Apple вообичаено нема проблеми со продажбата и со вредноста на акциите, компанијата е прва, и засега единствената со вредност од 700 милијарди долари. Но, неодамна Apple за прв пат во 13 години забележа намалени приходи поради помалата продажба на iPhone, неуспехот на Apple Watch и заситување на пазарот, што значи дека сега акциите се продаваат за 30 отсто пониска цена од пред една година.
Проблемите на Apple се од последниот период, а во првото трoмесечjе компанијата забележа намалување на заработката со истиот период во 2015 за 26 отсто. Од компанијата ова го толкуваат како недостиг на мотивација за купувачите да го надградат својот телефон на последната верзија, па најавуваат дека веќе за следниот iPhone промените ќе бидат позабележителни. Една од причините за намалувањето на оптимизмот е потфрлањето во продажба на Apple Watch, иако часовникот надмина најголем дел од конкурентските часовници и фитнес алки.
Но, се чини дека проблемот можеби е поголем отколку што изгледа, штом Тим Кук мораше да излезе и објасни дека компанијата не е загрижена за продажбите. Дел од проблемот за часовникот е што засега паметните часовници не успеваат да го пронајдат своето место во екосистемот, ова не е исклучок кој важи единствено за Apple туку за сите часовници. „За неколку години луѓето ќе викаат како не ми текнало претходно да го користам овој часовник. Бидејќи ќе прaви толку работи наместо вас, а тогаш ќе изгледа дека се се случило преку ноќ“, вели г. Кук во интервју за CNBC.
Компанијата се надева дека ќе успее да ги освои пазарите на земјите во развој како Кина и Индија, но традиционално ова не е пазар на Apple. Компанијата ги продава своите уреди скапо, па иако заситувањето на светскиот пазар е ниско, околу 40 отсто, дел од експертите тврдат дека Apple го дистигнала „плафонот“ во продажбата.