Поминете го викендов со Madshot, Gunsmith Simulator и Bloodhound – 3 одлични игри за пеколно добра забава!

Ни се заканува пеколно жежок викенд и она што ние би ви препорачале е да ја вклучите климата, да си се почастите со кафе, а потоа и со една од следниве три игри! Се работи за штотуку излезени наслови кои за исклучително кратко време успеаја да соберат позитивни рецензии на Steam и да ги импресионираат играчите што со графиката, а што со инвентивните гејмплеј механики. Со овој текст сакаме на кратко да ве запознаеме со нив и да ви кажеме зошто баш некоја од нив (или сите три!) би требало да ги одиграте викендов!

Madshot e ловкрафтски roguelite платформер кој позајмува трик-два од Hades

Доколку сте фанови на Hades и барате слична алтернатива која ќе ви помогне полесно да го дочекате вториот дел, тогаш греота би било да ја заобиколите Madshot. На почетокот би можеле да помислите дека играта нема никакви допирни тачки со Hades. Визуелно и механички, Madshot е доволно различна за да стои самостојно, но по одредено време повеќе од јасен станува изворот на нивната инспирација.

Со огромен акцент на експлозивна и флуидна акција, во Madshot ги елиминирате суштествата на ловкрафската имигинација користејќи најразлични студени и огнени оружја. Но, користењето на оружјата е само дел од забавата бидејќи парелелно со тоа потребно е и да изведувате најразлични акробатски движења и често ќе се наоѓате себеси како скокате, одите по ѕидови, користите јажиња и ред други движења кои создаваат напнати и впечатливи моменти. А доколку наидете на некој предмет, па дури и глава, можете да ја зграпчите и фрлите директно во непријателот. Ништо не останува неискористено во Madshot.

Откако ќе убиете доволно суштества, ќе можете да отворите портал, да ги соберете бројните награди и да преминете во наредната област. Секоја можност за појава на монотона досада е успешно елиминирана благодарејќи на шареноликите мапи, уникатните непријатели и разноликоста на деструктивните оружја. Тоа што се форсира флуидност во движење, односно константно движење, пукање и изведување акробации само дополнително го прави секој run потензичен!

Од време на време, ќе можете и да го успорувате времето за импресивни Max Payne моменти, но од инди перспектива. По „чистење“ на секоја соба ќе можете да одверете во каква наредна соба да навлезете, односно, дали сакате да собирате злато, да се излечите, да ги појачате способностите, да се спротивставите на босот и слично. Патем, покрај собирање злато, ќе можете и да уште една валута која ви помага за отклучување/ зголемување на пасивни и трајни способности.

Нема никакво сомневање дека Madshot е брутална и интересна игра која ќе знае како да ве разлади викендов со бројни филмски моменти! Играта неодамна излезе од раниот пристап на Steam и се чини како одлична можност за проверка.

Madshot, 18 јули 2023

  • Произведува: Overflow
  • Издава: HOOK
  • Жанр: Action Roguelike, RPG, Платформер
  • Платформа: Microsoft Windows

Gunsmith Simulator е игра која ви ја препорачуваме само доколку сакате интимно да се запознаете со огнените оружја, до нивното најситно делче!

Се сеќаваме на времето кога мајтап се играше секојпат кога ќе се споменеше некоја игра со зборот Simulator во неа. Порано, игрите беа срамотен cash grab и беа од исклучително лош квалитет. Повеќе не е така. Голем дел од ваквите игри сега се прават со огромна љубов и кријат комплексни слоеви на гејмплеј механики, до тој степен да сте крајно запрепастени од што се може да се прави и колко таквото нешто може да биде забавно! Земете ја за пример PowerWash Simulator – ова е игра во која миете работи, а сепак собра илјадници и илјадници гејмери и има 97% позитивни рецензии на Steam! Кој би кажал дека луѓето се луди по виртуелно перење работи?

Како игра од раниот пристап на Steam, Gunsmith Simulator штотуку излезе, но е на одличен пат да стане уште една омилена игра од овој жанр, особено за големите љубители на огнени оружја. Поминувајќи време во вашата работилница, можете да поправате, обновувате и прилагодувате најразлични оружја, кои потоа ги пробувате во стрелиште.

Оружјата кои пристигнуваат во вашата работилница или не се во добра состојба или бараат одредени модификации. Вашата задача ќе биде да ги нарачате соодветните делови, а она што не може да се нарача да биде средено преку користење бројни алатки и машини кои ви стојат на располагање. Може да изработувате бројни дрвени и метални делови како и да ги лакирате, односно фарбате. Дополнително, она што ниту може да се направи од ваша страна, а ниту пак може да се нарача, ќе биде потребно да се обнови или доработи за да се излезе во пресрет на барањата на клиентот.

Мора да бидеме искрени, Gunsmith Simulator не е игра за нас – премногу сме размазени со инстантна гратификација од акционите игри за да можеме целосно да уживаме во овој наслов. Но, тоа не значи дека не можеме да ги препознаеме огромните потенцијали на оваа игра. За овие три дена кои ги поминавме со играта, девелоперите константно ја надополнуваат со закрпи и целото искуство ни помина без никакви проблеми. Така да, доколку сакате да расклопите оружје да сто дела, да го ротирате, чистите, фарбате или модифицирате за да одново пробате се да составите и да проверите на стрелиште како функционира, па, подобра игра од Gunsmith Simulator нема да најдете.

Gunsmith Simulator, 19 јули 2023

  • Произведува: GameHunters
  • Издава: PlayWay S.A.
  • Жанр: Реалистична симулација (пореалистична – здравје!)
  • Платформа: Microsoft Windows

Bloodhound е брза FPS акција која најдобро се конзумира во мали дози

Што ќе се случи кога ќе се спои DOOM и Painkiller? Навистина не би знаеле, но Bloodhound од петни жили се труди да биде одговорот на таквото прашање. Ова е игра која има брутална и over the top акција, мелодичен инструментален метал од кој ви доаѓа да врескате и да им извадите памет на комшиите, како и бранови и бранови од непријатели кои се движат како да не јаделе три недели и вие сте најблиското нешто до кроасана.

Го одгледавте ли трејлерот? Да ви се качи притисок само од тоа, камо ли да ја заиграте играта. Трејлерот за жал е е една од посветлите точки и новитетот избледува ако навлезете во играта очекувајќи некое длабоко и долготрајно искуство. Да не не сватите погрешно, во мали дози и како наслов за инстантна pick me up разонода, Bloodhound е супер игра, особено доколку сте фанови на акциони игри од 90-тите години.

Сите од десетте оружја се интересни за користење и допринесуваат до задоволителна ликвидација на бројните непријатели. Во овој old school first person shooter имате на располагање 16 уникатни непријатели расејани низ пет релативно долги, но линеарни поглавја, како и суптилно навестување за генерична приказна. Нема ништо уникатно, но она што го има е солидно извлечено од сите претходни наслови кои се директна инспирација за Bloodhound.

Стандарното препукување се разбива со користење привремени моќи како користење две оружја од еднаш (слично во Wolfenstein игрите), успорување на времето, бесмртност, поголема деструктивност, зголемено здравје и слични бенефити кои трајат малку, но значат многу на хаотични бојни полиња кога сте опкружени во бројни бранови непријатели.

Брза, динамична акција која ве принудува да сте во постојано движење, користење оружја за масакрирање навидум непресушни бранови и интрументална метал музика од која срцето лупа трипати побрзо го прават Bloodhound да биде експлозивен коктел од интерактивна забава, особено доколку имате барем малку време викендов.

Bloodhound – 18 јули 2023

  • Произведува: Kruger & Flint Productions
  • Издава: Kruger & Flint Productions
  • Жанр: Акција, FPS ретро шутер,
  • Платформа: Microsoft Windows

Што ќе играме викендов?

Тоа беа нашите три внимателно изберени предлози. Се надеваме дека доволно ве заинтригиравме за да оберете нешто од нив и да си го одбележите викендот. Но, можеби вие не сте ниту по roguelite, ниту по симулација со оружја, ниту по ретро инспирирани шутери. Во тој случај, што би ни препорачале ние да играме викендов? Кажете ни во коментарите или на социјалните мрежи!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments