Најпопуларната платформа за пронаоѓање на одговори, барем кога кодирањето е во прашање – Stack Overflow го претстави својот план за развој на вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција ќе биде интегрирана во веќе постоечката алатка „Stack Overflow for Teams“, но и на неколку други локации.
„Како што ветивме кога ја најавивме нашата инвестиција во вештачка интелигенција, нашиот пристап е единствен. Наша цел е и натаму да останеме верни на првичното ветување на Stack Overflow, да ја задржиме нашата заедница во центарот, да обезбедиме довербата и атрибуцијата да бидат темел на она што го градиме, а луѓето кои придонесуваат со своето знаење да бидат препознаени за своите напори“.
Overflow AI ќе биде додаден и во пребарувањето на веб-сајтот и ќе овозможува добивање на генериран одговор врз база на прашањата. Кога ќе биде завршен овој дел ќе наликува на ChatGPT специјализиран за код. Корисниците на разговорен јазик ќе поставуваат прашања, ќе добиваат одговори, ќе може да постават дополнителни прашања, и слично. Во Stack Overflow разгледуваат како е најдобро да се атрибуираат и цитираат одговорите од кои се генерира содржината. Слична надградба ќе биде достапна и на Stack Overflow for Teams.
Корисниците на Stack Overflow for Teams ќе имаат можност да ја користат функционалноста и со StackPlusOne четботот. Интеграцијата ќе овозможи генерирање на решенија и одговори во Slack.
Конечно, најавена е и верзија за Visual Studio Code. Екстензијата ќе прикажува содржина која е потврдена, директно во едиторот, без да ја нарушува работата на корисниците.
Една од можните причини за прифаќање на вештачката интелигенција за најголемиот форум за програмери секако е намалениот сообраќај на сајтот. Во март сообраќајот на Stack Overflow беше намален за 14%. Со додавањето на вештачка интелигенција на платформата, сообраќајот веројатно ќе порасне.
92 отсто од девелоперите во САД користат вештачка интелигенција
Во јуни GitHub сподели податоци од анкетата направена со девелопери кои работат од САД. Дури 92 отсто од испитаниците користат алатки поддржани од вештачка интелигенција на работа, но и надвор од работното место. Четири од пет девелопери се надеваат дека во иднина овие алатки ќе бидат подобри за работа во тимови.
Дури 72 % од овие девелопери сметаат дека благодарение на вештачката интелигенција ќе пишуваат подобар код, побрзо.