Полека се приближуваме до почетокот на октомври, а за македоснката гејминг заедница тоа значи дека дечките од GG.MK се враќаат назад во студио и продолжуваат со поткастот. Ова е јубилејна 10 сезона од GG.MK, а идејата за прва емисија за видеоигри е многу постара.
Традиционално за новата сезона го контактиравме Гораст, а тој без размислување се согласи да ни одговори на прашањата за почетоците и плановоте за новата сезона.
Со GG.MK почнавте пред 10 години. Како дојде до тоа да тројца страствени гејмери решите да реализирате еден ваков проект?
Од моја страна историјата е ваква. Муабетот датира многу порано… околу 10 години пред GG.MK. Иницијално јас се познавав со Наум (Михајловски од Furious Avocado). Работевме заедно за списанијата 100% Мултимедија и INBOX. Дополнително се поврзавме и како страствени играчи на Quake 3, а згора на тоа имавме и сестрински иницијални професии, јас актер, тој режисер. Со Бобан подоцна се запознав од играчници и го запознав со Наум. Направен беше концепт и разработка. Дури направивме и скица како би изгледало студиото.
Почнавме со трагање по финансии и пред се, простор на ТВ. Тогаш интернетот беше оскуден, а стриминг не ни постоеше. Единствен визуелен медиум беше телевизијата. Пичот ни беше следен: Гејминг општеството се зголемува, игрите ќе бидат секојдневие, ќе се игра многу на мобилни уреди (ова беше потенцирано на ИТК компанииите), секој ќе сака да игра, ќе се развие е-спорт сцена која ќе биде многу ценета и скапа, гејминг хардверот ќе го има во изобилие, а конзолите ќе се тепаат со ексклузиви. Сите, без исклучок, ќе се изнасмеаа и ќе не испратеа со муабетот „вие не нè барајте, ние ќе ви се јавиме“. Бевме и до неколку процукции кои исто така на класичен начин „најдете спонзори и ние сме одма за!“ муабет нè шуткаа. Очигледно не беше дојдено точното време.
Ова траеше 5-6 години, а нас веќе нè стигаше „кондицијата“. Иако таа тема беше оладена, ние си продолживме со гејмерските животи и дружење. Наум, како режисер соработуваше со продукција „Квазар“ начу муабет дека и они сакаат емисија за гејминг. Тоа беше Данко кој работеше таму како продуцент. Со Бобо веќе имав лав-хејт релација затоа што бевме ривали во играчница и се гледавме секој ден… буквално. Во тој момент тој и Наум работеа заедно на еден портал кој се викаше ЦЕНТРАЛА (RIP за жал) па така многу често се гледавме. Па така падна договор во продукцијата Квазар. Снимивме трејлер. Уште една година чекавме со надеж дека овој пат телевизија ќе сфати, но иста песна. За среќа овој пат веќе интернетот веќе беше на ниво за да може да се стрима. И други стримови на интернет почнуваа да се наѕираат, па така и ние со веб камера и микрофон во нашето мини студио го почнавме GG.MK. Другото го знаете.
Гејмингот во Македонија, пред 10 години и сега. Можеш ли да направиш паралела?
Златната ера на гејмингот беше околу 2000-та. Значи 20 години. Тоа беше пикот кога сè уште немаше добар интернет, а можеше да се добие хардвер, па така играчниците царуваа. И покрај сумливите услови во разните визби, гаражи, скривници, автобуски/железнички станици, бивши канцеларии и мезанини, дружбата и запознавањето беше на највисоко ниво.
Тогаш се појавија и едни од најважните игри во мултиплеер историјата, WoW, CS, Dota, Starcraft,… па така имаше за секој по нешто. Потоа, после 2005 сите добија интернет дома и полека згасна одењето во играчница. Тогаш почна да се игра од дома. Тогаш се појавија троловите. Тогаш почнаа да царуваат читерите. Потоа имаше период на „клиничка смрт“ на ова поле, се до појавувањето на GG.MK. Во 2015 година гејминг заедницата најде повторно место каде да се собира и дружи.
Ако те вратиме со временска машина назад 10 години, што би сменил во почетоците на GG.mk и како подруго би ги истерал 10-те сезони?
Почетоците се супер. Би додал уште 1-2 продукти. Еден од нив за влакно не виде бел ден. Тоа беше GG Flash News кој е во фиока 5-6 години. Можеби требаше да се префрлиме на англиски јазик, но пуст патриотизам и желба Македонскиот народ да има свое нè натера да си го задржиме јазикот.
Иако на влакно беше продукција на емисии за борд гејмови, хардвер и рецензии за стари игри, творците – кои требаеше да бидат мотори на тие проекти – во последен момент ретерираа, па така остана само на муабет. Можеби вебсајтот требаше порано да стане портал наместо индекс за епизодите. Но сè на сè, мислам дека добро теравме.
Ги видовме Еxcubitor, Sonder, Odium to the core, наскоро Скопје (fingers crossed), The Strange Story Of Brian Fisher, Tie Dye и што уште не. Како лично би ги рангирале мк игриве на некоја си GG.mk .мк топ листа?
Има на листава да се додадат барем уште 10-тина наслови кои се изредија во ова десетолетие. Не би можел да направам листа затоа што Сондер не е завршена, Tie Dye е hyper casual игра за мобилен, а Skopje сè уште не е излезена. Во секој случај македонската гејм девелопмент сцена иако е ветеран во постоење како сцена на Балканот, сепак е уште кревка и млада, несозреана. Тоа ќе се смени.
Кој е еден од најгордите моменти што ги имате како GG.mk во изминативе 10 години?
Финалето на првата сезона во Cineplexx каде во живо дојдоа 320+ луѓе да гледаат ми е епско! Интервјуто со шефот на гејминг дивизијата на Микрософт, интервјуто со (великиот) Сакса, „leak“-от на информацијата дека Hearthstone доаѓа на мобилни уреди во првата сезона на гостинот од Близард пред било кој друг во светот, добивањето ПАРТНЕР од страна на Twitch после само 2 епизоди и креирањето на категорија „Gaming talkshow“ специјално за нас, потоа кастањето на A1 Game Fest, особено во 2019 година. Гранде гивавеите, регуларните гивавеи и видеата кои ги склопивме се кремот. Собирите за Blizzcon, кои бтв, сеуште траат меѓу заедницата и членовите на Discord каналот не само за Blizzcon.
Имате доволно спонзори за да направите спектакуларни „Giveaways“. Дали компаниите конечно почнаа да го сфаќаат гејмингот посериозно или уште се тоа лични контакти?
Досегашните пријатели и спонзори на GG.MK остануваат повторно. Иако има од време на време и други, сепак се поскромни и порезервирани во однос на ова. Публиката на оваа тема е прилично специфична па така и компаниите (со право) гледаат и бираат како и колку ќе се инволвираат во оваа приказна. Важно ние секогаш сме отворени за будалаштии, се додека стоиме зад тврдењата и производите и услугите кои ги рекламираме.
Дали GG.mk е бизнис од кој може да се покрива некој трошок, или е исклучиво хоби водено од ентузијазам и желба за дружба со истомисленици?
Ние го водиме GG.MK без задршка и калкулација по цена на финансии. Не ги изневеруваме гледачите и не ги лажеме спонзорите. Иако може да се направи формула овој формат да заработува и генерира приходи, влогот и инволвирањето на сите кои сме на овој медиум не може да се покрие од тоа. Но среќа за тоа многу брзо се освестивме и одлучивме дека го правиме ова уште појако, а сè што влегува како финансии го враќаме на заедницата која, да бидеме искрени, прави ваков медиум да постои. Ако ги нема нив, ова ќе биде бледо инфлуенсерско броење на лајкови.
По најавите за нови игри, по се изгледа нема да има време за спиење есенва… Кои игри ги очекувате со нетрпение?
Паника! Искрено паника ме фаќа за тоа што излезе претходниов месец и што треба да излезе… кај ќе се најде време… како ќе се оправдаат парите… море кај ќе се бара простор за да се изигра сè тоа. Baldurs Gate, Starfield, Spiderman 2, Cyberpunk DLC,… се само неколку кои чекаат во ред да се изиграат. Да не зборам што треба да дојде и во почетокот на следната година.
Кога почнува новата сезона?
И оваа година, како и секоја претходна сезоната почнува на првиот понеделник од октомври. Кај основците веќе е поминат стресот од новата учебна година, факултетлиите се веќе вратени во Скопје и другите факултетски градови и стабилизирани за испитните сесии, буџетите се затворени, а Нова година е на повидок. Нема подобар момент за почеток на нова сезона на ток шоу за гејминг!
Што може да очекуваме оваа година?
Конечно ќе почне мрчндајзинг. Маици, кецели, гаќи, подметачи и привезоци. Можеби и упаљачи со нашето лого,.. чисто како ретро момент, (GG.MK не поддржува пушење. Никој од членовите на GG.MK не е пушач). Содржински, најголем акцент е што Данко повторно зема активно учество во емисијата. Го подобривме хардверот, конечно сите членови имаат супер брз интернет за стрим, нови светла, нови камери. Паци беше на курс по тон, Марио беше на самит по ораторство, Данко е рефрешнат, а јас и Бобо сме одморени и едри за дискусии. Нема поголемо задоволство од она кога со своите истомисленици разговарате на тема која на сите ви е исто драга и важна. Тоа е основата на GG.MK.