Иако три четвртини од возрасните граѓани имаат дебитна картичка, онлајн купувањето во Северна Македонија сè уште во голема мера се плаќа во готовина. Ова го покажува новата „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, 2026“. Анализата ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) со поддршка на Visa, а беше презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје.
Пристапот до картички не е проблемот
Според податоците, 84,3% од возрасното население во Македонија има сметка во финансиска институција, а 75,2% поседуваат дебитна картичка. Овие бројки се речиси исти со оние во Србија и со просекот на економиите со повисок среден доход.
Разликата се гледа кога ќе се погледне како граѓаните ги користат дигиталните платежни услуги. Само 27,4% од возрасните користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход. Кај купувањето производи и услуги преку мобилен или интернет, уделот е 28% во Македонија, наспроти 60,4% кај споредбената група.
Значи, граѓаните имаат пристап до финансиски инструменти, но ретко ги користат за дигитални плаќања

Купуваат онлајн, но половина плаќаат само во кеш
Според Global Findex 2025 на Светската банка, околу половина од онлајн купувачите во Македонија (50%) користеле дигитално плаќање. Во Србија овој удел е 49,3%, а во економиите со повисок среден доход изнесува 90,9%.
Анализата на микроподатоците од Global Findex, собрани во 2024 година, опфаќа 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет. Резултатите покажуваат дека:
- 50% плаќаат исклучиво во готовина при достава;
- 37,2% користат и готовина и онлајн плаќање;
- само 12,7% плаќаат исклучиво онлајн.
Тоа значи дека 87,3% од онлајн купувачите барем понекогаш плаќаат во кеш при достава. Само околу еден од осум купувачи се потпира целосно на дигитално плаќање.

Возраста прави најголема разлика
Најголемата разлика во платежните навики е меѓу генерациите. Кај онлајн купувачите од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина. Кај оние од 35 до 54 години уделот е 49,4%, а кај купувачите на 55 и повеќе години достигнува 81,8%.
Со други зборови, повеќе од осум од десет повозрасни онлајн купувачи плаќаат само во кеш при достава. Дополнителната статистичка анализа покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовина и кога се земаат предвид другите демографски и социоекономски фактори.
Село наспроти град, но мажите и жените плаќаат исто
Разлики има и според местото на живеење и приходите. Во руралните средини, 60% од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4% во урбаните средини.
Кај купувачите од двата најниски доходовни квинтили, 66,5% плаќаат само во кеш. Кај оние од двата највисоки квинтили, уделот е 43,2%.
Полот, пак, речиси и да не игра улога. Исклучиво во готовина плаќаат 50,5% од жените и 49,6% од мажите кои купуваат онлајн.
Целта не е укинување на кешот
Според наодите, за повеќе дигитални плаќања не е доволна само техничка инфраструктура. Потребно е градење доверба, едукација на потрошувачите, подобро корисничко искуство и дополнителни стимулации за безготовинско плаќање.
Плаќањето при достава и понатаму има важна улога во домашната е-трговија, па целта не е тоа да се укине. Целта е дигиталното плаќање постепено да стане попрактичен и попривлечен избор.
Анализата ги опфаќа и предизвиците и трошоците со кои се соочуваат е-трговците кога продаваат со плаќање во готовина при достава, како и можните решенија за поголема употреба на дигиталните плаќања.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...