Сите се надевавме дека пандемијата, по две активни години и пронаоѓање на вакцините, брзо ќе стане минато и ќе можеме да се вратиме на нормалниот живот. За жал ова не е случај и наместо да има намалување на бројот на заболени повторно има раст низ цела Европа. Ако сакате да навлезете малку повеќе во статистиката позади овој „досаден“ вирус, разгледајте го Трекер.мк – проектот за анализа на податоци за COVID-19 кој нуди и REST API.
Да се намали опасноста за ширење на ковид-19 владата оваа недела требаше да донесе мерки со кои вработените во јавна администрација ќе мораа да бидат вакцинирани за да одат на работа, тешката сообраќајна несреќа (забелешка: IT.mk изразува сочуство кон семејствата на загинатите :( ) можеби ќе ги помести овие мерки, но речиси несомнено истите во некој даден формат ќе бидат донесени во иднина.
За олеснување на идентификацијата на вакцинацијата, Министерството за здравство претстави две апликации за паметни телефони кои се користат како доказ за вакцинираност и како алатка за потврда на вакциналниот статус. Двете апликации заедно се своевиден пар, па едната го чува сертификатот за вакцинација, а другата се користи за да ја потврди веродостојноста на сертификатот. Се надеваме дека големо внимание е посветено кон доверливоста на податоците и сертификатите, особено по случајот во кој беа издадени валидни ЕУ сертификати за ковид-19 на име на Адолф Хитлер и Sponge Bob.
Двете апликации се MK Wallet (да, и ние сметаме дека името на прва потсеќа како официјална апликација на Македонија за чување криптовалути) и MK Verifier и на iOS и на Android продавниците за апликации се објавени од страна на профил на Министерството за здравство.

MK Wallet е мобилна апликација која е наменета за сите граѓани и се користи како локација на која дигиталниот сертификат може да се зачува на телефонот. Користењето е едноставно, иако може да биде и подобро.
MK Verifier е наменет за помала група на корисници, на оние кои треба да ги „легитимираат“ луѓето и да потврдат дали податоците се точни. Апликацијата е уште поедноставна за користење и единствено се користи како скенер за QR-кодовите.
Линкови до двете апликации се достапни на страницата вакцинација, или може да ги преземете од следните линкови
MK Wallet
MK Verifier
Како да ги користите MK Wallet и MK Verify?
За почеток ќе биде неопходно да креирате кориснички профил. За среќа ;) Како што и треба да биде, ова е супер едноставно. Потребни ви се матичен број и мобилен телефонски број. По внесувањето на овие податоци назад ќе добиете SMS код кој го внесувате во полето; ја внесувате лозинката и готови сте со креирање на профил за нов корисник.


Следно што треба да направите за да користите MK Wallet е да се логирате и да го преземете „ЕУ Дигиталниот Ковид Сертификат“. Тука треба да бидете малку внимателни бидејќи има „EU Digital COVID сертификат“ и „COVID19 Сертификат за вакцинација од Министерство за здравство“.

Проблемот е што ако направите превид и преземете погрешен сертификат апликацијата нема да ве извести дека скенирате погрешен QR-код туку ќе заглавите на следниот чекор во кој треба да го внесете TAN-кодот. Апликацијата во овој момент го очекува TAN-кодот, но погрешниот сертификат всушност доаѓа без оваа информација, па може да заглавите барајќи информација која не постои. Ако го преземете точниот сертификат TAN-кодот е лесно видлив и не може да направите никаква грешка. Понатаму одбирате „Save“ и потоа лесно може да се одбере кодот и да се прикаже кога тоа ќе биде потребно.

Направивме неколку тестови на апликацијата и главно немаше проблеми. Сепак во еден од тестовите MK Verifier одбиваше да го прочита QR-кодот. Бришење на апликацијата и реинсталирање го реши овој проблем.


MK Verifier е уште и поедноставна за користење. Апликацијата е наменета за оние луѓе кои треба да проверат дали некој има валидна ковид вакцинација или не. Треба само да ја преземете и инсталирате апликацијата. По инсталирањето само ја отворате апликацијата, дури не треба да одберете да скенирате туку само да го насочите паметниот уред. Ако клучевите се истечени едноставно одите во „нагодувањата“ и одбирате „Reload“.


Што може да биде подобро…
Најголемиот недостаток на апликацијата е јазикот. Од некоја причина сите контроли се на англиски јазик. Секако има малку контроли и веројатно многу луѓе знаат англиски, но апликацијата треба да биде достапна за сите. Одличен пример кој би можеле да го користат сите во иднина е ID Operated by Evrotrust, едноставен избор на јазикот веднаш по отворање на апликацијата, па сè друго потоа. Со исклучок на ова, ако нема некои скриени непријатни изненадувања со приватноста, апликацијата е одлична за намената која ја има.