Blizzard сигурно не очекуваше да добие петиција потпишана од 250.000 луѓе откако го изгаси приватниот сервер Nostalrius. И покрај противењето на компанијата, сепак постои огромна заедница која не сака да ја игра модерната World of Warcraft, туку оригиналот познат како WoW Vanilla, објавен во далечната 2004-та годинa. Има огромен број на фанови кои играат преку приватни сервери, не поради тоа што се бесплатни, туку бидејќи ја нудат играта што ја сакаат.
Инаетот на Blizzard да не ја рекреира оригиналната игра предизвика револт по гасењето на Nostalrius, кои привлекоа над 800.000 профили. Oригиналната WoW најмногу имаше 12 милиони играчи во третата експанзија пред пет години, но сега има само 5 милиони. Приватниот сервер траеше една година пред да биде изгасен поради злоупотреба на индустриската сопственост што Blizzard ја има врз WoW.
Но, добра вест е дека Blizzard заедно со тимот на Nostalrius размислува да ја врати оригиналната игра. Причината е што играчите на приватниот сервер и познати Youtube-ери започнаа петиција со која бараа Legacy сервери од Blizzard, која за кусо време стигна до 250.000 поддржувачи. На дискусијата се приклучи и Марк Керн, кој е поранешен девелопер на World of Warcraft, кој потсетува дека за разлика од останатите видеоигри, за MMO не постои начин во кој корисниците можат да уживаат по промените.
Сепак најголемата вест е дека компанијата се согласи и ќе се сретне со тимот на Nostalrius и ќе разговараат за враќање на оригиналната игра. „Видете, некои од нас само сакаат да се вратат каде што припаѓаат, некои од нас само сакаат да си одат дома. Сакаме да ја играме играта која што ја паметиме, играта која ја сакаме, играта во која ги вложивме крвата, потта и солзите. Само сакаме да се вратиме назад во времето“, вели YouTube ѕвездата Boogie2988, зборови кои можеби најдобро ги објаснуваат барањата на играчите. Се чини дека Blizzard сака да ги врати назад хардкор гејмерите. Според најавите се зборува и за „pristine“ сервери кои ќе бидат на последната верзија на играта, но без некои од работите кои значително ја олеснуваат играта.







