Мега рецензија: Guild Wars 2: Janthir Wilds

На кратко за Guild Wars 2: Janthir Wilds:

  • Продолжување на приказната од The Secrets of the Obscure
  • Две огромни мапи инспирирани од Исланд
  • Секоја од професиите го користи копјето во посебни борбени стилови на земја
  • Добивате парче земја кое можете да го уредувате преку крафтање различни декорации
  • Проширени можности за животното за јавање Warclaw
  • Дополнителен систем од masteries за Кодан, Warclaw и вашиот дом
  • Впечатлива кампања и бројни споредни квестови
  • Прочитајте го нашето интервју за експанзијата тука!

Доколку не читате низ годините, тогаш знаете дека сме огромни фанови на ММО играта на ArenaNet. Guild Wars 2 е една од најпопуларните ММО игри. Низ годините, развојното студио зад играта храбро експериментира и го менува урнекот на исфрлување значајни надополнувања за играта. Таканаречената Living World механика, според која играчите органски навлегуваат во бројни настани, често се менува, надградува или заменува за да се прилагоди или на потребите на играчите или пак според ресурсните можностите на студиото.

Ликот со кој решивме да ја истражиме по првпат експанзијата

Во мисијата за нудење свежи содржини, експанзиите го имаат главниот збор. Првата експанзија нѐ прошета низ џунгли и воведе лебдење, додека втората експанзија ги запозна играчите со уникатни суштества за јавање во преубави пустински предели. Ова се нашите две омилени експанзии. Двете експанзии кои дојдоа по нив не успеаја целосно да не вовлечат во универзумот, барем не на ист начин како Heart of Thorns and Path of Fire. Имено, третата експанзија се одликуваше со преубави мапи, но воведе прилично слаби новитети, како мини игра маскирана во риболов, и користење џејд помошник. Четвртата експанзија, меѓутоа, не воведе никакви клучни механики и одбележа значително поместување во начинот на кој претходните експанзии се планираа, правеа и испорачуваа до играчите.

Петтата експанзија чекори по патот на четвртата, но уште на самиот старт е јасно дека тимот научил што функционирало во моделот, а што не. Како резултат на тоа Guild Wars 2: Janthir Wilds е многу подобра експанзија и нуди целосен пакет од интересна приказна, мапи и гејмплеј новитети, до тој степен да одново не принуди да ги броиме минутите до нашата следна гејминг сесија и да не сакаме да играме ништо друго освен Guild Wars 2.

Плачот на дивината

Приказната во Guild Wars 2: Janthir Wilds се надоврзува на таа од претходната, така да Astral Ward и понатаму игра огромна улога. Овојпат, мистериозната група од волшебници ќе излезе од сенките и директно ќе побара помош од лидерите на Тириа. За да може правилно да се идентификува и спречи заканата која произлезе со пеколните суштества криптис. За таа цел, ќе биде потребно да најдете дополнителни сојузници, овојпат во срцето на дивината Џантир. За брзо време ќе се запознаете со племињата кои просперираат таму и со заеднички сили ќе пробате да најдете соодветно решение за елиминирање на новата закана.

Добредојдовте во Џантир!

Многу време и љубов е посветено во осмислување на приказната во Guild Wars 2: Janthir Wilds. Играчот се соочува со бројни новитети уште на симиот почеток во играта, а тимот се труди да исткае впечатлив наратив и лор, првин со отклучувањето на животното Warclaw, а потоа и со давање на вашето прво парче земја. Па така, ќе можете поубаво да се запознаете со природата на животното и ќе пробате да припитомите едно за јавање (доколку го немате претходно отклучено во WvW). Целата мисија е внимателно осмислена, со еден топол-ладен принцип на битки, мазење, водење и, на крај, хранење. Мисијата со давање на вашиот дом, пак, се одликува со многу срдечни моменти пропратени со носталгични дијалози и минато кое нема никогаш да се врати.

Станавме најдобри другари за брзо време со Warclaw!

Warclaw e животно за јавање кое беше воведено во играта одамна, првенствено за world versus world режимот за повеќе играчи. Сега, со оваа експанзија, движењата и способностите се прилагодени за да може да се користи на нови начини низ PvE мапите. Овие способности, меѓутоа, не ви се сервирани инстантно, туку ќе мора да работите на нивно отклучување преку собирање искуство. Во моментот кога ќе ги отклучите сите masteries, ќе можете со животното тројно да скокате, да бидете отпорни на падови од височина, да сте поопасни или да имате зголемена регенерација.

Доколку животното ви беше отклучено во WvW, ќе добиете делумен поврат на ресурсите

Warclaw е до тој степен сменето, да имавме впечаток како да управуваме со целосно ново животно. Особено ни се допаднаа новите начини за патување со ова животно, како и новите механики кои се воведоа за време на битките. Имено, одредени шампиони ќе ви побегнат за време на битките и ваша задача ќе биде да ги фатите со животното, да ги погодите со копјето, да ги истоштите за да повторно ги вовлечете во битката. Од друга страна, некои нови мисии ќе бараат од вас да се качите на животното и да уништувате, пример, бројни ларви со хоризонталниот скок. На овој начин, Warclaw стана незаменливо животно во одредени ситуации. ArenaNet покажа дека животните може дополнително да се надградат и да понудат нови забавни начини во нивното користење. Се надеваме дека во иднина сличен третман ќе добијат и останатите животни.

Нема да лажеме, правиме одличен тим!

Како втора клучна механика е способноста да си добиеме наш дом и да го уредуваме онака како што сакаме. На располагање добиваме импресивна и преубава територија со веќе направена куќа и помошен амбар, штала, фарма, мост и воденица. Куќата не е целосно празна, но има доволно простор за вметнување бројни елементи од дом.

За да поставите нешто во вашиот дом, мора првин да го направите. За да го направите, меѓутоа, мора првин да го откриете рецептот, дали преку купување од различни места или преку исполнување одредени услови. Во вашиот нов дом имате станици за крафтање, а кого отклучувате masteries, така ќе можете да правите се повеќе и повеќе работи.

Нормално, во зависност од природата на предметот кој сакате да го крафтате, ќе ви биде потребна и одредена количина ресурси. За среќа, не е ништо премногу захтевно и за поголемиот дел од ресурсите ќе дојдете или преку бројни активности за собирање низ светот, преку нивно процесирање покрај соодветната станица или пак со директно купување од пазарот на играчите.

Во домот можете да навлезете преку повикување на магичната врата

Во моментот кога ќе направите неколку предмети, лесно ќе можете истите да ги поставите низ домот, да ги ротирате и, најдоброто од сѐ, да ја менувате нивната големина и боја. Згора на ова, доколку ја завршите последната mastery, ќе можете автоматски да ги соберете ресурсите од сите node-ови што ги имате активирано во вашиот дом. Овие три можности се особено ценети бидејќи мал број игри ви даваат ваква слобода во уредувањето на домот. Паралелно со ова, во кој било момент можете да се трансформирате во пчелка, да летате и да добивате воздушен преглед на вашето парче земја.

Нашиот дигитален дом кој го чекавме една деценија

Можност за имање дом, крафтање и уредување беше нашата желба повеќе од деценија. Пријатно сме изненадени од комплексните алатки за градење, крафтање и интеракција во домот. Навистина пријатно место за релаксација и разбивање на монотонијата. Домот е местото во кој ќе можете да си ги мазите сите ваши претходно отклучени животни (и нивните уникатни изгледи), а, доколку оставите некој лик во домот, по одредено време истиот ќе собира повеќе искуство и во pve и во pvp модовите. Згора на ова, имате бројни работи за крафтање кои за кои ресурсите се фер избалансирани и нема премногу да ве чини за да си ги дозволите.

Би сакале да може да се прегледа предметот пред да се направи

Последниот значаен новитет е поврзан со можноста да користите ново оружје. Независно од класата и специјализацијата, сите ваши ликови ќе може да го користат копјето – оружје кое претходно беше достапно само за подводни битки. Користењето на копјето е креативно осмислено и одлично се надоврзува на природата на класата. Имено, во зависност од тоа дали сте ренџер, некро или воин, ќе можете да активирате деструктивни напади пропратени со уникатни анимации. Благодарение на ова, секоја од класите добива целосно нова димензија и свежина, за битки од далечина или близина. Откако го пробавме копјето со нашиот некро, се чувствувавме како играта да ја играме по прв пат или пак со некоја целосно нова класа. На овој начин, тимот има обезбедено неброени часови експериментирање и правење други, уште подобри билдови.

Нашиот некро растур прави со копјето!

Двете мапи во Џантир се визуелно-зашеметувачки, на исто рамниште како и мапите кои беа воведени во Path of Fire. Од преубави планински предели, преку раскошни шуми, па се до впечатливи водопади, езерца и невообичаени живеалишта. лесно се губевме во убавината на светот и често пати бевме задоволни да застанеме со напредувањето, да ги активираме бројните висти и да се давиме во надреалниот дизајн. Борбардирани од ваков визуелен раскош, искучително тешко ни беше да поверуваме дека ова е игра која излезе пред добри 12 години. Како што и дознавме од нашето интервју, Исланд играл огромна улога не само за дизајнот на мапите, туку и за музиката. Независно од тоа дали истражувате или пак се борите, динамичната музичка подлога е соодветно се вклопува со универзумот и допринесува до незаборавно филмско искуство.

Особено ни се допадна тоа што срцата повторно се враќаат на голема врата и секојдневно можете да решавате најразлични мисии за да ги комплетирате срцата и да купувате корисни ресурси. Дополнително, за пофалба е огромната бројка и разноликост на споредните мисии. Џантир е турли-тава од најразлични квестови кои органски се појавуваат низ мапите и ви дозволуваат да елиминирате бројни непријатели или шампиони, да собирате работи, да штитите одредени лица или пак да цртате под притисок (ќе оставиме на вас да откриете на што мислиме). Нѐ израдува и тоа што во втората мапа наидовме на мета настан, но сега-за-сега, неговото комплетирање е отежнато бидејќи босовите се премногу издржливи, а некако не можевме да се погодиме во свет со доволен број од играчи.

Мапите не може да се поразлични една од друга и втората мапа прикажува магловити, врнежливи, и, со самото тоа, подепресивни околини

По две просечни експанзии, Guild Wars 2: Janthir Wilds се враќа на големата врата и нуди феноменално искуство кое ќе понуди непроени часови забава. Но, ова е само дел од целата експанзија и играта значително ќе се надополнува во текот на целата година, односно до излегување на шестата експанзија, која е планирана за оваа време наредната година. Тоа значи дека на секои три-до-четири месеци би можеле да очекуваме продолжување на приказната, нови мапи и декорации, продлабочување на системот со masteries, како и нов сет од легендарни оружја. Така да, доколку претходно сте ја играле GW2, но, од некоја причина сте се оддалечиле од играта, сега е вистинскиот момент за навраќање во универзумот!

Во пресрет на нови авантури!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: ArenaNet®
  • Издава: ArenaNet®
  • Жанр: MMORPG
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 20 август 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Designer

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

види ги сите огласи на kariera.it.mk