Како технологијата и ИТ секторот помагаат да се санираат разорните последици од војните

Avatar img-thumbnail img-circle

во Свет

Како извор на постојан напредок и благосостојба за човештвото, технологијата се повеќе ја развива својата алтруистичка намена и им помага на луѓето да ги премостат и најтешките препреки со кои се соочуваат. Во тој поглед, таа е тука и кога тие мора да се соочат сопоследиците од сопственото деструктивно однесување, а еден од најчестите пример за ваквите акции се војните и нивните разорни дејства.

Еден од најголемите примери за ова во последните години лежи во Кавкаскиот регион. Повеќе од три децении, спорниот регион Нагорно-Карабах е во центарот на многу несогласувања меѓу соседните поранешни советски држави Азербејџан и Ерменија.

Меѓународно признаен како дел од Азербејџан, до неодамна поголемиот дел од територијата беше управуван претежно од етничките Ерменци кои живеат во овој регион. Во првата војна во Нагорно-Карабах, која започна на крајот на 1980-тите и траеше до 1994 година, Ерменија успеа да го заземе регионот и повеќето области околу него.

Во годините што следеа пак, со постигнатиот договор за едно привидно примирје, имаше повремени разгорувања на огнот меѓу двете страни. Но, на крајот на септември 2020та, конфликтот меѓу двете земји повторно се активираше –  овој пат во војна која траеше 44 дена и за време на која Азербејџан успеа да ги врати речиси сите територии што ги загуби во претходните судири.

Во меѓувреме, за време на двете војни регионот исто така произведе повеќе од еден милион бегалци и внатрешно раселени лица. Сега, додека Азербејџан се обидува постепено да ги санира последиците од воените дејства во овој регион, властите спасот го гледаат во технологијата, за која се надеваат дека може да одигра клучна улога во охрабрувањето на граѓаните да се вратат во регионот. 

Главниот концепт на азербејџанските власти за ваквиот подвиг се состои во создавање паметни градови и села кои нудат подобар начин на живот за своите жители.

Според експертот за урбанистичко планирање при Универзитетот АДА во Баку, Анар Валиев, изградбата на нови заедници поткрепени со дигитални проекти не само што ќе го направи регионот поатрактивен за оние кои сакаат да се вратат, туку ќе донесе и благосостојба за оние кои останале во регионот за време на целиот конфликтот.

„Друга причина е сигналот што владата сака да го испрати до целото население за начинот на кој властите ќе работат во регионот, кој ќе биде сосема поинаков, многу поефикасен, поефективен и заснован на вложен капитал и дигитализација“, вели Валиев.

Почетниот период на планирањето на ваквиот развој на регионот е веќе активен преку формата на пилот-проект со кој се предвидува создавање на голем број на „паметни села“, каде се планира изградбата на повеќе од 200 домови со користење на иновативни градежни материјали како рециклиран челик и однапред излеан бетон и поврзани со паметни комунални услуги за управување со електрична енергија, гас и отпад.

Првата фаза од пилотот беше започната во февруари 2021 година. „Самиот проект ќе се состои главно од пет компоненти – домување, производство, социјални услуги, паметно земјоделство и алтернативна енергија“, потенцира министерот за земјоделство на Азербејџан, Инам Каримов.

Според него, властите планираат да користат алтернативни извори на енергија за сите станбени згради, социјални објекти, деловни згради, угостителство, преработка и производство на земјоделски производи.

Изградбата на нови заедници во кои ќе предничат дигиталните проекти исто така ќе послужи и за премостување на јазот помеѓу главниот град на Азербејџан Баку и другите урбани и рурални области.

Според државниот Институтот за истражување во Баку, во земјата моментално постои јаз од 20 проценти помеѓу руралните и урбаните домаќинства во поглед на користењето на фиксниот интернет, главно поради недостигот во фиксната инфраструктура, како и ниските нивоа на дигитална писменост во руралните области.

На долг рок, ваквите проекти можат да ги инспираат младите Азербејџанци да размислат и за селење во регионот Нагорно-Карабах во потрага по нови можности.

Но, како што покажуваат примерите од Балканот, ваквиот процес некогаш може и да потрае, при што мора да се има трпеливост од страна и на властите и на локалното население. 

Пример за ова е хрватскиот град Вуковар кој се на границата со Србија, и кој настрада страшно за време на распаѓањето на Југославија. За време на тримесечната опсада на градот во 1991 година, 90 проценти од градот беше целосно разрушен. Населението во градот кое сега изнесува околу 30 илјади, речиси беше преполовено за време на војните во регионот.

Денес, градот уште ги носи лузните на поделеното општество – каде што Хрватите и Србите сè уште се соочуваат со многу предизвици да живеат и функционираат заедно.

И покрај тоа што во последните години имаше обиди за инклузивност и помирување, многу од нив, како на пример една идеја за интеркултурно училиште, не успеаја да се остварат, оставајќи го градот во една мачна статус-кво состојба и неизвесност.

Во последните неколку години пак сепак има поместување и сега, новата иницијатива која го стимулира развојот на ИТ бизнисите во областа веќе постигнува значителни резултати, што укажува дека може да помогне да се направат промените што му се потребни на Вуковар.

Во 2019, три хрватски софтверски и компании за дигитален маркетинг – Code Consulting, GoAds и Informatika Fortuno – дојдоа до идеја како Вуковар да го направат ИТ центар и да помогнат во развојот на ИКТ сектор во градот.

Трите компании го основаа здружението VVIT (Вуковар-Винковци ИТ), со цел да се поттикнат врските и да разменат искуствата и знаењето помеѓу технолошките компании во областа Вуковар, како и да се промовира употребата на иновативна технологија во области како што се земјоделството и туризмот.

Здружението сега гледа да создаде подобри услови и можности за работа за идните професионалци. VVIT, исто така, има за цел да ги задржи оние ИТ експерти кои веќе работат во регионот.

„Работиме на вмрежување и размена на знаење меѓу компаниите, како и создавање позитивна атмосфера за да ги охрабриме луѓето да останат тука, наместо да се преселат на друго место во Европа. Знаеме дека развојот на ИТ индустријата исто така помага и за развојот на многу други индустрии и така ние го гледаме градот како наш партнер, кој не поддржува во ова, а тоа е корисно и за двете страни“, вели потпретседателот на VVIT, Саша Саламон.

VVIT исто така игра и улога во пошироката развојна стратегија на Хрватска, која има за цел да го зголеми економскиот раст на земјата, а состаноците на организацијата во Вуковар во последните години успејаа да соберат голем број на ИТ професионалци кои работат на заеднички проекти и иницијативи.

Вуковар

Хрватскиот град исто така е дел од еден регионален проект за ИТ заедници, заедно со српскиот град Суботица. Проектот вреди повеќе од 500 илјади евра и се стреми да им помогне на фриленсерите од регионот кои работат во ИТ индустријата.

“И Суботица и Вуковар се помали заедници каде што е поверојатно дека ИТ секторот ќе произведе помали деловни иницијативи и индивидуални фриленсери. Нашата визија е да ги стимулираме фриленсерите, кои ги гледаме како клучен фактор за развој на ИКТ во помалите заедници и исто така онаму каде што ИКТ не е клучен сектор. ИКТ е особено интересен за оние региони кои се соочуваат со деиндустријализација, што е случај со поширокиот регион околу Дунав, каде не се потребни високи инвестиции и физичка инфраструктура“, објаснува Давор Гарбац од агенцијата за развој на Вуковар.

Според Гарбац, во исто време, фриленсерите исто така се една специфична таргет група, бидејќи нема реални податоци за нивниот број и област на работа и главното нешто што треба да се направи за нив е да им се овозможи вмрежување.

“Затоа, нашите активности во рамките на овој проект треба да бидат адаптивни, фокусирани на вмрежување и создавање деловни врски помеѓу индивидуални ИТ експерти. Така ја гледаме иднината на ИКТ во нашиот регион, во развој на кластери на фриленсери базирани на интерес и знаење, кои потоа ќе можат подобро да ги развиваат своите знаења, услуги и да склучуваат поголеми проекти отколку што би можеле  тоа да го прават поединечно“, додава Гарбац.

Неодамна, хрватските власти исто така најавија и дека планираат да воведат посебни закони за стимулирање на инвестициите во областа Вуковар, а според VVIT, ваквите промени треба да се спроведат побрзо за да се забрза развојот и конкурентноста на технолошкиот сектор во градот. 

Како резултат, тоа би значело и повеќе можности за работа за жителите на Вуковар и воспоставување на овој мал град како растечки ИТ центар на Балканот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk