Серијалот Mafia има долга историја која започнува пред нешто повеќе од две децении. Во време кога доминираа аркадните игри со отворен свет, чешкото студио Illusion Softworks, денес познато како Hangar 13, понуди нешто сосема поинакво. Mafia: The City of Lost Heaven беше игра со длабока, линеарна и кинематографска приказна сместена во фиктивниот американски град Lost Heaven. Со фокус на реализмот, автентичната атмосфера од 1930-тите и приказната за лојалност, предавство и последиците од животот во мафијата, првата игра постави висок стандард и го дефинираше идентитетот на франшизата.
Низ годините, серијалот го продолжи своето наследство со нови приказни и протагонисти. Во Mafia II (2010), ја следевме трагичната судбина на ветеранот од Втората светска војна во Empire Bay, град инспириран од Њујорк во 40-тите и 50-тите години. Потоа, Mafia III (2016) го премести дејството во 1968 година во градот New Bordeaux. Секој наслов внесе свој уникатен печат, истражувајќи различни епохи и аспекти на организираниот криминал. Сега, по години чекање, Hangar 13 ни дозволува да се вратиме кон самите почетоци на организираниот криминал, водејќи нè на патување во стариот свет со долгоочекуваниот наслов, Mafia: The Old Country.


Благодарност до CD Media за отстапениот клуч за рецензијата
Корените на злосторството
Играта ве воведува во својот свет на еден приземјен и намерен начин, со приказна која од самиот почеток тесно го следи турбулентниот живот на протагонистот Ензо. За разлика од многу наслови во жанрот, ова не е игра која веднаш ве фрла во вртлогот на експлозивна акција. Напротив, првичните моменти се посветени на градење на атмосфера, на претставување на еден суров и немилосрден свет каде што опасноста демне зад секој агол, без разлика дали доаѓа во човечка форма или како закана од самата природа. Ова чувство на постојана загрозеност е маестрално прикажано, најпрвин преку напнатото истражување на рудник кој се распаѓа, каде што секој чекор е борба за гол живот, а потоа и низ тензичните секвенци на прикрадување, каде што морате етапно и тивко да ги елиминирате непријателите.

Механиките за прикрадување се особено импресивни, предводени од интуитивното сетило кое ви овозможува да го „почувствувате“ движењето и позицијата на непријателите низ ѕидови. Оваа способност го претвора секое прикрадување во тактички предизвик. Кога ќе се најдете зад грбот на непријателот, играта ви нуди избор: брзо и ефикасно убиство со нож, или пак тивко гушење кое бара брзо притискање на копчето за да го совладате противникот. Генијалноста лежи во флексибилноста – доколку процените дека гушењето трае предолго, а во рацете имате наострен нож, можете веднаш да го прекинете процесот и да се префрлите на посмртоносната опција.

Кога прикриениот пристап ќе пропадне или едноставно не е опција, играта се претвора во брутален балет на сечилата. За време на директните пресметки, камерата се позиционира интимно блиску до вас, следејќи го секој потег и секој удар со кинематографска прецизност. Варварската природа на борбата е она што воодушевува – избегнувањето, прецизното парирање и смртоносните удари со нож го прават секој судир спектакуларен и висцерален танц со смртта. Ова не е систем каде што можете налудничаво да притискате едно исто копче. Напротив, клучот за успехот лежи во внимателното набљудување на движењата на противникот и правилното прилагодување. Имено, лесните напади можете елегантно да ги парирате, отворајќи простор за контранапад, додека тешките, незапирливи удари морате вешто да ги избегнете. Помеѓу овие потези, ќе барате и можност да ја разбиете непријателската одбрана, претворајќи ја секоја борба во интензивен дуел на надмудрување и рефлекси. Да, по одредено време, целосно се навикнувате на системот, со што битките заземаат полесна и попредвидлива димензија, но тие почетни моменти се крајно впечатливи.

По неколку часа играње, ќе го добиете и вашето прво огнено оружје. За потребите на ваквите битки, тимот има осмислено солиден систем за криење за препреки и правилно бирање моменти за тактичко решетање на непријателот. Звукот е веродостојно изведен и автентично ги пренесува ефектите на огнените оружја, особено вдомувањето на куршумите во непријателските тела. Ова, во комбинација со впечатливата музичка подлога, пружа ретко-видено адреналинско искуство кое никако нема да ве остави рамнодушен, особено за време на тие почетни пресметки. Посакувавме играта да има поголем избор на огнени оружја и можност за надградба на истите, но, и вака-како-што-е, работите не се лоши, особено кога ќе се помирите со фактот дека примарните фокуси во Mafia: The Old Country не се ниту на прикрадувањето, ниту на битките, туку на драматичната приказна.

Кампањата се одвива како еден маѓепсувачки наративен спектакал од епски размери, каде што секој момент е внимателно изрежиран за да се почувствувате како протагонист во високобуџетен историски филм. Кинематографските секвенци се беспрекорно вткаени во гејмплејот, оживеани преку неверојатно реалистични анимации, маестрално движење на камерата и дијалог кој одекнува со тежина и автентичност. Од самиот почеток, со задоволство ја следиме животната приказна на младиот Ензо и неговиот подем во благородничкото семејство.

Но, идилата набргу се распаѓа за да го открие дека Ензо заменил една форма на пекол со друга. Во ниеден момент, тој не е класичен херој, туку антихерој чија судбина е да се спушти во сицилијанското подземје, жртвувајќи го своето човештво и морален интегритет во потрага по илузорна моќ. Оваа приказна не е за триумф, туку за трансформација на жртва на околностите во извршител на насилство, што го прави наративот длабоко сложен и психолошки. Често, се соочувате со неповратни избори, пресретнувајќи се со непредвидливи сојузници и безмилосни непријатели, во свет каде што верноста е ретка и вреди да се убие за неа.

Иако можеби на прв поглед наликува на игра со огромен, отворен свет, Mafia: The Old Country храбро се спротивставува на модерните трендови. Наместо да понуди пространа мапа исполнета со споредни активности, Hangar 13 донесува одлука да ги отфрли сите клучни елементи на отворениот свет и да го фокусира искуството на строго линеарен, наративно-воден гејмплеј. Оваа дизајнерска филозофија ѝ овозможува на приказната да дише и да се развива со филмско темпо, без непотребни дистракции.
Дејството е сместено во руралните предели на Сицилија, а светот околу вас е апсолутно прекрасен. Благодарение на моќта на Unreal Engine 5, креирани се неверојатно детални и фотореалистични окружувања. Напредните системи за осветлување го оживуваат секој пејзаж, додека прецизните детали на лицата на ликовите додаваат длабочина на секоја емотивна сцена. Сепак, оваа визуелна раскошност доаѓа со своја цена – за целосно уживање потребно е да поседувате исклучително моќен компјутер или, пак, да почекате идна оптимизација од страна на девелоперите.

И покрај линеарната структура, светот не е дизајниран за да го истражувате пеш. Посебен акцент е ставен на движењето, истакнувајќи го суровиот, неразвиен карактер на овој историски период. Независно од тоа дали јавате коњ низ правливите патишта или го возите еден од првите автомобили по кривулестите ридови, контролите се интуитивни, а управувањето е исклучително флуидно. Овие моменти не се само средство за транспорт, туку и можност за уживање во италијанските природни убавини од еден сосема поинаков агол.
Hangar 13 успеаја да создадат неверојатно автентична и филмска атмосфера со брилијантна гласовна глума и беспрекорен аудио дизајн. Овие елементи, заедно со храбриот избор на амбиент, ја прават играта длабоко имерзивно искуство кое навистина ве транспортира во раните денови на мафијата во Сицилија. На крајот на денот, за нас, Mafia: The Old Country ја доживеавме како длабока, психолошка драма која го истражува потеклото на организираниот криминал низ очите на еден човек кој се спушта во бездната. Прекрасна драма, квалитетно осмислена во дигитално пакување кое е како експлозивен коктел за вашите сетила.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Hangar 13
- Издава: 2K
- Жанр: акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 7 август 2025







