За кодерскиот татко-ќерка тандем составен од Јордан Стојановски и неговата ќерка Андреа пишувавме во ноември, минатата година кога дуото освои прво место на хакатонот организиран како дел од Bitcoin конференцијата во Ел Салвадор. По овој хакатон, тандемот учествуваше и освои прва награда и на LatAm Algorand Hackathon 2021 во Чиле некој месец подоцна.
Но, повод за оваа вест е тоа што пред некоја недела во мај, Јордан, самостојно учествувајќи на еден од најголемите blockchain хакатони во светот – HackMoney 2022 ,освои најголема вкупна сума од награди кои ги доделуваа спонзорите. Најзначајни спонзори на настанот се IPFS/FileCoin (Protocol Labs), Uniswap и Aave, а проектот на Јордан го наградија токму тие – IPFS/FileCoin го прогласи проектот IPDEX како “Најдобра примена”, а Uniswap преку нивната Grants Program го прогласија како “Најиновативен проект” на хакатонот.
Јордан е искусен програмер, математичар, инвеститор и татко на Андреа која штотуку е дипломирана и ја отпочнува својата кариера… Живеат во Њујорк и редовно се на релација Њујорк – Битола, од каде што и потекнуваат. Ако името ви звучи познато, тоа е затоа што за Јордан веќе пишувавме пред две години кога ја токенизираше вевчанската валута личник со цел промоција на Вевчани и го направи Крипто Личник.
Андреа немаше можност да го дружи својот татко на овој хакатон бидејќи последните два месеци е посветена на својата кариера – сега веќе регрутирана на прилично одговорна технолошка позиција и дел од т.н. Quant (Quantitive Execution Services) тим од страна на американската мултинацинална инвестициска банка JP Morgan, но тоа не го спречи Јордан да продолжи со походот во крипто-светот, веќе претворајќи го учеството во DeFi хакатоните и креирање на вакви проекти како свое хоби.

DeFi хакатонот HackMoney 2022 беше виртуелен хакатон под мотото “Build the Future of Finance” и траеше од 6-ти до 27-ми мај, а Јордан учествуваше со своето решение IPDEX – Интерпланетарна Децентрализирана Берза.
“Децентрализираните берзи на криптовалути на основа на паметни договори (Smart Contracts) воглавно се основаат на фиксни формули за автоматизација (АММ) и не се погодни за тргување на комплексни (нелинеарно корелирани) финансиски инструменти. Решението е табела на понуди и побарувачки (Order Book), нажалост досега непрактично скапо за децентрализација. IPDEX нуди прво бесплатно решение за берза на ваква основа, користејки комбинација на криптографски и комуникациски решенија и постоечките технологии на паметни договори и IPLD (InterPlanetary Linked Data).” – го објаснува своето решение Јордан.
Подетално објаснување на IPDEX ќе пронајдете во видео презентацијата од хакатонот:
А бидејќи бевме љубопитни за овој поход на Јордан, решивме и да му поставиме и некои дополнителни прашања….
Што те мотивира да учествуваш на овие хакатони? Дали учеството е за наградите кои се нудат или станува збор за сосема нешто друго?
Сè почна со желбата да се подружам со ќерка ми преку нашите професии. Сега мене ова ми постана хоби, а и лесен начин да покажам дека ова што го правам не е халуцинација. Наградите не се занемарливи но не и големи. Но, како последица ни се понудија бесплатни грантови и инвестиции од така наречени Venture Capital фондови, со два од кои сум во посериозно спогодување.
Кој е бенефитот од кодирањето на вакви прототип решенија кои се презентираат пред широк аудиториум и се јавни?
Учење, контакт со други луѓе со слични интереси, популаризација на проектите и привлекување на инвестиции.

Дали некое од развиените решенија на хакатонот имаш интерес да се претвори во реален бизнис и што е потребно за тоа?
Да, сите, воколку е реалистично. За сега Focus Protocol привлекува инвестиции, а се надевам наскоро IPDEX, NFT Lending Auctions и Pactum Verum (претходно LegalNFT). Но се зависи од реалните можности за инвестиции, маркетинг, наоѓење на соработници и време.
Крипто-пазарот е драстично паднат во моментот, дали тоа го намалува интересот кај инвеститорите да инвестираат во Defi и централизирани крипто-решенија?
Воопшто не се осеќа намалување на интересот. Можеби е добро да се исчистат шарлатанските „проекти“ кој без разлика привлекуваат внимание. Веројатно ако падот потрае подолго, инвесторскиот интерес би се намалил. Можеби ова е време да се седне и да се сработи.
Дали има очекување кодерскиот тандем повторно да се врати на сцена, или Јордан засега продолжува сам во освојување на глобалните DeFi хакатони?
Тоа е моја желба, но ќерка ми си одбора свој пат, како помлада и поперспективна…
Loading new replies...
Приклучи се на дискусијата на IT.mk | Форум →