Scratch with Friends е нова македонска игра за Android и iOS, направена од Николче Спироски и Дејан Вељановски, основачи на македонското софтверско студио Flex Solutions. Студиото кое гo креираше Travel2Ohrid, сега се специјализира во мобилни игри со гребење кои до сега се симнати над 2 милиони пати од Google Play. Со најновата Scratch with Friends тие одат еден чекор понатаму во подобрување на своите апликации со тоа што нудат друштвено мултиплеер искуство со Facebook пријатели или рандом противници.
Scratch with Friends e всушност квиз чиј одговор мора да го погодите со што помалку гребење на замаглената слика. Секако дека не гребете физички на екранот, туку искуството е како да бришете слоеви на виртуелна грепка. Точниот одговор носи поени според процентот на колку е откриена сликата, а на крајот на неделата, завршува турнирот и најдобриот играч добива награди.
Николче Спироски, еден од основачите на студиото, вели дека мобилните апликации се исплатат, посебно ако се има добра идеја и реализација, „тогаш заработката нема да изостане“. Според него, во Македонија има добра конкуренција меѓу стартапите и компаниите во креирање на апликации, има добар однос меѓу сите во разменувањето на искуството, и има се поголем интерес да се креира нешто ново. Но, тој (како и други креатори на апликации) вели дека македонскиот пазар не е доволно развиен.
„Голем хендикеп за програмерите на Android е тоа што до овој момент Македонија не е на листата на држави кои можат да продаваат апликации. Исто така, немањето на сервис како што е PayPal претставува голем проблем за нас. Недостасуваат и банки од светски калибар за конечно да се тргнат од употреба чековите од AdSense, односно од Amazon.“, вели Николче. „Да не звучи така црно ако се има добра идеја и реaлизација, заработката нема да изостане, сепак изработката на мобилни апликации, а особено игри, е исплатливо.“
Иако најновата игра на Flex Solutions има и iOS верзија, сепак тие веруваат дека Android платформата зема замав, и на подолг период ќе има поголема перспектива и ќе им носи добар профит на развивачите.
„Со појавата на мобилните телефони како Samsung S4 или HTC One полека се менува перцепцијата дека корисниците на iPhone се финансиски помоќни. Сепак во моментов iOS во никој случај не е за занемарување, па затоа нашата најнова игра има и iOS верзија. Иако бројот на корисници и апликации за Windows Phone постојано расте, ресурсите со кои располагаме не ни дозволуваат да изработуваме игри и за тој пазар.“, вели Николче.
[youtube]B9fmjWutIxI[/youtube]









Интересна е играта. Ја играм само со пакот computer and internet.