Поминете го викендот со Krzyżacy, Aurora или Koa – 3 игри за одлична забава (giveaway за една од нив!)

Во поглед на гејминг остварувања, неделава ќе биде запаметена првенствено по Remnant II. Светот беше апсолутно фасциниран од овој Souls-like шутер, а и ние не штедевме пофални зборови во нашата рецензија! Минатиот викенд решивме да ви предложиме три нови, но интересни игри, а некако и овој викенд би сакале да го направиме истото, фокусирајќи се првенствено штотуку излезени, но помалку познати инди наслови кои припаѓаат на различни жанрови.

За една од трите игри за кои ќе прочитате имаме giveaway, во форма на Steam клуч. Се што треба да направите е да ни се приклучите на нашата Steam Curator група и да ги следите условите од таму!

Krzyżacy – The Knights of the Cross се одликува со длабок гејмплеј на собирање сопатници и користење моќни карти

За потребите на приказната, девелоперите ја имаат прилагодено и вметнато приказната на полскиот нобеловец Хенрик Шенкевич. Играчот се втурнува во 15 век каде се сведочат вознемирувачки судири помеќу полско-литванскиот народ и бруталните тевтонски витези. Во улога на витез, вашата задача ќе биде да собирате уникатни сопатници и најразлични моќни карти кои ќе им помогнат на полско-литванската алијанса во борбата против тевтонските витези.

Звучи како пример за одлична средновековна авантура, нели? Во поголемиот дел и е, особено кога ќе земете во предвид дека се работи за релативно долго патување испреплетено низ седум поглавја и со над 200 споредни квестови и настани. Како додатни слоеви сложеност и зголемена вредност на преигрување, одредени избори што ќе ги донесете го менуваат понатамошното развивање на приказната.

Како што напоменавме, клучниот гејмплеј е поделен на сопатници и карти. Од една страна, на располагање имате 30 релативно каризматични сопатници; секој од нив со задоволство ќе ви ја каже нивната лична приказна, а доколку решите да им помогнете со нивното проблематично минато, ќе добиете дополнителни карти или опрема. Секој од вашите сопатници се одликува со моќни способности кои значително допринесуваат до издвојување победа на бојното поле. Ова е реализирано во комбинација со pixel-art и 2D live анимации и е вистински празник за очи, особено за љуботелите на ретро-инспирирани JRPG игри.

Наспроти она што би можеле првично да помислите, издвојување победа не е баш едноставна работа и потребно е внимателно да ги бирате сопатниците, опремата која им ја дадете, како и картите кои ќе ги користите. Паметно жонглирање со овие три фактори е клучна стратегија пред и за време на битките, нешто што знае да биде двојно проблематично при соочување со босовите. Одредени сопатници функционират одлично еден со друг и можете да ги комбинирате за употреба на заеднички напади (комбо).

Ако сте фанови на Slay the Spire, тогаш би можело да ви се допадне она што ќе го најдете во Krzyżacy – The Knights of the Cross.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Olive Panda Studio
  • Издава: Olive Panda Studio
  • Жанр: RPG, Card Builder
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 20 јули 2023

Aurora: The Lost Medallion – The Cave e демо за класична авантура која ветува многу!

Aurora сеуште не е излезена, но, доколку немате многу време за гејминг, а сте љубители на класични авантури, сакавме да ви го насочиме вниманието кон шармантното демо кое е излезено за играта. Се работи за игра која пушта длабоки корени во point and click жанрот – авантури кои во последно време ни делуваат како да се на работ на изумирање.

Преку демото, Aurora: The Lost Medallion – The Cave од петни жили се труди да ве заинтригира со интригантни ликови преку симпатична, рачно нацртана графика и загатки кои озбилно ќе ја тестираат вашата интелигенција. Како дополнителен плус, гласовите ги позајмуваат талентирани актери, а дијалозите се паметно напишани да во ниеден момент не сакавме да ги прескокнеме разговорите.

Во демото, Аурора игра криенка со нејзините другарчиња и мора да ги пронајде сите кои се кријат низ седумте области на технолошка напредната пештера. Деца како деца – некои од нив ќе ги најдете исклучително лесно, но за некои ќе мора да стапувате во интеракција со бројни предмети, да видите како може да се искомбинираат предметите и потоа како да се искористат за да се пронајде останатиот чопор од дечиња.

Бидејќи демото, а и целата игра влече силна инспирација од класици како The Dig и Indiana Jones and the Fate of Atlantis, некои од загатките знаат да бидат исклучително предизвикувачки и тешки за дешифрирање. Но, еднаш кога ќе „испровоцирате“ да се открие некое дете можете со истото да разговарате за да откриете каде се користат останатите. Финалниот резултат е едночасовно демо полно со шарм, интересни и одлично одглумени дијалози и паметно осмислени загатки – сосема доволно за да ве натераат да посакате подолг престој во овој sci-fi универзум.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Noema Games
  • Издава: Gamera Games, Noema Games
  • Жанр: Point and Click авантура
  • Платформа: Microsoft Windows

Koa and the Five Pirates of Mara е релаксирачки коктел кој ќе ве опушти со симпатична графика и забавен гејмплеј

Како трета игра, решивме да препорачаме наслов за помладата публика. Ако имате дечиња кои сакате да ги забавите со акционо патување низ бројни и различни острови, избегнување замки и борби со интересни босови, тогаш Koa and the Five Pirates of Mara е солиден наслов со голем фактор на забава.

Играта почнува исклучително едноставно, со прва мисија која ви ги обраснува основните движења, а втора ве замолува да собирате школки за да поубаво ја впиете шармантната околина. Понатаму работите значително се комплицираат и се втурнувате во серија од платформски предизвици каде е потребно да скокате, тркалате, да избегнувате препреки, да активирате работи и собирате школки, школки и уште школки, се со цел да стигнете до финалната дестинација.

На почетокот кажавме дека ова е игра за помладата публика, но доколку и пристапите од speed-runner-ски аспект тогаш играта може да биде интересен предизвик и за ветераните. Имено, одредени мапи се полни со препреки кои бараат брзи рефлекси и темпирање на движењата и ако сакате да ја преминете што е можно побрзо, верувајте дека ќе паднете два-триесет пати. :)

Koa and the Five Pirates of Mara e солидно оптимизирана и иснтражувањето на преубавите острови е можно и на послаби компјутерски конфигурации. Анимациите се симпатични, а музичката подлога брза и забавна – апсолутно се во играта е замислено да ве опушти, расположи и да не принуди да се чувствувате добредојдени. Ако викендов се мислите со кој платформер да одите, нема да погрешите доколку прижите шанса на Koa and the Five Pirates of Mara!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Chibig, Talpa Games, Undercoders
  • Издава: Chibig
  • Жанр: платформер, релаксирачка авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, PS
  • Излезена на: 27 јули 2023

Тоа беа игрите кои ги издвоивме за вас овој викенд! Потсетуваме дека една од нив со задоволство ќе ви ја подариме! Не заборавајте да не следите на нашата Steam Curator група за деталите! :)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk