Томи Џуровски е ко-основач на стартапот Fabula Tabula, кој претставува тим кој работи на развој на игри. Томи е илустратор, концепт артист и ја води арт дирекцијата во тимот.
Денес, во групата Creative Exchange налетав на неговите постери направени за тест игра која за жал не стигнала до ниво на продукција, но она што го видов навистина вреди да се сподели…
„Постерите беа наменети за конкретна игра која не ја премина фазата на пре-продукција. Во принцип, трите постери се за една иста игра и служат за испитување на стилот и приказната во кој би била работена играта во подоцнежните фази на изработка.“ – ни ги објаснува постерите Томи Џуровски.

Постер за игра (© behance.net/TomiDzurovski)
На прашањето каков е процесот за создавање на едно вакво ремек дело, Томи ни образложи дека процесот не е едноставен и вклучува неколку фази:
„Процесот обично почнува од собирање на референци и креирање референтна табла (арт дирекција, кој стил одговара на приказната итн.). Потоа следи многу груба скица која ја доловува чисто само идеата и дава насоки за композицијата.“ – појаснува Томи.

Припрема за постерот, скечови и структурирање на околината (© Томи Џуровски)
„Во случајот на постерите карактерите требаше да бидат доволно осмислени за да може од таа фаза да се доработат па затоа дизајнот и скиците за нив се правени посебно и потоа имплементирани на постерот. Од скиците преминувам на боење каде некои работи може и да се менуваат за на крај да го добијам посакуваниот резултат.“- додава тој.

Груб скеч на карактерите (© Томи Џуровски)

Финален изглед на постерот (© Томи Џуровски)
Постерите се работени во Photoshop CS6 како софтвер, а цртежите се направени со табла за цртање Wacom Cintiq.
Времето за изработка, зависи од самиот предизвик, од илустрација во еден ден, до конкретно концепирање на постер во 3-4 денови.
„Конкретно за овие постери ми требаше малку повеќе време од обично (3-4 работни денови) бидејќи беа пропратени со приказна која се осмислуваше истовремено со дизајнот и беше наменета како основа од која би произлегол цел еден свет. Обично ако директно работам на илустрацијата ми треба 1 до 2 работни денови во зависност од тоа колку ликови и колку детална позадина треба да има на истата.“ – вели Томи.

Постер за игра (© Томи Џуровски)
За да го погледнете и останатото портфолио на Томи, посетете го неговото портфолио на Behance, ви гарантираме дека нема да останете рамнодушни на неговиот талент.
На Томи му посакуваме многу успех во неговата кариера и едвај чекаме да слушнеме за првите проекти на Fabula Tabula!
п.с. доколку ви е познато презимето, кликнете тука – се работи за гени. :)