22 коментари 2 мин. читање

По кој знае кој пат: .Мк медиумите се n00bs, не им верувајтe

Нe! Facebook и Google нема да се исклучат утре. Не! Нема никаква информација за тоа. И да! Само македонски медиуми пишуваат за тоа.

Не е ништо изненадувачки, ниту страшно, што од сериозни македонски медиуми до рандом забавни портали шират глупави вести кои не се точни. Ок, можеби е загрижувачки што сериозните медиуми треба да се и професионални, но тоа може да се препише на „непознавање на материјата“ бидејќи проблемот е што многу често се промашуваат вести од технологијата.

Но, токму вестите за ИТ компаниите се најлесни за проверување. Сите ИТ компании, големи и мали, споделуваат официјални информации од своите блогови и профили на друштвени мрежи. Сè што треба македонските медиуми и забавни портали да направат е да отворат еден профил или блог и да проверат.

Пример: Wikipedia на англиски јазик ќе се гаси бидејќи протестира против SOPA. Навистина? Да провериме. Отвараме wikipedia.org и веднаш читаме официјална изјава од Wikimedia со која се потврдува дека енциклопедијата ќе се изгаси, и ќе прочитаме зошто.

Македонските медиуми, пак, велат дека и Facebook и Google ќе се изгасат. Навистина? Ајде да провериме. Отвараме блог на Google, Twitter профил на Google, блог на Facebook, отварамe и Google News каде вметнуваме „Facebook SOPA/blackout” и добивамe над 2.000 резултати од светски весници кои пишуваат за Wikipedia, но не за Facebook бидејќи тоа едноставно нема да се случи. Единствената најава е дека Facebook на 18-ти има закажано настан на кој ќе открие нешто ново.

Само македонските медиуми тврдат дека ќе се гасат Facebook, Yahoo и Google бидејќи некаде прочитале дискусија за „Дали тие треба да се изгасат?“. Дури и логиката налага дека се работи за милионски бизниси кои не можат да си дозволат да се изгасат ни за секунда, камоли за еден ден. Но, сè зависи од чија е таа логика. Сигурно не и на тие во потрага по што-е-можно посензационалистичка вест.

Направете си услуга, не читајте .мк медиуми (да, вклучувајќи не и нас). Искористете ја технологијата и откријте ги вистинските вести.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

22 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top