Вештачката интелигенција е дел од најголемите иновации последните неколку години. Новата технологија, пред сѐ потребата од безбедна обработка на податоците, во голема мерка придонесе за развој на нови специјализирани чипови за вештачка интелигенција.
Дел од производителите на чипови како Qualcomm и AMD претставија чипови кои можат пресметките за вештачка интелигенција да ги завршат локално на компјутерите. За овие пресметки се користат и сервиси во облакот. Сервисите овозможуваат користење на стандарден процесор, но за жал тоа значи и дека податоците не се сосем безбедни. Дополнително извршувањето на пресметките на самиот компјутер ќе ја забрза работата.
Продажбата на десктоп компјутери подолг период стагнира. Па не е никакво изненадување што дел од производителите како Dell и Lenovo едвај дочекаа да најават дека наскоро ќе издадат уреди кои ќе имаат нови функционалности.
Новите компјутери ќе бидат добредојдени за сите кои имаат потреба од побрза обработка на податоците со вештачка интелигенција. Сепак, процената која ќе треба да ја направат компаниите е соодносот цена и перформанси. За најголем дел од вработените новите AI-чипови не се потребни, па компаниите нема да мора да ги менуваат наеднаш. Сепак, вработените со технички улоги и оние во секторите за обработкa на податоците, веројатно ќе треба да добијат нови уреди, пренесе Wall Street Journal.
„Сметам дека е прилично скапо.“, вели Елизабет Хакенсон, директор за информации во Schneider Electric. Додава дека „Клучна за дополнителна инвестиција во хардвер ќе биде ценaта на уредите. Па компаниите би можеле да разгледаат замена на постарите уреди, ако цената се намали“.
Дополнително поголемите компании не сакаат рано да ја прифатат новата технологија. Покрај цената, тука се недостатокот на избор, но и искуства од користењето на технологијата. Дури и кога хардверот ќе биде достапен, неопходно ќе биде прилагодување на софтверот. За дел од компаниите ќе биде неопходна и негова промена за специфичните потреби, за што ќе биде потребно време.
Цената на компјутерите кои доаѓаат со AI чипови е повисока, но на долг рок можеби и ќе им заштедат пари на компаниите. Во моментов разликата во цената помеѓу машини со поддршка за вештачка интелигенција и оние без поддршка е околу 250 долари. Овие лаптопи ќе овозможат обработка на податоците локално, наместо во облакот. Обработката во облакот е скапа, па компаниите би можеле и да заштедат значителни суми. Дополнително за дел од компаниите кои обработуваат чувствителни податоци, нивното чување и обработка локално се исклучително важни.
Проценката на експертите е дека во 2024 година, компаниите ќе потрошат повеќе на надградба на хардверот. Вкупната сума која ќе ја потрошат во 2024 би можела да достигне 190 милијарди долари. Тоа ќе претставува раст од 4,9 отсто во однос на 2023 година. Во 2023 година, продажбата на компјутери забележа пад од 11,9 отсто во однос на 2022 година.
Со исклучок на периодот на Ковид-19 пандемијата кога продажбата на компјутери имаше рекорден раст, последните години продажбата стагнира.








