Кога излезе првата Elex во 2017 година, RPG ентузијастите беа пријатно изненадени и не губеа време да ја прифатат со раширени раце. Да, играта имаше одредени багови и неправилности, нешто што полека стана карактеристично за тимот Piranha Bytes. Но, доколку ги следите нивните претходни игри, особено Gothic серијалот тогаш знаете дека се работи за исклучително амбициозни луѓе.
За брзо време, Elex пружи значително попријатно искуство и, моментно, играта ужива 72% позитивни рецензии на Steam. Дали таа амбициозност ќе пушти корени и во втората игра, која е планирана да излезе на 1 март? Ова се 3 работи кои би можеле да ги очекувате во Elex II!
Значително подетална и подлабока приказна
Приказната се одвива шест години по случките во првата игра. Овојпат, потребно е да ставите крај на целосно нова закана која доаѓа во форма на навидум несопирлива и крајно брутална армија која користи илекс на целосно нови и непредвидливи начини. За да им се спротивставите потребно е да пробате да ги соедините сите пет фракции и да ги пречекате со заеднички сили. Обединување на фракциите воошто не е лесно, затоа што тие се водат по нивни верувања и за да ги импресионирате потребно е да донесувате внимателни одлуки.
Elex II има над 300 уникатни NPC ликови, a секој од ликовите, според тимот, се одликува со уникатни карактеристики и личност. Од 350 000 зборови кои се снимани за играта, поголемиот дел припаѓа токму на NPC ликовите. Исто така, вашите сопатници играат важна улога и бараат посебно да внимавате за нивните цели и интереси.
Нешто што е директно врзано со приказната се изборите кои ќе ги донесувате и последиците со кои ќе се соочувате. Во неколку прилики, тимот потенцира дека изборот е еден од најважните аспекти за Elex II и дека некој ваш избор ќе има инстантна и драстична последица, но некој избор ќе има последица значително подоцна во играта, баш кога најмалку би очекувале.
Огромен свет полн со детали и уникатни обележја
Магалон е постапокалиптичен свет кој во одредени ситуации, црпе визуелна инспирација од Fallout серијалот, но со оглед на огромниот акцент на магии, често низ таквиот постапокалиптичен свет се провлекува и средновековна жичка. Според тимот, светот е со приближна големина како првата игра, а ќе ви дозволи да истражувате планински (снежни) места, кањони, шуми, како и бројни зандани и рушевини од едно далечно доба.
Како и Skyrim, така и во Elex II ако видите нешто ќе можете да отидете таму. Огромен акцент се дава на истражување на огромниот свет, особено подоцна, откако ќе отклучите џетпек. Убавиот свет на Elex II доаѓа со цена и доколку сакате да искусите максимално графичко уживање потребен ви е I5 – 9500F процесор, графичка RTX 2060 и 16GB RAM.
Надградени можности за веродостојна борба
Ако за нешто беше највеќе критикуван Elex тоа беше поради несмасниот систем за борби, дури и по неколку содржителни закрпи. Во втората игра, тимот има направено целосен ремонт на борбените механики и резултатот, според нив, е значително подобра игра, со подобра вештачка интелигенција на непријателите и вашите сопатници, но и поверодостојни анимации кои даваат посоодветен визуелен фидбек. Покрај стандардниот тип на hack & slash битки, како новитет се и воздушните битки, кога го користите вашиот џетпек.
На располагање ќе имате арсенал од оружја, но и магии за лична пресметка од блиску или од далеку. Паралелно со ова, нема да имате класи и без никакви рестрикции ќе можете да работите на вашиот лик онака како баш вие сакате. А, ако имавте 300 NPC ликови, тогаш во поглед на непријатели и босови имате над 100 различни типови.
Како што напоменавме, Elex II излегува на 1 март, но ние веќе ја добивме ексклузивната можност предвреме да ја тестираме играта. Очекувајте ја нашата рецензија за две недели!