Сите оние кои се заинтересирани за мистеријата која ја опкружува Баба Рога, односно Baba Yaga, дефинитивно би требало да ја имаат на радарот играта на развојното студио The Parasight. Неколку дена како се дружиме со играта и да кажеме дека сме импресионирани од демото би било огромно потценување.
Blacktail е незаборавно и тензично патување во локации кои како да се произлезени од длабоко вознемирен ум. Се во играта е апсолутно преубаво, но никако не ве остава премногу да се опуштите и да уживате во импозантната флора и фауна. Тоа е затоа што ликот со кој управувате е, всушност, 16 годишна вештерка која е постојано под закана од силите кои ја опкружуваат и копнеат да биде трансформирана во Бара Рога.
Уште на самиот почеток, соочени сте со проблематични избори. Некои од изборите се мали, но некои знаат да имаат значително поголеми последици. Во зависност од тоа, многу работи што ќе ги правите во играта или ве поставуваат на патот на добрите или на патот на лошите сили. Правете повеќе лоши работи и ќе добивате позитивна реакција од суштествата кои припаѓаат на мракот. И обратно.
Паралелно со ова, одредени вештини се отклучуваат, а одредени квестови се појавуваат само во зависност од тоа на која страна припаѓате, со што се охрабрува барем уште едно преигрување на играта.
Како 16 годишна вештерка, исклучително сте спретни со лак и стрела, како и користење магија за зголемување на севкупната офанзивна моќ. Но, покрај борби со лак и стрела, имате на располагање и одредени survival елементи кои се од исклучително лесен карактер и се засноваат на собирање ресурси, правење стрели и најразлични пијалоци.
Слично на она што го споменавме претходно, доколку правите добри дела, ќе бидете поефикасни со survival елементите, но доколку сте лоши, ќе бидете значително подеструктивни при справување со бројните непријатели и босови. Со оглед на тоа што Баба Рога е, нели, лошо суштество, јасно е зошто се охрабрува потклекнувањето на мрачните сили.
Сите овие механики во 15 часовната кампања функционираат одлично, особено кога ќе влезе во равенката и одличната гласовна и музичка поддршка. Студиото The Parasight не прави кратенки и има вложено огромен труд во осмислување прекрасна фузија од приказна, музика и гејмплеј. Едвај чекаме играта да го здогледа светлото на денот и што повеќе играчи да видат на што мислиме!