Борис Јаневски е сопруг, татко и искусен Android девелопер со страст за акробатско летање со параглајдер. Но, ова не е приказна за неговиот балансиран живот, туку за тоа како еден поранешен припадник на МВР реши да го искористи своето стекнато знаење во програмирањето за да им ја олесни работата на своите поранешни колеги. Резултатот е УПС, апликација која го менува начинот на кој полициските службеници работат.
Инспириран од сопственото искуство на терен, Јаневски креираше алатка која овозможува интуитивен пристап до закони и прекршоци, како и евиденција на прекувремени часови. УПС нуди брз и лесен пристап до клучни информации, олеснувајќи ја секојдневната работа на полициските службеници. И покрај предизвиците, Борис успеа да изгради апликација со речиси 2000 активни корисници, со амбициозни планови за идни надградби и потенцијална интеграција на вештачка интелигенција.
Со Борис зборувавме за апликацијата која ја изработи, за технологијата која ја користеше, како и за идните планови.

Што те инспирираше да ја изработиш УПС?
Како поранешен припадник на МВР, за време на теренската работа забележав значителен недостаток на достапни информации, како што се членови од закони, постапки за работењето и слично, кои ми требаа да ги имам веднаш на располагање. Во тоа време веќе имав почнато да учам програмирање, па дојдов на идеја да изработам корисна алатка која би ми била од помош на мене, но и на моите колеги. За краток период го развив концептот и ја изработив апликацијата. Сепак, кратко по нејзиното објавување, апликацијата беше отстранета од „Google Play Store” поради неисполнување на одредени политики за приватност. Повторно ја објавив некаде почетокот на 2025-та година и во моментов има скоро 2000 активни корисници
Што точно овозможува УПС за припадниците на МВР?
УПС овозможува едноставен преглед на сите закони кои се од значење за МВР и за работата на полициските службеници. Воз посебни секции се издвоени најчестите прекршоци и кривични дела со кои полицајците најчесто се соочуваат. Ова овозможува брз пристап до клучни информации при изготвување на службена документација.
Покрај оваа функционалност, апликацијата овозможува внесување и евидентирање на прекувремени работни часови — податок што е од исклучителна важност за секој вработен во министерството, бидејќи овозможува брз и прецизен увид до остварувањето на правото за бонус плата.
Кои технологии ги користеше за развој на апликацијата? Кој е tech stack-от?
Апликацијата е програмирана во “Kotlin” и “Jetpack compose UI framework”, како бекенд користам “Firebase”, а за локална база “Room library”
Користеше ли АИ за изработка на апликацијата. Ако „да“, како ти помогна?
Во програмирањето користам АИ само за креирање концептуални решенија, но никогаш за конкретна имплементација, бидејќи досега ми се има покажано како многу „error-prone“ доколку преземам директни имплементации. Конкретно, во УПС апликацијата, вештачката интелигенција ми помогна при пишување тестови и некои „utility“ функции.
Имаш ли некои планови за монетизација на УПС?
Во моментов, УПС апликацијата е достапна бесплатно, но можностите за монетизација не се исклучени, особено по развојот на специфични функционалности кои би имале значителна вредност за корисниците. Во таа насока, разгледувам начини за интеграција на вештачка интелигенција со цел дополнително да ја поедноставам и олеснам работата на полициските службеници, особено оние кои работат на терен.
Какви се други плановите за иднина, работиш ли на некои нови функционалности или други продукти?
Во моментов работам на концепти за две нови функционалности во апликацијата, но времето за имплементација ќе зависи од тековните професионални и семејни обврски. Засега, не работам на други проекти, освен на помали апликации што ги користам за тестирање и за учење на нови концепти.







