Хардвер од минатата недела: iPad Air, Threadripper Pro 5995WX, Magic Leap 2, Mac Studio, iPhone SE…

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Најголем дел од хардверот минатата недела доаѓа благодарение на Apple. Компанијата ни претстави нов процесор, телефон,  таблет компјутер, работна станица… За да не бидат сите вести исклучиво од Apple се погрижија од Magic Leap кој ја најави следната генерација очила за проширена реалност Magic Leap 2 и AMD кој ги претстави можностите на Ryzen Threadripper Pro 5995WX.

Samsung на 17-ти март ќе ги најави Galaxy A уредите

За следната недела Samsung најави презентација на која корисниците ќе може да се запознаат со Galaxy A уредите. Настанот минатата година беше искористен за презентација на Galaxy A52 и Galaxy A72.

Сите љубители на Samsung ќе можат да ја следат презентацијата во живо на YouTube каналот на Samsung.

На почетокот на февруари Samsung ја одржа својата најголема презентација за оваа година, на која ги покажаа флегшип Samsung Galaxy S22 уредите.

Ryzen Threadripper Pro 5995WX на врвот на бенчмарк тестовите

Уште откако AMD го претстави во  2017 година Threadripper е еден од најмоќните процесори на пазарот. AMD на почетокот на март ја најави новата верзија Ryzen Threadripper Pro 5995WX, нов процесор со одлични перформанси, и кога работи со едно, и кога работи со повеќе јадра.

Threadripper Pro 5995WX e најмоќниот процесор од 5000 серијата; доаѓа со 64 физички јадра; 128 виртуелни јадра; 256 MB L3-кеш меморија. Работна фреквенција на јадрата е 2,7GHz, а во буст мод на работа фреквенцијата е 4,5GHz. Ryzen Threadripper Pro 5995WX поддржува до 8 канали DDR4-3200 меморија и 128 PCIe 4.0 линии, пишува Toms Hardware.

Минатата недела протекоа неофицијални резултати од PassMark бенчмарк тестови за процесорот. Со 108,822 поени Threadripper 5995WX е во посебна класа. Најблизок на листата е AMD EPYC 7763 со 88,338 поени. Во споредба со најдобриот Threadripper од минатата генерација 5995WX има 28% подобри перформанси.

Извор: Reddit

Засега нема информации за датата на излегување или цената, но Threadripper од претходната генерација PRO 2995WX чини 6450 долари. Новиот процесор веројатно ќе доаѓа со иста или повисока цена.

OMOY робот кој смирува

Во текот на годините сме виделе повеќе чудни роботи, а новиот јапонски робот OMOY од Универзитетот Цукуба заслужува да се најде на листата.

Роботот е своевиден скрин ридер кој се држи во рака и може да ги чита пораките од комуникацијата на корисникот. Во телото на роботот е сместен тег кој се поместува со помош на мотор и со прераспределбата на тежината во телото на роботот, корисникот се смирува.

Првите тестови на роботот го потврдуваат тврдењето дека движењето на тегот во торзото на роботот ги смирува луѓето.

„Резултатите покажуваат дека воведувањето на поместување на тежината, заедно со говорот на роботот потиснува просечно 23% од гневот на корисникот. Меѓутоа, само 3,5% од гневот бил потиснат кога не било применето поместувањато на тежината. Во случаите кога роботот со зборови покажувал емпатија кон корисникот како дополнување на прераспределувањето на тежината, нагонот за одмазда на корисникот бил успешно намален за 22%. Речиси немаше никаков ефект кога не беше применето поместувањата на тежината“, велат истражувачите.

The Magic Leap 2

Производителот на можеби најинтересните очила за проширена реалност Magic Leap, најави втора верзија на уредите. Компанијата најави дека новата верзија на сетот за проширена реалност доаѓа со многу надградби кои ќе овозможат полесно и покомфорно користење, но и поголема доза на реализам.

Magic Leap 2 ќе има двојно пошироко видно поле во споредба со Holo Lens 2 или со првата верзија на Magic Leap. Надградбата ќе доаѓа и со можност за затемнување која ќе овозможи поставување на јасно видлива дигитална графика дури и на преосветлени локации. Ова може да се одвива и во другата насока. Така дигиталните слики може да се направат потранспарентни, налик на проекциите на холограми во Star Wars, па корисниците ќе можат да гледаат низ дигиталните објекти иако се поставени директно во видното поле.

Можеби најголема надградба е додавањето на рачен контролер кој овозможува следење на движењето и на положбата на рацете. Ова ќе овозможи корисникот да може да управува со дигиталните објекти во проширената реалност без да треба да мавта во своето видно поле. Наместо ова операциите во метаверзумот ќе бидат полесни и поприродни.

Покрај куп надградби и оваа генерација има недостатоци. На пример иако очилата се лесни, не можат да работат без дополнителната конзола која всушност е „мозокот“ на Magic Leap 2.  Конзолата е доволно мала да може да се прикачи на џеб на панталони, но не е доволно лесна за да ја заборавите, па ова останува помалку чудно, констатира Напиер Лопес од Next Web.

Крајни корисници на новата верзија на Magic Leap се компаниите. Најголем дел од промените кои се направени доаѓаат на сугестии на постоечки корисници на ML1. Така на пример затемнувањето на позадината е на барање на хирурзите кои во одлично осветлените операциони сали не можеле да ја разликуваат дигиталната графика во проширената реалност. Главни сектори во кои ќе се користи Magic Leap 2 се здравството, одбраната и во производните процеси.

Apple М1 Ultra

Покрај можностите за скалирање на новите процесори, полека ни станува јасно и дека Apple не е премногу инвентивен кога именувањето на процесорите е во прашање. Компанијата на презентацијата минатата недела го претстави новиот процесор наречен Apple M1 Ultra.

Чипот е составен од два М1 Max чипови и според перформансите се приближува до Ryzen Threadripper 3990X. Во мулти-јадрените тестови на Geekbench 5, M1 Ultra има 24055 поени, тестот на едно јадро има 1793 поени.

Двата М1 Max процесори се поврзани преку нова архитектура од Apple која компанијата ја нарекува „UltraFusion“. Засега нема детали за технологијата и имплементацијата, но ова е најнов пример на 2.5D пакување на чип смета Anandtech. M1 Max чиповите се поврзани преку интерпозитор низ кој се рутираат сигналите помеѓу чиповите. UltraFusion има над 10000 врски помеѓу чиповите што овозможува ултра-широко и ултра-брзо поврзување.

M1 Ultra има 20 јадра, од кои 16 јадра со високи перформанси и 4 ефикасни јадра. Графичкиот процесор доаѓа со 64 јадра. Чипот доаѓа со 128GB унифицирана меморија која работи на 800GBps. Според перформансите, M1 Ultra е осум пати побрз од стандардната верзија на M1.

Можеби најимпресивна во случајов е заштедата на енергија. M1 Ultra според спецификациите има електрична моќност од 60W, ова го прави процесорот 4,7 пати поштедлив од Threadripper 3990X кој има електрична моќност од 280W.

Надградба на iPhone SE

Ако ја игнорираме зелената варијанта на iPhone 13 и iPhone 13 Pro, буџет телефонот на Apple – iPhone SE е единствениот телефон кој компанијата го претстави на овој настан. Дизајнот на уредот е непроменет со години, но компанијата редовно го надградува хардверот. Од оваа година iPhone SE ќе доаѓа со A15 Bionic чип, поддршка за 5G, подобра батерија, и системи како Smart HDR 4 и DeepFusion.

Image courtesy of Apple

Ова е најевтиниот телефон на Apple и ќе чини 430 долари. Продажбата започнува од 18 март.

iPad Air со M1

По iPad Pro и MacBook Air, М1 процесорот од оваа генерација ќе биде достапен и на iPad Air таблет компјутерите. За оваа серија на таблет компјутери ова е голема надградба. Последната верзија на уредот доаѓаше со A14 чип, а со новиот чип уредот ќе биде дури 60 отсто побрз од претходникот. Apple тврди и дека iPad Air е двапати побрз од најпродаваните Windows лаптоп компјутери, но немаше дополнителни информации кои би споделиле кој е хардверот на овој лаптоп.

Новата верзија на iPad Air доаѓа и со поддршка за 5G и со нова камера. Со надградбата на камерата и процесорот ќе биде овозможено и користење на новата Center Stage функционалност на камерите на уредите од Apple кој овозможуваат автоматски фокус. iPad Air доаѓа со 2 USB-C порти, но без Thunderbolt. Уредот има поддршка за Magic Keyboard и Apple Pencil, но овие додатоци се продаваат посебно.

Image courtesy of Apple

iPad Air треба да е најшироко употребуваниот таблет од Apple, па компанијата смета дека ќе го користат различни профили, од студенти до креатори на содржини, и гејмери.

Цената на новиот iPad Air е 600 долари за моделот со 64 GB RAM меморија. Продажбата како и за iPhone SE започнува на 18 март.

Mac Studio и Studio Display

По подолго време има промени и кај Mac Mini. Компанијата го промени брендот, и сега овој уред доаѓа под името Mac Studio. Ова е многу помоќен компјутер кој сега доаѓа со M1 Max процесор и новиот и супер моќен M1 Ultra. Изгледот е како и на Mac Mini, иако Studio е малку повисок.

Image courtesy of Apple

Mac Studio доаѓа со 4xThunderbolt 4 порти; 2xUSB-C порти; 10GB Ethernet порта и HDMI. Од предната страна има 2 USB-А порти и слот за SD картичка. Очекувано перформансите на новиот M1 Маx и M1 Ultra процесори се далеку над претходните, но и од перформансите на дел од најголемите конкуренти.

Иако Studio доаѓа во мало пакување станува збор за вистинско чудовиште кога перформансите се во прашање. M1 Ultra Studio доаѓа со 60% подобри перформанси од 28-јадрената верзија на Mac Pro со Intel Xeon.

Цената секако не е ниска, и уредот со M1 Max процесор чини 2000 долари, а M1 Ultra моделот доаѓа за 4000 долари. Двете верзии се достапни во продажба од 18 март.

Image courtesy of Apple

Заедно со оваа надградба Apple го претстави и мониторот Studio Display. Studio Display е 27-инчен, 5К Retina монитор со True Tone поддршка. Доаѓа со 12MP камера; 6 звучници; три 10Gbps USB-C порти и една Thunderbolt 4 порта. Studio Display излегува на 18-ти март и ќе чини 1600 долари.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments