The Last Caretaker е неочекуван, изненадувачки промислен и наративно-длабок наслов што го менува основниот концепт поврзан со survival механиките. Наместо да се борите за сопствениот опстанок, вие сте фрлени во улогата на последен механички чувар, реактивирана машина чија единствена цел е спасување на иднината на целиот човечки вид. Чедото на Channel37 Ltd ја зема основната формула на собирање ресурси и градење, но ја обвиткува во длабока, меланхолична атмосфера и неметнува реална тежината поврзана со последиците од сите одлуки.

Сместена во визуелно впечатлив, но трагичен свет каде површината на Земјата е речиси целосно проголтана од океанот, оставајќи ги зад себе само ‘рѓосувачките скелети на мегаструктурите од минатото, играта веднаш воспоставува чувство на длабока изолација и монументална одговорност. Наместо приказна за освојување на дивината, овде ќе бидете изложени на макотрпно враќање на она што е изгубено, каде секоја ваша одлука и секоја акција имаат директно влијание врз кревката судбина на човештвото, принудувајќи ве на чекор-по-чекор истражување за да ја откриете вистината зад сопственото будење и катаклизмата што го снашла светот.

Механиките на играње се длабоко вкоренети во овој наративен императив и се центрирани околу два клучни система какоLazarus Complex-от и лансирната инфраструктура МОСЕС. Вашата примарна задача не е само да собирате ресурси, какодрва и камења, туку да трагате по човечки семиња, односно генетски материјал или ембриони кои мора внимателно да ги негувате во рамките на вашиот мобилен комплекс. Вака-поставените работи се одликуваат со уникатен слој на управување кој потсетува на симулација, каде што мора да ги надгледувате и регулирате клучните системи како што се температурата на инкубација, протокот на хранливи материи и, најинтригантно, интеграцијата на податоци од меморијата.

Меѓутоа, со отклучување на напредни био-комори и синтетички помагачи, вие ем активно го забрзувате развојот, ем ги составувате изгубените приказни и емоционалните отпечатоци кодирани во секое семе. Благодарение на ова, воскреснувањето на човештвото станува и длабоко личен, истражувачки процес. Светот е непријателски настроен и одметнати машини и непредвидливи еколошки закани нема да ви дозволат се да помине глатко и без проблем. Поради тоа, ќе мора да активирате base defense, да градите автоматизирани одбранбени системи, да ја надградувате вашата платформа и стратешки да ги распоредувате ресурсите за да ги заштитите ранливите човечки семиња. Циклусот на истражување, негување и одбрана кулминира со реактивирање на античката лансирна инфраструктура МОСЕС, што бара понатамошно истражување за пронаоѓање кодови, рафинирање гориво и обнова на навигациските вештачки интелигенции. Ултимативната цел станува да се испратат новородените луѓе кон ѕвездите, далеку од овој потопен свет. Еј, никој не кажа дека ќе биде лесно.

И покрај се, The Last Caretaker знае да ве изложи на несоодветни анимации при блиска борба и лош приказ преку корисничкиот интерфејс. Згора на тоа, потребни се дополнителни оптимизации на графичкиот енџин. И покрај овие технички недостатоци, кои се очекувани за игра во оваа фаза, се чини дека јадрото на играта е солидно и функционално, нудејќи стабилна основа врз која може да се гради.
И покрај неговата моментална техничка состојба, The Last Caretaker претставува длабоко задоволувачко и интелектуално ангажирачко патување, но само за одреден тип на играчи. Ова не е брза акциона игра, туку методично и бавно искуство кое бара трпение и посветеност. Споредбите со механиките за градење во игри како Fallout 4 се горе-долу точни, но во смисла на длабочината на системите за изработка и потребниот грајнд за да се постигне напредок.

Поради тоа, доколку уживате во процесот на макотрпно градење функционални системи од нула и гледањето како тие се развиваат, оваа игра нуди слично задоволство, но со далеку пофокусирана наративна цел. Приказната и светот се неверојатно богати и се прекрасни главни двигатели, претворајќи го она што можело да биде само уште еден симулатор за преживување во промислена авантура за истражување, одговорност и последната искра надеж за човештвото. Благодарение на ова, добивате наслов со огромен потенцијал, кој, доколку успее да ги измазни своите технички недостатоци, би можел да застане како еден од најоригиналните и најзначајните претставници на својот жанр.








