Блогерите Новица Наков, Фатлуме Дарвиши, Моника Петровска и Маја Пероска се победници на натпреварот „Биди News Blogger”, организиран од Diversity Media Production.
На натпреварот учествуваа средношколци, студенти, активисти и млади новинари, сите кои имаат свој блог преку кој споделуваат важни информации за македонското општество. Целта на наградите беше да „се подигнат стандардите со воведување на висок професионализам во новинарството преку интернет медиумите и радиото“.
Првото место му припадна на Новица Наков, кого сигурно го познавате од текстови и на It.com.mk. Тој ја доби наградата за текстот „(Не)познато (не)знаење“ објавен на неговиот блог Airborne. Во текстот Новица го преедизвикува новинарството да обезбеди што е можно појасни информации за да ги информира граѓаните. Впрочем тоа е и работата на новинарите, нели? Еве мал извадок:
„Мислам дека може да се обидеме со некоја теорија на заговор дека, на пример, сите новинари се некако поткупени, и ете никој не “вади” текст за најновото задолжување на држава. Се разбира, мислам на онаков текст со бројки и објаснувања и референци, а не на оние „државата задолжена, кој ќе плаќа, што ќе правиме“ текстови. Но, дури и да се сите новинари некако во овој заговор, зарем нема еден економист во земјава што може да ги прочита информациите, да спореди, најде и истражи и на крај вака како Горан да го објави текстот на интернет? И тогаш се присетувам на Уставниот суд и на Стамен Филипов, практично единствениот човек кој ја предизвикува уставноста на законите во земјава. Тоа е неговото хоби. Но, на пример, се бави ли адвокатската комора редовно и континуирано со уставноста на законите според кои инаку и работи?“
Второто место му припадна на Фатлуме Дервиши за новиот блог „Концептот за демократија во земјите во транзиција” на кој пишува дека подобро информирани граѓани кои си ги знаа своите основни човекови права се всушност и основа на демократијата и нејзиниот развој.
Третото место го делат Моника Петровска и Маја Пероска за својот текст „Демократија – слобода да си ги избереме нашите сопствени диктатори“ oд блогот MкДемократија. Блогот служи за дискусија за локални теми, поточно за на нивото на демократија во Македонија.