Надополнето – 31.03.2022 во 14:08 часот:
Со скоро 900 гласа на ProductHunt, македонскиот стартап во рана фаза Howitzer, е изгласан како продукт на денот на ProductHunt.com за 30-ти март, 2022 година. Сајтот ProductHunt.com е важен за стартап заедницата бидејќи нуди побрз пласман на продукти со тоа што има активна заедница која секојдневно учествува во одбирање на продуктите. На сајтот досега се објавени над 100 милиони продукти од 50,000 компании.
Започнат во 2013-та, сајтот беше купен од страна на AngelList (мрежа на ангел инвеститори) во ноември, 2016-та за 20 милиони USD.
Оригинално објавено – 30.03.2022: Гостопримливите* дечки од Автокоманда кои пред неполна година земаа $500.000 долари инвестиција и ги прогласивме за .мк стартап на месец ноември, 2021 денеска ја лансираат официјално својата платформа за Reddit маркетинг на ProductHunt.
Од бета излегуваат со бројки кои звучат одлично:
- 950+ корисници,
- над 870.000 пратени пораки,
- Фантастични 41% просечна стапка на одговори,
- 5.5% просечна стапка на конверзија.
Тимот неколку месеци работеше напорно за да ја подготви платформата за официјално лансирање која на стартапи, бизниси, крипто-бизнисмени и дигитални маркетери ќе им овозможи на лесен и брз начин да лансираат и менаџираат таргетирани кампањи на Reddit, кој моментално има над 500 милиони активни месечни корисници.
Howitzer има неколку клучни функционалности, како што се:
- Пронаоѓање на таргетирани лидови преку таргетирање на клучни зборови, subreddit-и, освоени гласови, позитивен или негативен сентимент
- Автоматизација на пораки преку испраќање на персонализирани пораки на Reddit до потенцијални клиенти
- Вграден инбокс преку кој може да се одговара на потенцијални клиенти, управување со разговори, филтрирање
- Вклучени акаунти на Reddit – Howitzer ги праќа пораките за вас, преку акаунти на Reddit со висока карма.
Лансирање на ProductHunt
ProductHunt е популарна платформа за лансирање на продукти, а секој ден преку форма на гласање се бира Продукт на денот, кој добива дополнителна промоција од страна на платформата и нивната публика.
“Лансираме на Product Hunt! 🎉 Навистина сум возбуден што можам да објавам дека Howitzer штотуку започна кампања на Product Hunt денес! Тоа е најголемиот маркетиншки потег што сме го направиле досега, така што добивањето на поддршка во форма на гласови ни значи многу!
За оние кои сакаат да го пробаат Howitzer во поголем обем и да го видат потенцијалот на Reddit како маркетинг канал – обезбедуваме код за попуст од 40% на нашата страница на ProductHunt.” – споделува Никола Велковски, ко-основачот на Howitzer.
Во моментот на пишување на овој текст, Howitzer има 293 гласови и е на позиција број 1 – што значи ако остане тука ќе биде прогласен за продукт на денот на ProductHunt, што неминовно ќе им донесе поголем број посети и поголема свесност за брендот и продуктот, а со тоа и корисници.
Како можете да помогнете да се оствари целта?
Покажете ја вашата поддршка и гласајте (барајте копче Upvote тука) на ProductHunt. Регистрацијата на профили е бесплатна, а може и да ја направите преку OAuth со Twitter или Google и нема да ви одземе ни неколку минути. Не чекајте, не се мислите, поддржете ги Howitzer на следниов линк.
*Зошто гостопримливите? Прочитајте го ова интервју за да ти се разјасни.