing?

PS5 Pro ги подобрува перформансите на игрите при користење на ray-tracing. Ова прави визуелните ефекти да изгледаат пореалистично. Ако уживате во ултра-реалистични детали како во Spider-Man: Miles Morales или Alan Wake 2, тогаш промената на сегашната конзола со PS5 Pro би можела да ви се допадне.

Сакате самите да прилагодувате детали?

Ако сте од оние што сакаат да ги прилагодуваат сите поставки во играта, PS5 Pro е вистински сон. Многу игри нудат опции за избор и нагодување помеѓу графика и перформанси. Ако користите конзола, токму да го избегнете ова чепкање, новиот Pro ќе има помала вредност за вас.

Дали веќе поседувате PS5?

Ако веќе поседувате PS5, надградбата можеби не е неопходна. Основниот PS5 веќе нуди фантастична графика и одлични перформанси за најголем дел од играчите. Ако сѐ уште немате PS5, Pro изгледа примамливо, но само ако имате соодветен телевизор и ве интересираат најдобрите можни визуелни ефекти и перформанси. Дури и во овој случај, ако ја земете предвид и цената PS5 е можеби подобар избор.

За кого навистина е наменет?

PS5 Pro е идеална за ентузијасти кои сакаат врвна технологија, веќе имаат квалитетна опрема и знаат да ги прилагодуваат визуелните поставки. Дизајниран е за гејмери што бараат најдобро визуелно искуство, кое нема да биде на сметка на перформансите. Ако можете да ги забележите разликите помеѓу 30, 60 и 120 FPS, можеби сте во оваа група.

PlayStation 5 продаде 65 милиони уреди

Кога веќе сме кај Sony, компанијата објави дека успеале да продадат 65 милиони PlayStation 5 конзоли. Во второто тримесечје на 2024 продадени се над 77,7 милиони копии на видеоигри. Ова претставува раст од 14,9 отсто во однос на истиот период лани. Како последица на ова приходите на компанијата пораснале за 9 отсто, а профитот се зголемил за 73 отсто.

Најуспешни видеоигри во овој период се Black Myth: Wukong и Astrobot. Во второто тримесечје кинеската акциска-RPG на PlayStation и PC продаде над 20 милиони копии.

Meta отвори продавница за Ray-Ban Meta очила

На 8 ноември, Meta во Лос Анџелес ја отвори Meta Lab, интерактивна pop-up продавница посветена на Ray-Ban Meta паметните очила. Оваа привремена продавница ќе биде отворена до 31 декември. Посетителите ќе имаат можност да ги испробаат очилата и да ги персонализираат кутиите за очила. Освен за купување, Meta Lab ќе организира настани со локални креатори, вклучувајќи стенд-ап настапи, поткасти во живо, па дури и часови за готвење, овозможувајќи интерактивно искуство за посетителите.

Image courtesy of Meta

Оваа pop-up продавница е продолжение на претходното Meta Lab претставување на Connect 2024. Тогаш компаниајта претстави транспарентни верзии на Ray-Ban очилата. На тој настан над 90% од посетителите ги испробале очилата, а околу 25% се одлучиле да ги купат. Сепак, новиот pop-up во Лос Анџелес додава локално и донекаде постојано присуство.

Pop-up продавниците станаа популарен избор за промоција на паметните очила. Ова беше случај и со Snap Spectacles автоматите. Овие краткотрајни поставки се исплатливи во скапи градови како Лос Анџелес, овозможувајќи флексибилност за претставување на нови технологии пред јавноста без големи трошоци за физички продавници.

Image courtesy of Meta

За оние што не се во Лос Анџелес, планиран е уште еден Meta Lab. Ќе се отвори во јануари во Феникс. Слично како во Лос Анџелес, и во Феникс повеќе луѓе ќе имаат можност да ги доживеат Ray-Ban Meta паметните очила одблиску. Дали потенцијалниот успех на овие pop-up продавници ќе донесе и трајни продажни места сѐ уште останува непознато. Засега, Meta ги користи овие pop-up продавници за тестирање на идните можности.

Започна продажбата на Ryzen 9800X3D

Новиот чип на AMD Ryzen 9000X3D ги сруши сите рекорди, и го освои приматот за најдобар гејминг чип. Доаѓа со 8 физички и 16 виртуелни јадра. Ја користи најновата 3D V-Cache технологија на AMD, која сега е и надградена. Новата архитектура му овозможува на 9800X3D не само да ги надмине можностите на Core i9-14900K од Intel, туку и на неодамнешниот Arrow Lake Core Ultra 9 285K, надминувајќи ги за 30% и 35%, во различни сценарија за игри. AMD тврди дека 9800X3D обезбедува 20% подобри перформанси во однос на најдобрите модели на Intel.

Подобрувањата му овозможуваат на Ryzen 7 9800X3D да достигне брзина до 5,2 GHz. Ова го прави идеален за гејмерите на кои им е потребна стабилна изведба за време на најинтензивни графички „тешки“ сесии. Во споредба со претходниот Ryzen 7 7800X3D, 9800X3D покажува околу 8% подобрување во перформансите кај видеоигрите. Пред сѐ, ова се однесува на насловите што имаат придобивки од поголемата L3 кеш меморија. Оваа подобрена кеш меморија го намалува доцнењето на меморијата и ја подобрува стабилноста на бројот на фрејмови.

Ryzen 7 9800X3D: Популарност и недостаток на пазарот во Европа

Ryzen 7 9800X3D брзо ја освои популарноста на пазарот поради извонредните перформанси во гејмингот. Веројатно очекувано, ова доведе до недостиг на залиха во САД и Европа. Најголемите продавачи пријавија дека се целосно распродадени. Дел од нив мораа да откажат дел од преднарачки поради преголемата побарувачка. Оваа ситуација предизвика и појава на шпекуланти, кои продаваат 9800X3D по превисоки цени. Според податоците кои ги спорели Tom’s Hardware, цената на eBay надминува 1000 американски долари.

Ryzen 9 9950X3D ќе го надмине Ryzen 7 9800X3D

Од излегувањето на 9800X3D поминаа едвај неколку дена, а можно е AMD наскоро да претстави, нов уште побрз чип. Без никаква најава, во Factorio бенчмарк резултатите се појави резултат за Ryzen 9 9950X3D. Тестот покажува одлични перформанси, надминувајќи го новообјавениот чип. Резултатите на 9950X3D сугерираат дека ова може да биде новиот врв на AMD. Перформансите се до 18% подобри од моментално најбрзиот гејминг процесор.

Factorio бенчмарк тестот е уникатен бидејќи поради огромните процесирачки потреби на играта, се фокусира на бројот на ажурирања во секунда наместо на бројот на фрејмови во секунда.

Импресивните перформанси го позиционираат 9950X3D како следна генерација на врвни гејминг процесори, следејќи го успешниот пат на AMD со 3D V-Cache процесорите. Со шпекулации за поголем кеш и повисоки брзини, овој нов Ryzen процесор ветува нови „височини“ за гејмингот, особено за игри што бараат екстремна процесорска моќ.

XPENG по примерот на Tesla, производителот на електрични возила претстави робот

На својот настан AI Day 2024, кинескиот производител на електрични возила XPENG го претстави својот прв хуманоиден робот, наречен Iron. Роботот има 60 зглобови за 200 степени на слобода на движење. Ова му овозможува да ги имитира човековите движења. Со висина од 178 cm и тежина од 70 килограми, Iron не е само за покажување. XPENG откри дека веќе работи на производните линии на XPENG, помагајќи при склопувањето на новото електрично возило P7+.

Iron го користи напредниот Turing AI чип на XPENG, со 40 јадра, кој овозможува обработка на задачи што бараат брза адаптација и прецизност. Овој чип управува со AI модели со 30 милијарди параметри и постигнува ефективност до три пати поголема од индустрискиот стандард. Благодарение на ова, Iron може да размислува, да се прилагодува и да извршува сложени задачи како манипулација со деликатни делови и одење, вели Interesting Engineering.

Визијата на XPENG за роботот Iron е и поголема од фабричките задачи. Плановите за иднината вклучуваат улоги како лични асистенти во продажни центри, канцеларии и домови. Ова го поставува Iron како директна конкуренција со роботот Optimus на Tesla, но и на куп други роботи.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments