RoadCraft: креативна обнова на светот

Подгответе се да ги засукате ракавите и да ја преземете улогата на лидер на компанија која специјализира за обновување на локации погодени од природни катастрофи. Како симулација која одлично се надоврзува на претходниците MudRunner и SnowRunner, RoadCraft ве става на чело на операциите за расчистување и реконструкција, каде што вашата градежна механизација е клучот за враќање на животот во опустошените региони и рестартирање на локалната индустрија. Но, со желбата да задоволи и тврдокорни фанови на симулации и на поаркадните гејмери, играта на моменти остава впечаток како да страда од криза на идентитет.

Од хаос до функционалност

Во RoadCraft,  вие сте последната надеж за заедниците кои се соочуваат со последиците од екстремни временски услови. Вашата компанија за справување со катастрофи е повикана да се справи со широк спектар на задачи. Ова вклучува расчистување на остатоци и неисправна опрема, обнова на патишта и мостови оштетени од невреме, поставување на конвои со ресурси за производство на нови материјали за реконструкција и многу повеќе. Секоја успешно завршена задача придонесува за заживување на локалната економија и враќање на нормалниот живот.

Моќта на машините

RoadCraft ветува ново искуство во жанрот со симулациите благодарение на новиот енџин развиен од Saber Interactive. Тоа значи дека доколку бевте импресионирани од визуелните убавини во MudRunner и SnowRunner, ќе наидете на уште повпечатлива убавина со RoadCraft. Паралелно со ова, можете и да очекувате и реалистична физика, каде што секој објект се однесува во согласност со неговата маса и големина. Ќе можете да манипулирате со елементи како песок, дрво и асфалт, па дури и да го преобликувате теренот за да го олесните движењето на вашите возила преку новоизградените патишта.

Секоја машина во играта има свое уникатно движење и намена. Ќе користите булдожери за расчистување на пречки, тешки транспортери за пренесување на повеќе возила истовремено, како и фиксни или портални кранови за подигање на контејнери и опрема. Посебни машини како поставувач на кабли ќе ви овозможат повторно да поврзете фабрика со електричната мрежа, додека со асфалтер и валјак ќе можете да создавате сопствени патишта. Играта нуди преку 40 возила кои се отклучуваат како напредувате низ кампањата. Дополнително, ќе можете да ја посетите вашата гаража за да ги прилагодите машините со логото на вашата компанија и да ги префарбате во персонализирани бои.

Како што претходно напоменавме, серија од катастрофи имаат предизвикано хаос, отсечувајќи го пристапот до многу погодени области ширум светот. Поради тоа, вие имате за задача да реагирате на најразлични локации, од планински предели, преку срцето на пустината па се до крајбрежни региони. Играта нуди 8 уникатни мапи за истражување, секоја со површина од 4 km². Секоја од овие територии се одликуваат со сопствени биоми и градби, принудувајќи ве да ги истражувате напуштените фабрики, поплавените брани или нефункционалните соларни полиња, пребарувајќи го секој агол за да ги постигнете вашите цели и да обезбедите нови договори за дополнителни средства и искуствени поени.

Нема ништо за фрлање

Управувањето со ресурси е клучен аспект на RoadCraft. Ќе собирате остатоци од дрво, челик и цемент и ќе ги трансформирате истите во компоненти во вашите постројки за рециклирање – секој дел од отпадот може да се искористи за реконструкција. Ќе треба да снабдувате фабрики и каменоломи за песок за масовно производство на ресурси. Како оперативен менаџер, ќе ги водите вашите транспортни камиони со исцртување на нивните рути на мапата, осигурувајќи се дека нема пречки на нивниот пат.

Заедничка обнова

Светот на RoadCraft нуди мноштво активности, а играта овозможува и нивно завршување заедно со пријателите. Можете да поставите кооперативна сесија за најмногу 4 играчи. Ова овозможува поделба на задачите или заедничко фокусирање на една цел, комбинирајќи ги вашите сили и генијалност за да пронајдете решенија, дури и оние најнеочекуваните. Но, има одредени аспекти во кои играта е исклучително предизвикувачка и бара огромно внимание, трпение и рефлекси, а во други момети, каде можело да се имплементираат слични макотрпни системи, имате целосно автоматизирани процеси каде вие ништо не работите, туку само чекате процесот автоматски да заврши.

RoadCraft е сеопфатна симулација која ве става играчите во улога на вистински херои кои обновуваат светови погодени од катастрофи. Со својот фокус на реалистична физика, разновидна механизација, управување со ресурси, истражување на големи мапи и можност за кооперативно играње, оваа игра нуди длабоко и наградувачко искуство за љубителите на симулацискиот жанр. Со оглед на тоа дека играта доаѓа од вистински ветерани кои одамна се имаат докажано во овие води, нема никако сомневање дека фановите на  претходните игри нема да бидат и тука  задоволни, особено на подолг временски рок.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Saber Interactive
  • ИздаваFocus Entertainment
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 20 мај 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments