Македонските јуниори-програмери блескаат: Три бронзени медали на ЕЈОИ 2024 во Молдавија

1 коментар 3 мин. читање

Импресивниот приказ на програмерски способности на македонските јуниорски ИТ таленти им донесе три бронзени медали на 8-та Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024). Натпреварот се одржа од 16 до 22 август во Кишињев, Молдавија. Овој настан кој е врв на натпреварувачкото програмирање за европските таленти под петнаесет и пол години, собра таленти од целиот континент за да ги покажат своите алгоритамски вештини.

Македонија ја претставуваа Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица, кои донесоа бронза и го потврдија растечкиот углед на Македонија во глобалната програмерска арена. Заедно со нив беше и Бисера Илиева од Скопје, која со Марко за прв пат се натпреваруваше на меѓународен натпревар. Тимот беше воден од Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Младите натпреварувачи кој ја претставуваа Македонија беа избрани преку циклус на натпревари кој траеше цела година. Како секогаш досега, изборот беше организиран од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кое годинава го одржа својот 35-ти натпревар. Целиот процес се одвива преку платформата mendo.mk, која е достапна цела година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Со ова последно достигнување, македонскиот биланс на осумте Европски јуниорски олимпијади досега изнесува едно злато и шест бронзени медали. Oдличен успех за земја со нашата големина.

Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, го нагласи значењето на овие успеси и покрај постојаните системски предизвици: „И покрај редовните системски пречки кои ни се случуваат од страна на државните институции, намерни, ненамерни или како спореден ефект од други активности, со волонтерско залагање на членовите на ЗИМ, истакнати професионалци информатичари успеваме да постигнеме крајно високо ниво на знаења на учениците. 3 медали за Македонија е многу висок резултат, ако се земе предвид и големината на нашата земја. Дополнително, годинава и на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија 3 медали, а Македонија беше меѓу првите 4 најдобри земји. Се уште чекаме одговор на барањето до МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како законска обврска на МОН која произлегува од законот за основно образование. Во меѓувреме се подготвуваме за учество на Интернационалната олимпијада во Египет, а најголем дел од нашите напори се за организирање на Балканската олимпијада по информатика на која ние ќе бидеме домаќини од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Бидејќи покривањето на сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да го обезбедиме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да ни помогнат во организацијата на овој настан “.

ЕЈОИ 2024 беше организирана од страна на Република Молдавија. Главен организатор беше Министерството за образование и истражување со помош од Националната агенција за наставна програма и евалуација. Како престижен образовен настан, примарната цел на ЕЈОИ е да го поттикне интересот за информатиката кај младите ученици низ Европа. Натпреварот им овозможува на најдобрите и најталентираните да ги покажат своите вештини во програмирање и алгоритамско решавање на проблеми.

Оваа година на ЕЈОИ учествуваа 98 ученици од 26 европски земји. Следната, 9-та по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика ќе се одржи идната година во Азербејџан.

За македонските млади програмери следниот предизвик е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024), која ќе се одржи од 1 до 8 септември во Александрија, Египет.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Коментари

1 коментар

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед