Никола Ангелкоски е VFX (visual effects – мак. визуелни ефекти) артист од Скопје кој е дел од тимот кој работеше на специјалните ефекти на втората сезона на Netflix серијата Witcher која добива одлични критики, 8.2/10 на IMDb и 81% на Rotten Tomatoes. Покрај работата во филмската индустрија, Никола е дел и од индустријата за видеоигри. Љубовта кон филмската индустрија ја има стекнато од најрана возраст, но вистински одлучил да и се посвети во текот на студиите… ја споделуваме приказната на Никола преку разговор за Witcher, работа на 3Д проекти и NFTs…

Никола работи како 2D/3D артист веќе 7 години. На почетоците започнал како концепт артист работејќи строго во 2D дигитален медиум. Со текот на годините тоа се претворило во мешан медиум помеѓу 2D и 3D.
Отсекогаш сум бил човек кој што повеќе живеел во својата глава (креирајќи светови). Филмската индустрија ме привлекуваше уште како дете, но никогаш не ја најдов мотивацијата, а во Македонија ниту образованието го овозможува да го работам тоа што го сакам, и некако кренав раце од тоа. Додека студирав „Бизнис и логистика“ не чувствував лично задоволство ниту пак исполнетост за да ја работам таа професија и во текот на втората година од моите студии некако налетав на онлајн часови за оваа професија (филмска). Сè останато е историја. Решив да ги напуштам студиите за да го бркам својот сон.
Соработка со Platige Image и работа на серијата Witcher
Од март 2021-ва година Никола е дел од полското студио за компјутерски ефекти, 3D-анимација и специјални ефекти, Platige Image. Од ноември 2021-ва тој е и Project Lead Matte Painter во студиото. Platige Image е основано 1997 година, покрај куп реклами и филмови, љубителите на видеоигри можат да ги препознаат и по работата на The Witcher 2: Assassins of Kings и Cyberpunk 2077.
Негде на почетокот на 2021-ва бев повикан од страна на регрутер од Platige на Linkedin. По неколку разговори и состаноци добив понуда за работна позиција во студиото. Првите неколку проекти на кои што работев беа за Call of Duty трејлерите и потоа започнав со работа на Witcher.

Работата на далечина не е преголем предизвик за работата во секторот, со исклучок на потребите за координација на тимот. Тимовите мора да се во комуникација за процесот да функционира беспрекорно. Никола вели дека токму комуникацијата е најголем предизвик.
Искрено најголемиот предизвик се состаноците и следењето на комуникацијата со другите оддели. Постојано мора да се врзани едни со други за еден pipeline да функционира беспрекорно. Со добро планирање на вашето време во текот на денот би ги завршиле обврски беспрекорно.

Кој е процесот кога работиш на сопствен 3D проект? Од каде започнуваш, како тече процесот?
Сè започнува со референци, идеја, концепт или Moodboard за да се изгради една солидна идеја за тоа како ќе изгледа финалниот изрендериран продукт. Следниот чекор е базична блокажа користејќи примитивни форми и светло за да се создаде композицијата пред камерата. Потоа следи моделирањето на објектите и нивно текстурирање и на крајот доаѓа рендер на различни пасови од beauty, светло, Zdepth, normals, ID пасови и слично.
Во Witcher Никола беше Matte Painter, дигитален артист кој работи на креирање на пејзажи и позадини. Неговата работа е да создаде свет и простор кој е надополнување на светот во кој се одвива дејството. Позадините кои ги креира често не може или е исклучителни тешко да се пронајдат и да се снимат, па иако може да ги видиме во филмовите, практично не постојат на локацијата кога се снима.

Работев како Matte Painter. Тоа е дигитален 2D/3D артист кој има за задача да креира пејзажи, позадини, екстензии на сетови со цел да се креира илузија на простор кој не постои во текот на снимањето на филмот.
Oваа професија потекнува од фотографската техника, matte painting е професија која постои во филмската индустрија уште од 19-тиот век. Некои од познатите филмови кои ја користеле оваа професија во своите филмови се: Star Wars, Titanic, Wizard of Oz, Indiana Jones итн.
Во денешно време кога технологијата постојано оди напред, matte painting прераснува во дигитална композиција во мешавина помеѓу 2D и 3D со цел да се добие еден реалистичен пејзаж или позадина која треба да личи како да е дел од самата сцена.
Колку време работевте на втората сезона на Witcher?
Процесот кога почна мојот оддел беше година дена, но студиото беше активно уште во раните фази на снимањето на серијата.
Кој софтвер и алатки се користеа?
Користевме: Photoshop, Foundry Nuke, Houdini, Autodesk Maya, Substance Painter, SpeedTree меѓу ред други.

Втората сезона на Witcher е актуелниот проект на Никола, но тој е дел и од тимовите кои работеа на Call of Duty: Black Ops Cold War & Warzone, Alien: Covenant, Spider-Man: Homecoming, Passengers како и нашиот краткометражен анимиран филм Construct 42. Кога го прашавме за неговите омилени сцени на кои работел, еве што ни одговори:
Од Witcher, најомилената сцена на која што работев е од последната епизода на која што Сири се соочува со нејзиното семејство од минатото. За жал сè уште не можам јавно да откријам што точно работев тука.
Од друг проект пак, имав чест да ја дизајнирам планетата Земја за трејлерот на Call of Duty: Black Ops Cold War & Warzone: Season 4.
Неодамна го објави твојот прв NFT, кое е твоето искуство досега со NFT треската? Што мислиш, дали е тренд што ќе остане или брзо ќе замине?
Искрено NFT е сѐ уште „ново“ да се одлучи дали е тренд или брзо би заминало. Искрено мислам дека ќе биде тука за долго време, со новите трендови на Metaverse мислам дека NFT бранот ќе земе и поголем замав.

За некој што сака да работи 3D, кој е твојот совет од каде да започне? Кои алатки се за почетници, а кои за понапредни корисници?
На сите мои студенти кога започнуваат им го давам истиот совет: „Започнете со столбот на принципиелниот дизајн“. Тоа се: големина, композиција, светло, тон и перспектива. Не е битен софтверот кога ќе започнете, истиот принцип се применува во било кој дел од креирање на 2D или 3D уметнички дела.
За жал Никола не можеше да ни открие на кои проекти работи во моментов, но откри дека во Platige Image работат на седум нови проекти кои ќе ги откријат наскоро.







