0 коментари 7 мин. читање Пред 17 часа

Првиот човек на CrazyLabs: Македонија може да создаде три еднорози ако постави јасна цел 

Додека голем дел од технолошката индустрија сè уште се обидува да ја одреди вистинската вредност на вештачката интелигенција (ВИ), Саги Шлисер, основач и CEO на CrazyLabs, смета дека периодот на еуфорија завршува, а започнува фазата во која компаниите конечно ќе мора да покажат реални резултати.

Во последниве години израелската гејминг компанија разви некои од најпопуларните мобилни игри во сегментот на хипер-кежуал и кежуал игри, со неколку наслови кои достигнаа стотици милиони преземања – Phone Case DIY надмина 350 милиони преземања, Sculpt People е со повеќе од 220 милиони преземања, Miraculous Ladybug & Cat Noir со 215 милиони преземања, како и Acrylic Nails! и Tie Dye, кои имаат по околу 200 милиони преземања секоја.

Шлисер одлично ја познава локалната технолошка сцена – CrazyLabs е присутна во Македонија повеќе од 15 години, а токму тука e лоциран и најголемиот дел од нејзиниот тим. Самиот тој бил во земјата повеќе од 150 пати, и смета дека земјата денес има можност што претходните генерации стартапи ја немаа. 

Во интервју за IT.mk за време на настанот Crazy for AI: Executive Edition, Шлисер објаснува како компаниите треба да ја пресметуваат вистинската вредност од користењето на вештачката интелигенција, што може Македонија да научи од израелскиот стартап модел и како CrazyLabs се реорганизира за да остане конкурентен во индустрија што се менува побрзо од кога било досега.

IT.mk: Денес многу зборувавме за вештачката интелигенција. Во која фаза се наоѓа сега индустријата и што следува понатаму?

Саги Шлисер: Мислам дека сега доаѓа периодот кога конечно треба да ја извлечеме вистинската вредност од ВИ. Јас тоа го нарекувам „период по забавата“. Забавата заврши, а секој ден имавте чувство дека нешто пропуштате. 

Медиумите и LinkedIn беа преплавени со приказни за ВИ, а сега луѓето стануваат пореални. Почнуваат да сфаќаат од што навистина можат да извлечат вредност, а од што не. Почнуваат да ги пресметуваат трошоците. Луѓето чинат пари, токените исто така чинат пари. Затоа треба да разберете што навистина носи вредност, а што не. Тоа е клучното прашање. Истовремено, мора да размислувате и како да ја заштитите сопствената интелектуална сопственост и да не претерате со користењето на ВИ.

Присутни сте во Македонија веќе долго време. Што му е потребно на локалниот екосистем за да расте? 

Саги Шлисер: Мислам дека гејмингот е премногу тесна категорија. Стартапите се многу поширока тема. Ако сакаме да изградиме силен стартап екосистем во Македонија, потребно е да создадеме структура што ќе им помогне на компаниите.

Тоа значи подобри поттикнувачки мерки, пристап до институциите, инфраструктура, привлекување инвеститори, програми за менторство, но и привлекување успешни претприемачи од странство кои ќе дојдат овде и ќе го споделат своето знаење.

Ова не е ништо ново. Истото го направија неколку градови во Грција, Сингапур и многу други места. Не измислувам ништо. Едноставно гледаме што функционира на други места. А потенцијалот што го гледам во Македонија е навистина голем.

Често правите споредба со Израел. И двете се мали држави со ограничени ресурси. Што може Македонија да научи од израелското искуство?

Саги Шлисер: Израел беше обликуван од чувството дека мора да опстане. Малку сме, опкружени со многу предизвици и тоа нè натера да размислуваме поинаку и да ги кршиме правилата.

И Македонија е мала држава. Културата е различна, но тука има многу паметни луѓе, луѓе кои се борат и сакаат да постигнат нешто. Најголемата разлика денес е што стартапите повеќе не мора да имаат огромни тимови и огромни инвестиции за да бидат глобално конкурентни. Порано ќе се запрашавте како ќе се натпреварувате со САД или Германија, кои имаат повеќе капитал и повеќе луѓе.

Но денес, ако можете да изградите компанија вредна милијарда долари (компанија која се нарекува еднорог) со десет луѓе, тогаш можете да изградите многу такви компании. Ако Македонија го постави тоа како цел, исто како што го направивме ние во Израел, и ако се приклучат фондовите за ризичен капитал и државата, тогаш верувам дека ќе се појават еднорози.

Треба јасно да се каже: „Во следните години сакаме Македонија да создаде три компании вредни над една милијарда долари.“ Кога ќе поставите амбициозна цел, луѓето ќе бидат доволно мотивирани и насочени да ја исполнат.

Што следува за CrazyLabs? Споменавте дека компанијата минува низ голема трансформација.

Саги Шлисер: CrazyLabs се преобликува себеси бидејќи гејминг индустријата е исклучително конкурентна и постојано се менува. Со ВИ тие промени се случуваат три, четири или пет пати побрзо.

Затоа мора да го промените начинот на кој работите. Мора да го промените начинот на кој работат луѓето во компанијата. Но истовремено треба да се вратите и на основните принципи. За да создавате одлична содржина, мора да понудите нешто уникатно. Луѓето сакаат нешто што е различно, нешто што ќе ги изненади.

Ако правите нешто уникатно, ќе бидете успешни. Ако само го правите истото што го прават сите други, тогаш сте само уште една копија.

Ретроспективно, дали инвестицијата во Македонија се исплатеше?

Саги Шлисер: Апсолутно. Верувам дека тука постои и културна сличност. Луѓето во Македонија на многу начини ни се блиски. Има разлики, но тие постојано се развиваат, вложуваат срце во тоа што го работат.

Јас сум овде веќе 15 години и го видов развојот и на земјата и на нашиот тим, за мене тие не се само колеги, туку вистински партнери. Горд сум што можам да ги наречам пријатели и семејство. За мене, доаѓањето во Македонија беше една од најдобрите одлуки што сме ги донеле.

Avatar photo
Напишано од

Бојан Стојковски

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top