Играта креирана на првиот Global Game Jam во Скопје и еден од победниците, оваа недела официјално излегува во продажба. Станува збор за Odium, првата игра на Dark-1.
Dark-1 e студио основано од пријатели кои ја споделуваат желбата и ентузијазмот за развој на видеоигри. Нивната прва игра е објавена на WOWZAPP Hackathon во 2012. Во моментов тимот е составен од: Кристијан Трајковски – веб и гејм девелопер; Симон Стојановски – 2д и 3Д артист; Марко Зарев – „one man team“ гејм дизајнер; Џон Мартинез – Џуниор ПР и Маркетинг.
Odium прв пат се појави на Global Gam Jam 2013, а минатата година излезе првата тест верзија. На 11 мај официјално започнува продажбата на Odium tо the Core, но ако сакате да ја поддржите играта може тоа да го направите веќе веднаш, и да ја купите во претпродажба.
Помина долго од првиот GGJ, до денес. Што се случуваше со Odium и со Dark-1 во овој период?
Некое време работевме во нашето слободно време на Odium, веднаш по GGJ, но не се посветивме целосно. Секој имаше свои обврски – работа, факултет… Продолживме да правиме мали игри на различни Game Jam настани: Освоивме прво место на Nordeus Hackathon 3 со играта Copper Crown; на Ludum Dare направивме игра која беше покриена од сајтови како Kotaku, PC gamer и indiegames.com; бевме во финалето на Nordic Game Jam 2015 со играта Side.
Потоа јас и Симон соработувавме со Tesseract Interactive на Excubitor, додека Марко се обидуваше сам да ја доврши Odium. Неколку месеци соработувавме со Napnok games, и на крај конечно се чувствувавме подготвени и решивме да отвориме наше студио при крајот на 2016 година.
Од тогаш до денес активно работиме на Odium To the Core, и повремено работиме на слични проекти по нарачка. Odium To the Corе сега конечно е готова.
Што се промени последната година? Што може да очекуваат играчите?
Играта денес изгледа мнооогу поразлично, но сепак е иста во сржта. 12 месеци целосно посветен развој прави огромна разлика. Благодарение на тестерите успеавме многу работи да исполираме и избалансираме и за тоа сме им преблагодарни.
Главната идеја за Odium to the core ни беше да направиме игра која ќе биде тешка, но и заразна за играчот, мислам дека успеавме да го доловиме моментот на “Ајде уште еднаш”, а за тоа е заслужен простиот гејмлеј во комбинација со драм ен бејс музиката за која се виновни Крунислав Цветковски и Андријан Апостолски.
Ми се чини дека Odium е една од најдобрите и најубаво направените мобилни игри направени во Македонија, кои се вашите очекувања?
Посветивме доволно време и љубов на Odium to the Core, и секој месец бевме задоволни што ја носевме на повисоко ниво. Се надеваме дека ќе бидеме нешто повеќе од само игра направена во Македонија и дека ќе бидеме светски прифатени и ставени во кош со бестселерите како Badlands, Super Hexagon и слични. Очекуваме доволно продажби за да можеме да продолжиме да работиме на сопствени игри.
Исто така со овој release минуваме низ сите фази на издавање и очекуваме дека за следната игра ќе можеме да го искористиме ова искуство за да го подобриме и олесниме целиот процес.
Играта е Mobile First, дали ова е насока во која ќе се движат игрите и Dark 1 во иднина?
Дефинитивно не. Како студио сакаме да експериментираме и да пробаме се поврзано со изработка на игри. Веќе сме регистрирани партнери на Playstation и Xbox, се снабдивме и со Oculus Rift, чекаме Нинтендо Свич да стане подостапен за девелоперите, така да ја имаме целата слобода да се движиме во било која насока.
Кога започнува продажбата и каде ќе биде достапна?
Играта е веќе во претпродажба на iOS App store и има страна на Steam.
Барем во старт играта нема да биде достапна на Google Play, бидејќи од Македонија не можеме да направиме Merchant Account и затоа не можеме да пласираме игра што се плаќа. За Android гејмерите нудиме алтернатива – Amazon Appstore.
Како ја проценувате состојбата на индустријата за развој за видеоигри во Македонија, има ли напредок?
Napnok games отворија студио во Скопје и вработија доста таленти. Workbench Entertainment се при крај со нивната игра. Tesseract Interactive пред две година ја издадоа Execubitor. Имаме се повеќе луѓе со искуство кои ќе можат да основаат компании во Македонија.
Кои се предизвиците за развивањето игри во Македонија? Може ли да се живее од правење видеоигри?
Постојат многу предизвици. Kако мала држава каде студијата се бројат на прсти, на поголемите играчи како Microsoft и Google не сме им толку важни.
Има и други примери каде што патот едноставно не е изминат од никој, на пример – на сајтот за регистрација за Playstation партнер не функцијонираше опцијата Македонија сѐ додека тоа не го пријавивме.
Секако дека може да се живее од развој на видеоигри, игрите се пласираат на интернационалниот пазар, гејминг индустријата е во постојан раст. Како и во сите други индустрии, потребно е да се постигне конкурентска предност, за која треба искуство, инспирација, многу работа и упорност.
Што е следно за Dark-1, ќе има ли слeдна игра?
Секако дека ќе има следна игра, но не сме сигурни кога, многу зависи од успехот на Odium To the Core – дали ќе биде неопходно да работиме на други проекти по нарачка или веднаш ќе се нурнеме во следната идеја.
Благодарение на Dark-1 наскоро ќе организираме giveaway, на кој најсреќнитe читатели ќе освојат клуч за Odium to the Core.
[…] задоволство поразговаравме околу играта преку нашето интервју. Две години подоцна, пробавме да ископаме што е можно […]
[…] игра на Dark-1 ќе успее да ве исфрустрира до точка на еуфорично […]
[…] рецензија и интервјуто со студиото […]
[…] е ова игра за вас, прочитајте ја нашата рецензија и интервјуто со студиото […]
[…] Прочитајте го нашето интервју со Dark-1 тука! […]