Нино Васков е музичар кој е присутен на македонската сцена долги години, веројатно најпрепознатлив преку неговата работа во рап колективот Флека. Во моментов е актуелна неговата соработка со Тони Зен на новобјавените нумери Планот и Првата нота. Сепак, колку и да нè интересира музичката сцена (disclousure: во редакција има фанови на Флека), овојпат со Нино зборуваме за неговата работа на видеоигрите.
Кажи ни нешто за себе, кој е всушност Нино Васков…
Креативен хедонист исклучително посветен на креации во областа на музиката и духовните практики. Вага. Авантурист по природа. Сериозно навлечен на гитари, педали и сајзери. Уживач на добра храна, puff puff pass и уникатни парчиња облека.
Љубовта кон музиката ја осетив уште на 4-5 години кога за прв пат фатив гитара. Тоа чувство е сеприсутно во мојот живот и движечки фактор за исполнета кариера од близу дваесет години а, не сум толку стар.

На кои игри си работел?
Fingle, Frantics, Chimp Party, Time on Frog Island и Blast.
Во која фаза од развојот на игрите се определува музиката за нив, дали е тоа на крајот? Како почнува компoнирањето, кој е првиот чекор?
Има различни методи. Зависи од повеќе фактори како буџет и природата на играта. Мојот метод до сега на сите проекти започнува уште во фаза на прототипирање. Талкам по различни жанрови и создавам радикално различни композиции со цел да се открие идентитетот, чувството кое највеќе ќе прилега. Процесот е trial and error, колку повеќе правци откријам што не одговараат, толку сум поблиску до одговорот.
Има ли разлика кога се компонира за видеоигра, наспроти компонирање на песни?
Не, да, не.. Не знам! Зависи од денот. Јас имам потреба да правам музика за да се искажам. За што ќе биде наменета музиката ми е сеедно. Процесот е ист, празен проект и идеја во глава…
Од технички аспект веројатно има разлика бидејки има различна имплементација, ама тоа се само техникалии кој со време ми станале интегрирани и не ни ги размислувам.
Можеш ли да нè воведеш во креативниот процес, дали се случува некогаш да немаш ниту пристап до играта за која треба да напишеш музика?
Музиката за играта и самата игра се создаваат симултано на проектите што сум ги работел. Не се работи за пристап. Секој оддел се инспирира од секој оддел. Сите движиме со иста брзина во делумно ист правец. Практикуваме отворен креативен процес и сите даваме идеји за одредени аспекти од играта. Нема глупа идеја. (Освен глупите идеи).
За вистински да ве воведам во креативниот процес на создавање музика за игри подетално, работам на програма која ќе биде достапна во почетокот на 2023 година. За повеќе информации на мојата веб страна. www.gamemodaudio.com
Кои алатки и инструменти ги користиш за да си ја одработиш задачата?
Имам студио полно со инструменти кое секој месец добива по некој нов член. Во зависност од жанрот кој сакам да го создадам прикладно бирам инструменти.
Од технички аспект ако зборуваме за алатки… Работам на Cubase, Ableton, Maschine, Kontakt, Fmode.. итн. Поседувам доста хардвер исто така. Nord Lead 4, Blofeld, Juno Alpha 1, Juno iD… Еден тон гитари и басови како Telecaster, Stratocaster, Archtop Ibanez, JazzBass, фретлеси и десетици педали.
Колкав дел од играта на којашто работиш ти е познат и колку тоа ти помага за пишување на музиката?
Низ фазата на создавање игра прв чекор е прототипирање и е прилично хаотично. Сите оддели поминуваат низ процесот на trial and error. Секој има различна замисла за играта.
Поставуваме генерални правила и низ комуникација со тимот се договараме за насоките кој сакаме да ги истражуваме, чекор по чекор. Со тек на време сликата за тоа каква ќе биде играта ни се открива на сите во исто време горе-доле. Тоа што ми помага во раните фази на творење е концепт артот и бескрајно долгите разговори со тимот за различни аспекти од играта.
Дали би се определил како гејмер, ако да – какво е чувството кога ги играш игрите чија музика ја имаш компонирано?
Гејмер е сериозна титула која бара посветеност и истрајност да потрошиш стотици саати на некоја игра. Јас не можам да кажам дека сум гејмер во тој контекст. Имам многу посебен вкус за игри. Во фазата на создавање на музиката е супер важно да ја играш играта и да идентификуваш одредени точки. Скоро бесконечно рафинирање и пазење на детаљи. Од моментот кога ќе излезе играта не ми паѓа на памет да ја пуштам. Хахаха
Прашај ме пак за 10 години, ќе ти кажам какво е чувството.
Како наоѓаш нови клиенти?
Никогаш не сум барал клиенти. Секогаш сум бил на право место во право време. Работите спонтано сами се случувале да дојдам до некој проект. Генерално во Копенхаген, каде живеам и работам се движам во круг на луѓе кои се во оваа индустрија. Имено, најголем дел од пријателите ги имам стекнато низ работа на проекти.
Која е играта (мината и идна) за која посакуваш да си работел на неа?
Не размислувам така, ама Journey е нешто што ми остаи впечаток во последно време.
Пред да пишуваш музика за видеоигри беше дел од македонската музичка сцена (веројатно уште и си дел), гејмаат ли музичарите? Кои им се омилени игри? Кој е најдобар во тие кругови? :)
Прашањево ме инспирира да стаам PS2-че у студио и да плескаме PES. Ќе ти одговорам на прашањево на следното интервју со уредна табела со бодови.