(Oва е гостински текст на Јовица Беловски, основач на сервисот за групно купување Kupinapopust.mk)
Иако според официјалните извештаи на Народна банка на Република Македонија (НБРМ) и Државниот завод за статистика во поглед на издадени платежни картички и нивна употреба за купување преку интернет, за периодот од 2010 до 2015 година електронската трговија во Македонија бележи значителен напредок; сепак нејзиниот потенцијал е многу повисок од фактичката ситуација. За напредок на електронската трговија и нејзино приближување кон светските трендови клучни се неколку фактори:
Менталитетот на граѓаните
Сведоци сме на масовно издавање на платежни картички од страна на банките со кои се овозможува интернет плаќање, но многу мал дел од нив се користат за купување преку интернет. Кај повеќете граѓани сè уште доминира старата навика на плаќање во готовина, како поради стравот од употреба на платежната картичка заради чувство на несигурност, така и од мрзеливоста да се осознаат предностите на онлајн купувањето. Потребно е да се надмине скептицизмот и да се стекне една нова, модерна навика на купување преку интернет со што значително се заштедува време, енергија и пари.
Сè уште преовладува потребата на физичко опипување на парите и нивна употреба, наспроти користење на истите во електронска форма. Факт е дека подигнувањето на колективната свест кај граѓаните за купување преку интернет е процес кој бара време, но со отворањето на веб сервиси како kupinapopust.mk, преку која корисниците купуваат услуги и производи на попуст, се зајакнува присутноста на сигурни електронски трговци во државата што директно влијае на напредокот на електронската трговија. Доволно е само едно добро искуство при интернет купување за услуга или производ кој ни е потребен за да се осознае предноста на овој начин на плаќање.
Повеќе сигурни интернет продавници
Бизнис моделот на групни попусти е само еден сегмент што заживеа во последните неколку години во Македонија и што значително допринесе во зголемувањето на онлајн продажбите. Во земјите во светот со висок степен на развиена онлајн трговија, како што се скандинавските и азиските земји на пример, покрај културата и менталитетот на населението, директен фактор за масовно купување преку интернет се и разните онлајн продавници достапни за граѓаните. Иновациите на нови бизнис модели засновани на онлајн продажба се клучен фактор во зајакнувањето на онлајн трговијата. Клучот на успехот директно зависи од препознавање на потребата на купувачите и пронаоѓање и имплементација на адекватен модел преточен во стабилна и функционала веб страна која ќе одговори на задоволување на потребата на купувачите.
Не е доволно само да се ископира веќе постоечки бизнис модел виден некаде во светот, туку суштината е истиот да се адаптира на локалните услови и културата во земјата. Сведоци сме на успешното работење на добро познатите веб страни како Еbay, Аmazon, Аlibaba и други. Според извештајот на USAID за анализата на состојбата на електронската трговија во Македонија во 2010 година, 20-пати повеќе онлајн трансакции со платежни картички издадени од домашни банки се направени кон странски интернет трговци во споредба со домашни. Извештаите на државниот завод за статистика за последните 3 години, заклучно со 31.10.2014, укажуваат на релативно близок сооднос помеѓу онлајн трансакции кон странски наспроти домашни е-трговци, што е позитивен резултат за домашната е-трговија. Сепак овој податок укажува на тоа дека за здрава е-трговија постои потреба од повеќе домашни функционални онлајн трговци кои ќе ги задоволат потребите на нашите граѓани.
Државата и законите
Сведоци сме на разни иницијативи и кампањи од страна на владата за подигање на јавната свест кај граѓаните за електронско работење во секоја сфера од општеството. Пријавувањето на е-данок, превзимање на документи и аплицирање преку официјални веб страни на државните институциии, па дури и наплата на патарина со платежна картичка што наскоро ќе се воведе, укажува на фактот дека владата го подржува електронскиот модел на работење. Законот за е-трговија кои ги засега онлајн трговците е јасно дефиниран со што не се остава простор за никаква правна пречка која негативно би влијаела на било кој потенцијален онлајн трговец во желбата да отвори своја e-продавница. Напротив, преку Министерството за информатичка технологија се иницираат разни проекти кои ги поттикнуваат електронските трговци во земјата. Единствена слаба страна е што сè уште немаме јасен закон за е-фактура. Според извештајот на USAID за анализата на состојбата на електронската трговија во Македонија уште во 2010 година е препорачано да се донесе посебен Закон за електронска фактура или Законот за ДДВ да се дополни со одредби со кои ќе се регулира е-фактурата (форма, содржина, начин на издавање, потпишување и сл.). Цел: Ова е веќе барање од големите компании на пазарот кои издаваат и работат со огромен број фактури на дневна основа. Постепено, применувањето и признавањето на е-фактурата ќе ја зголеми брзината на интернет трансакциите и истите ќе ги поедностави.
Многу е важно да се напомене дека и корисниците од правна гледна точка се заштитени со законот за заштита на личните податоци и законот за потрошувачи, со што се создава амбиент за успешна е-трговија.
Банките, процесинг центрите и е-трговците како гаранти за безбедна е-трговија
Сигурноста при купувањето преку интернет е можеби и најважните фактор кои влијае за развојот на е-трговијата. Банките заедно со е-трговците мораат напорно да работат на докажување на своите корисници дека купувањето преку интернет е беспрекорно сигурно и е силно поврзано со законот за заштитата на личните податоци и законот за потрошувачи. Kupinapopust.mk во соработка со Стопанска банка преку процесинг центарот на c-pay (CaSys International) ја гарантира безбедноста и заштитата на секоја онлајн трансакција согласно законот. Ние како веб страна немаме никаков пристап до информациите од платежните картички на нашите потрошувачи. Банката е таа која ги процесира сите информации и ја гарантира сигурноста при плаќањето. При кликање на копчето „Купи“, секој наш корисник се пренасочува на делот за плаќање кој е под контрола на процесинг центарот. За максимална сигурност Стопанска банка има изградено многу софистициран и безбеден софтвер за интернет плаќање што е директен охрабрувачки фактор за безгрижно интернет купување. Само со позитивни кориснички искуства можеме да го елиминираме скептицизмот на нашите потенцијални купувачи поврзан со употребата на нивните платежни картички, а со тоа значително да допринесеме кон поразвиена е-трговија во Македонија.
Заклучок
Со оглед на добрата интернет покриеност во Македонија, како и подобрените резултати во секоја област од гореспоменатите клучни фактори, во Македонија во наредните години може да се очекува пораст во областа на интернет продажбата. Ние како е-трговци треба да се трудиме секогаш да имаме добри понуди и користејќи ги нашите промотивни канали истите да ги доближиме до нашите корисници.







