NBA анализите на Стефан Нанев имаат преку 80 милиони прегледи на YouTube [интервју]

Avatar img-thumbnail img-circle

во Интервјуа, ИТ.МК

На прв поглед, Стефан Нанев од Скопје е регуларeн вљубеник во NBA лигата и еден од многуте креатори на YouTube содржини. Но, неговиот YouTube канал Heat Chеck, кој целосно го работи од Скопје, го следат повеќе од пола милион претплатници од целиот свет. Најголем дел од гледачите на неговите досега објавени 214 видеа доаѓаат од САД, но речиси еднаков е бројот на „фанатици“ на најсилната кошаркарска лига од Филипините. Вкупниот број на прегледи на неговиот канал е над 80 милиони.

Минатата недела Стефан го презентираше и неговото ново студио во кое веќе започна да снима содржина. Како е да се води вака успешен YouTube канал директно од Скопје, го прашавме Стефан, но разговаравме и за опремата која ја користи, начинот на создавање на содржини, предизвиците на YouTube како и новотo студио. Секако има и некое прашање за NBA. :)

Стефан Нанев

Во неколку реченици, кој е Стефан Нанев?

Своевремено неуспешен студент на Економски факултет, а денес – самоук видео монтажер и исполнет YouTube креатор. Љубител на здрав живот и трчање, па често може да ме најдете на кејот на Вардар. Ме интересира сè што е поврзано со технологија и гаџети. Доброволно патам од недостаток на сон веќе 15 години гледајќи NBA натпревари до рано наутро. :)

Кога и како започна каналот, од каде идејата токму за NBA-контент?

Љубовта према NBA постои од кога знам за себе. Во разни периоди од мојот живот досега имало разни интереси и хобија, но пасијата кон кошарката до ден денес е силна како и во детството.

Слична е приказната и со Youtube. Додека следев некои од моите омилени Youtube креатори, добив идеја и јас да се обидам на оваа платформа. На почетокот постирав разни типови на видеа – од компјутерски хакови, до специјални ефекти научени од некој туторијал, до review на некој гаџет, за на крај да се сетам дека она за што највеќе знам и би имал непресушен извор на теми е NBA. И остатокот е историја :)

Каква опрема користиш за снимање на видеата? 

Камерите на Sony (a7III и a7sIII) се задолжени за визуелниот дел, а Shure SM58 доловува одличен звук без ехо и шум за гледачот да ужива и да се фокусира единствено на содржината. Кога сакам да анотирам некоја акција и преку цртеж на екранот да прикажам каде се движат играчите- користам таблет Wacom Intuos.

Во секој кадар како заштитен знак ми се и светлата во боја – кај нас во Македонија има smart lights од Xiaomi кои се контролираат преку мобилен телефон.

И секако, сето ова се монтира на компјутер.

Кој софтвер го користиш за продукција и монтажа?

За монтажа користам Adobe Premiere Pro, а на гледачите би им го препорачал и Davinci Resolve кој е бесплатен. Често имам потреба и од снимање на екранот (screen recording) и за тоа користам програма која се вика OBS.

Како одбираш тема за видеата, мора да биде актуелно или наоѓаш инспирација и во ретро-NBA?

Анализата за мене е секогаш најинтересна. Сакам да им доловам на гледачите какви акции и стратегии имаат екипите. Нешто како откривање на трикот од еден магионичар :) Па според ова, поголемиот дел од темите се актуелни натпревари, но знам и да дадам свое мислење за трансфери на играчи, а имам и доста ретро NBA видеа.

Колку гледачи во просек имаат твоите видеа? 

Бројките често варираат од месец во месец, а дури и од недела во недела. Овој период е малку побавен во NBA, па сега прегледите се околу 60.000 по видео. Април, мај и јуни за време на разигрувањето, просекот знае да дојде и до 200-300 илјади. Како некоја своја граница за тоа дали е видеото успешно или не – јас ја имам поставено бројката од 100.000

Анализите на акциите се импресивни, кој е твојот креативен процес? Како ги забележуваш овие работи, како ги следиш и ги обработуваш?

Благодарам! Би рекол дека нема некоја посебна тајна на мојот процес. Умешноста да забележам нешто на теренот доаѓа со безброј изгледани натпревари. Би рекол дека едно нешто што многу ми помогна беше тоа што престанав да се фокусирам на топката и играчот со неа. Шетам со окото низ целиот терен и гледам колку многу работи се случуваат во една акција. Она што го забележувам, потоа се објаснува во видео.

Колку часа во просек (анализа, снимање + продукција) ти се потребни за едно видео?

Главен предуслов за да се направи видео е да се изгледа натпревар. Тоа се околу 2.5 часа. Потоа следи додатна анализа во форма на собирање статистика и избор на акциите кои ке се анализираат. Па го пишувам сценариото, за на крај тоа да се сними и монтира. Сето ова како и креирањето на thumbnail сликичка за видеото (подзаборавен аспект кој сепак одзема време) трае околу 6 часа. Што ќе рече севкупно 8-8.5 часа за едно видео.

Оваа недела го претстави новото студио на Heat Check, повеќе ти беше потребна промена на опремата или на околината?

Навистина го сакам ова што го работам и тоа ме води да секогаш се стремам за нови, интересни и пред се поквалитетни видеа. Добивам одличен број на прегледи и никаква промена не беше неопходна.
Сакав на гледачите да им понудам нешто поразлично. Нешто ново и невидено на NBA YouТube сцената. Студиото преставува еден голем исчекор од конвенционален YouТube креатор во својата соба- на (се надевам) нешто што повеќе наликува на студиска емисија и шоу. Ќе ми треба некое време, но се надевам дека ќе стигнам до тоа.

Што може да очекуваме со новото студио?

Студиото ми дава простор да бидам креативен, да внесам нови сегменти, нови начини на анализа, како и повеќе забава во видеата.

Во првите месец-два дефинитивно очекувајте период на адаптација, многу различни структури на видеата додека да согледаме заедно со публиката што е добро а што не. Па дури и по некоја грешка сигурно може да очекувате. Но ултимативно – забава и повеќе контент кој ќе биде поквалитетен.

Имаш активна соработка со тимот на Ellify, кажи ни нешто повеќе за тоа? Како постои оваа соработка, кој е бенефитот?

Ellify се мојата логистичка поддршка. Тие се агенција и се задолжени за секаков вид на комуникација и преговори со спонзори, овозможувајќи ми мене целосно да се посветам на креативниот дел и снимање видеа.

Заработуваш ли доволно од Heat Check да можеш во целост да му се посветиш на каналот? Можеш ли да споделиш некои конкретни бројки за заработката – како е да се заработува од YouTube?

Како и во секоја гранка од категоријата забава, финансиите зависат од гледаноста. Се чувствувам среќен што можам да кажам дека заработувам доволно за живот од мојата пасија. Како што кажав на почетокот за прегледите – и заработката варира од месец во месец, но секогаш имало доволно за да се подмират сите трошоци, па и на крај да остане за нови патики за кошарка. :)

Дали имаш забележани промени во моделот на YouTube за исплата на креатори во изминатите години? Дали е подобрен кон креаторите, или влошен?

Моделот на исплата од YouTube е ист. Единственото нешто што секогаш се менува е алгоритамот кој „одлучува“ на некој начин колку едно видео ќе биде прикажано на платформата, и со тоа колкави шанси ќе има за нови прегледи и поголема монетаризација од истите.

Јас лично се трудам да не се грижам многу за ова, и фокусот да го насочам кон правење нови видеа, а прегледите сами ќе си дојдат.

Дали сметаш дека ако целна група ти е Македонија ќе можеш да оствариш ОК заработка од YouTube?

Со видеа за кошарка на македонски тешко дека би остварил ОК заработка. Едноставно, гледаноста би била премала. Забележувам дека има македонски YouTube креатори со солидна гледаност, но други се тематиките кои се обработуваат.

Некој совет за новите стримери?

Да размислат убаво што е она за кое би зборувале со страст непрекинато. (А за гејмерите- игра на која секогаш се навраќаат.)
И нека почнат да прават видеа за тоа. Пасијата и љубовта ќе бидат очигледни во видеата и прегледите ќе почнат да доаѓаат без да се грижите за нив.

Секако кога веќе разговараме со Стефан не може, а да не го прашаме и за актуелната состојба во НБА лигата, а и да побараме одговор на „вечното прашање“.

Кој е фаворит за титула оваа година?

Мило ми е што годинава се е отворено. Плејофот ќе биде навистина интересен. Јас сепак им давам предност на минатогодишните финалисти Милвоки и Феникс, но буквално ништо не се знае, многу екипи се појавија одеднаш и сè е неизвесно.

И секако прашањето што „одбива да умре“, Мајкл Џордан или Леброн Џејмс?

Хаха вечната дебата :) Финеси се во прашање, и веројатно повеќе е работа на вкус.

За мене е непобедлива доминацијата на Џордан своевремено, како и целата мистика околу него. Начинот на тренинг, односот кон соиграчите, и целосната посветеност кон освојување на титула, па макар и по цена на тоа да биде отсликан негативно од некои луѓе. На крајот сепак мора да повторам – финеси се во прашање :)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Kоментари на статија (1)Forum replies (1)

Loading new replies...

Ѕвер е дечкото одамна го следам

одговори 1 Like

Subscribe
Notify of
guest
2 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
Igor
Igor
3 years ago

Odlicno decko te sledam i sekogas se divam na analiticnosta. Content koj ima value.