Рецензија: Remnant II е достојен наследник кој се надградува на оригиналот од секој можен поглед

Пред четири години, ја имавме екслузивната можност да ја тестираме Remnant: From the Ashes. На времето, фраза со која често се етикираше играта беше: Dark Souls со огнени оружја. Авторот на овој текст никогаш не бил фан ниту на Dark Souls ниту на Souls-like игри и пристапот кон Remnant: From the Ashes ни беше исклучително претпазлив и полн со предрасуди. Токму поради тоа, можете да го замислите нашето изненадување кога се најдовме како апсолутно уживавме во играта. И покрај константно умирање од предизвикувачки непријатели и уште посмртоносни босови, имаше нешто магично во Remnant. На сличен начин на кој Dark Souls освои милиони фанови, и ние се најдовме целосно опседнати од чедото на Gunfire Games.

Целиот универзум, бројните светови, одличните акциони механики и длабоките RPG елементи направија огромен фан од нас. Двете последователни додатоци за играта ги поделија фановите, но ние и понатаму останавме максимално посветени на играта и користевме бројни прилики да се навраќаме во рандомно генерираните светови со нашите пријатели. Четири години подоцна, Gunfire Games одново се враќа со Remnant II, но дали успева целосно да се надгради на оригиналот или само нуди повеќе од истото?

Светови легнати во рушевини

Remnant II се надоврзува на приказната од оригиналот. Овојпат креирате нов скитник и по прологот кој ве воведува во приказната и ве запознава со централните ликови, буквално сте фрлени на световите. Во Remnant II истражувате светови. Секој свет е поразличен од претходниот; некои влечат инспирација од фантазиски, а некои од постапокалиптични универзуми; некои прикажуваат монументални раскоши, мермерни ходници и позлатени огради, додека други светови откриваат угнетувачки пустош кој мистериозно алудира на напредни цивилизации разорени од катаклизма.

Световите се осмислени со мазохистичка посвета на детали. Во ниеден момент не можете да помислите дека девелоперите користеле кратенки. Како резултат, одекнува уникатност која го вовлекува играчот и го потопува во зависна имерзивност; слатко, но макотрпно истражување на секој ходник, платформа или соба, не само за да се открие некој плен туку и да се целосно впие уникатниот дизајн. Низ оние светови каде има цивилизација и јазик за комуницирање, ќе наоѓате книги со целосни приказни. Приказните се паметно осмислени и си формираат задоволителна целина која кулминира со интригантна поука.

Тука е и приказната помеѓу вас и ликовите, со огромна драма и интрига развлечена низ часови и часови акциони моменти и адреналински пресметки. Токму поради ова, особено важна е класата со која ќе решите да играте…

Класна супериорност

За разлика од оригиналот, класата, односно Arche типот што ќе го одберете по завршување на прологот значително ќе влијае на сите ваши билдови во иднина. На почетокот од играта ви се нуди да одберете една од четири класи, но Remnant II крие значително повеќе класи кои ги отклучувате како играте. Remnant II ја користи секоја прилика да ве охрабри да преигрувате делови од играта бидејќи пушта длабоки корени во рандомно генерирање содржини и откривање плен на различни места и во неповторливи ситуации. Она низ што вие ќе поминете може да биде целосно различно за другите играчи.

Иако Remnant II е замислена како ко-оп игра со уште двајца пријатели, ние апсолутно уживавме соло! Никој од пријателите немаше нерви да ги задоволи сите наши хирови за внимателно и етапно истражување и, искрено, сметаме дека се губи нешто магично кога ќе влезе некој во вашиот свет и ќе почне да се тркала и да скока како да има епилептичен напад – се крши имерзивноста.

Од друга страна, во моментот кога ќе поминете еднаш низ светот и кампањата поврзана за тој свет, дефинитивно препорачуваме одновно навраќање, но не сами, туку во група! Секое наредно преигрување строго се препорачува со други луѓе бидејќи класите се замислена да се функционални соло, но да се крајно супериорни во група. Класите се дизајнирани за да се надополнуваат една со друга и секоја класа помага на останатите на еден или друг начин. Епско е чувството кога ќе ставите крај на навидум несопирливи сили преку комбинација од заеднички способности и стратешка координација.

Од почетните класи кои се на понуда, ние ја одбравме Handler и во ниеден момент не го зажаливме изборот. Се работи за феноменална класа за соло истражување каде сте пропратени од куче кое ги провоцира непријателите, им го презема вниманието и прави забележителна штета. Ако ве убијат, кучето верно ќе дојде до вас и ќе ве дигне на нозе. Подоцна во играта, ќе може да завива и да ве лечи со вашите сопатниците. Како се вклопуваат оружјата во сево ова?

Деструктивен арсенал од можности

Во Remnant II многу работи влијаат на вашите шанси за преживување. Опремата која ја носите се одликува со статистички вредности кои се важни од офанзивен аспект, а оружјата кои ги користите се доволно разноврсни и, по кратко експериментирање, ќе го најдете вашето омилено. Секое од оружјата ќе можете да го надградувате и да го правите поефикасно при справување со непријателите. За економично штедење на муницијата, имате на располагање и серија од студени оружја кои можете да ги користитен во ситуации на блиски пресметки.

За дополнителнен бонус, можете да носите различни прстени кои ви даваат статистички засилувачи, како 30% бонус физичко и елементарно оштетување, поголема издржливост при намалување на здравјето, и слично. Ова, во паралела со разна храна и напитоци знаат да ве извлечат од навидум невозможни ситуации; затоа се препорачува често навраќање во хабот, разговарање со ликовите, купување ресурси, опрема, оружја како и создавање и надградба на истите. Како резултат, ви се заканува нешто исклучително магично…

Еуфоричен престој

Remnant II го почитува вашето време и ви дозволува уживање и во кратки и во подолги сесии, нудејќи притоа длабоко искуство со непредвидливи можности. Овој механичко задоволителен шутер нуди флуедно движење во епско опкружување, незаборавни битки со инвентивни непријатели и комплексни RPG механики. Доколку и пружите шанса, она што ќе најдете се капки и капки од впечатливи моменти кои се собираат во езеро од свежо и неповторливо искуство.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Gunfire Games
  • Издава: Gearbox Publishing
  • Жанр: Souls-like, авантура, акциона RPG
  • Платформа: PlayStation 5, Xbox S/ X, Microsoft Windows
  • Излезена на: 26 јули 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.75
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments