Во ова интервју, разговараме со ко-основачот на DataMasters, компанија која веќе пет години ја предводи револуцијата во областа на податочната наука (Data Science), во Македонија. Филип раскажува за како се раѓа идејата за основање на компанијата, дилемите помеѓу Португалија и Македонија и како се носат со предизвиците на пазарот низ годиниве…
Поминаа 5 години од основањето на Data Masters во Скопје. Кои се 5-те успеси на кои највеќе се гордееш овие години?
“Едно од првите ветувања кои заедно со партнерот Дарко ги поставивме при основањето на Дата Мастерс, а потоа и со Мартина по нејзиното враќање во Македонија, беше од година в година да бидеме значително подобри во тоа што го работиме. Ме радува фактот што секоја година, од 2018 до денес, е одбележана со огромни технички и менаџерски предизвици. Гледајќи наназад, тешко е да ги дефинираме најголемите 5 успеси, но тие што први ми доаѓаат на ум се:
- Успехот да го изградиме најголемиот консултантски тим во Македонија кој има капацитет да изгради комплетно аналитичко решение, не само локалниот, туку и за меѓународниот пазар. Тука е клучен пристапот и желбата да имаме тим што може да изработи комплетно end-to-end решение, без да се фокусираме само на outsourcing, што е клучен milestone.
- Методологија и tailor-made пристап наспроти продукт – навидум комплетно контраинтиуитивно за нашиот пазар. Овој пристап во последните три годнини ни помага да се позиционираме како релевантен партнер на неколку големи компании во Европа.
- Потпишавме директен договор за соработка со една од топ 10 светски осигурителни компании, со што успеавме да се прошириме како македонски бренд надвор од границите на Балканот и со целосно македонски менаџмент и капитал да бидеме релевантни во, како што викаме, Лигата на шампиони за Data Science.
- Успеавме да ги задржиме клучните вредности на Data Masters кои се поставени уште од првиот ден при основање на компанијата, да останеме свои и да бидеме покрај нашите партнери и во добри и во тешки и предизвикувачки предизвикувачи времиња.”
Како се споивте со Дарко за да отпочнете со консалтинг во полето на Data Science? Каде и кога падна договорот за партнерство и основање на компанијата?
“Неколку месеци пред да започне приказната на Data Masters, се соочив со сериозна дилема. Главното прашање беше дали да основам компанија во Македонија или да се вратам назад во Португалија кадешто студирав, и да започам кариера таму. Почнувањето дома не значеше само развивање на компанија, туку и развивање на пазар, креирање на свесност, докажување на потреба за вакви услуги на пазарот, во време кога за Data Science и Advanced Analytics многу малку се зборуваше. Спротивно, започнувањето во Португалија значеше само продолжување на тоа што веќе го правев, на поконкурентен пазар со обучени кадри и предизвикувачки проекти, што беше добра основа за побрз и полесен развиток на компанија. Дарко Велков, кој е еден од пионерите во доменот за човечки ресурси (HR) во Македонија, беше одличен (спаринг) партнер во градењето на основните вредности и стратегија на компанијата. Тој е еден од ретките професионалци во Македонија кој пред 15-тина години работеше во област и индустрија за која тогаш малку се зборуваше.Спојката беше природна, очигледно „кликнавме“ веднаш, а желбата да оставиме траг и некаков legacy огромна. Затоа падна одлуката врз овие вредности да градиме приказна во Македонија.”
Кои се клиентите и проектите на кои моментално работите?
“Data Masters денес како компанија главно е фокусирана на решавање на главните предизвици со кои се соочуваат другите компании, а тоа се применливоста и предизвиците кои произлегуваат со менаџирање на промени и самиот процес на трансформација на компаниите при имплементација на решенија од областа на Data Science. Најчесто на компаниите им помагаме при воведување на таканаречена „демократизација“ на податоците, поточно отворање на податоците кон сите менаџери и аналитичари, со цел активно користење на податоците во процесот на носење на одлуки. Оваа методологија се нарекува self-service аналитика. Станува збор за целосен процес на менување на пристапот и размислувањата на вработените од однос на податоците. Self-service аналитиката не е само plug-and-play техничко решение, туку процес во кој организацијата треба да правилно да ги менаџира промените, некогаш да направи промена и во организациската структура, и главно да се фокусира на соодветна едукација на вработените.
Од аспект на партнери, генералниот фокус ни е интернационалниот пазар, поточно Западна и Северна Европа, но горди сме што имаме можност да работиме со маркет-лидери од неколку различни дејности во Македонија во дејностите како банкарство, retail и телекомуникации.”
Data Science во мапирањето од 2019-та беше една од најпосакуваните и најплатените професии. Во мапирањето од 2022-та Data Scientist не беше во топ 5-те најплатени позиции. На што се должи ова и какво е твоето лично гледиште на еволуцијата на позицијата Data Scientist?
“Во 2019 година за позицијата Data Scientist интересот беше навистина голем, но во последите години компаниите се сочија со следниот предизвик: за да одат во насока на Data Science, моделирање на податоци и вештачка интелигенција, тие мораат да имаат поставено некаква интерна инфраструктура. Оние компании кои ја немаа таа инфраструктура, неопходно беше да инвестираат во неа, правилно и структурирано да ги собираат податоците, за потоа eден Data Scientst соодведно да може да ја работи својата работа и да креира модели. Секако, позицијата значително се промени во последите 5 години. Сега од еден Data Scientist се бара да знае моделирање, дизајн на инфраструктура и да знае да работи со cloud, додека пред 5 години неопходно беше само да знае модели за машинско учење и обработка на податоци. Сето ова бара огромна инвестиција и константно надоградување. Како што напоменав претходно, во Македонија се уште градиме пазар и свесност и нема многу компании што работат разновидни end-to-end консалтинг проекти. Од друга страна, доколку има потреба за таква услуга, тешко е да се направи outsource на само еден дел од проект.”
Data Masters формираше и своја академија уште од самите почетоци. Која е целта на академијата?
“Академијата на Data Masters има две клучни цели: една е развој на пазарот и знаењата, а втората е создавање и одржување на култура на споделување на знаења во компанијата и надвор од неа. Кога започнавме во 2018-та година, најголемиот проблем беше да најдеме професионалци кои работaт во областа, па затоа направивме одлука и сериозно ивестиравме во креирање на едукативен центар. Тоа беше единствениот начин за да развиеме професионалци во областа, a нас ни дојде многу природно, бидејќи една од суштинските вредности ни е споделување на знаење. Денес академијата споделува знаење и тренира вештини со кои многу професионалци растат во своите компании, што всушност е и нашиот главен совет за сите слуштатели. Нашата идеја не е да пропагираме менување на кариера надвор од компанијата кадешто слушателите работат, туку користење на знаењето на постоечкото работно место. Веруваме дека главната промена ќе дојде доколку компаниите започнат да се менуваат од внатре. Сакаме да сме проактивни и да им асистираме на компаниите да ги обучат своите вработени. Дополнително, денес академијата и едукацијата се дел од главното јадро на Data Masters, каде со секој развоен проекти, едукацијата и менторството во компаниите-партнери ни се силни страни како соработници.”
Колку AI експанзијата помогна при вашиот процес на работа и кои алатки/модели ги користите на ова поле од кои сте задоволни?
“Уште од 2019-та година, Data Masters активно работи и ги следи сите трендови во делот на предиктивна анализа и вештачка интелигенција. Во компанијата имаме тим што работи со нашите клиенти на имплементација на модели за предвидување, креирање на ко-пилоти и chat ботови, како дел од активностите и бизнис трансформациите кои ги правиме кај клиентските компании. Уште од самите почетоци на компанијата, нескромно можеме да се пофалиме со големи знаења и експертиза во делот на обработка на текст (Natural Langugage Processing), кое како поле од вештачката интелигенција значително се отвори со појавата на Chat GPT и како пристап на работа им се доближи на бизнис корисниците. Оваа година забележуваме значителна заинтересираност за проекти од овој тип.”
Во 2022 се проширивте со физичка канцеларија во Лисабон. Што се крие зад овој потег?
“Потегот со Португалија е всушност на некој начин враќање на тој пазар каде јас, Мартина и неколку наши колешки се градевме како професионалци во областа. Целата мрежа на поранешни соработници и пријатели во Лисабон ни ги отвори вратите и не мотивираше да го направиме овој потег. Веднаш потоа, јас добив покана да бидам асистент на факултетот NOVA IMS, го започнавме првиот проект, а и месецов започнав со докторски студии на факултетот кадешто предавам. Вака, целата приказна доби една убава целина, кадешто развојот нема да биде искучиво од продажен аспект, туку ќе се шириме и од аспект на ескпертиза и знаење. Ова ни помага да изградиме меѓународен тим кој ќе биде присутен низ цела Европа, и ќе може да биде конкурентен на пазарите на кои веќе сме присутни.”
Koja е визијата за Datamasters во следните 5 години? Како го замислуваш Data Masters во 2028 година?
“Data Masters во 2028 година ја замислуваме како компанија со уште посилен фокус на консалтинг, партнер на најголемите бизниси во Македонија, но и во Европа. Веруваме дека со домашно знаење и култура, ќе успееме да изградиме уникатна македонска приказна и community која ќе биде влијателна и доволно голема за да работи на уште покомплексни и поголеми проекти. Сонуваме да изградиме бренд кој ќе постаува критериуми во областа на аналитиката, ќе биде во чекор со светските трендови и ќе нуди решенија кои ќе бидат значителен game-changer за компаниите. Сонуваме да бидеме голема компанија која ќе ја задржи клучната конкурентска предност пред другите и ќе доставува вредност за бизнисите, а не само технички капацитет. Тоа е остварливо преку изработка на комплетни решенија, а не само преку нудење на кадар, и истото го докажуваме во изминатите пет години преку големите проекти кои ги комплетиравме. Во следните пет години целиме кон и посилна Академија која ќе биде клучен партнер на компаниите, двигател на нивната транформација во data-driven и data-centric компании. “