6 коментари 2 мин. читање

Ќе се формира Национално тело за справување со компјутерски инциденти

Конечно Македонија ќе добие национален безбедносен тим за справување со компјутерски инциденти (CIRT). Овој тим би требало да даде поголема доверба кон владини веб сервиси, но и да стави крај на бројните пробиви, дифејсирања и други злоупотреби на .gov сајтови.

„За воспоставување на Национален CIRT ќе се формира меѓуресорска група со претставници од различни државни институции, локалната самоуправа и академскиот сектор, со обврска да подготви план со конкретни чекори за воспоставување на вакво национално тело.“, вели ИТ министерот Иво Ивановски.

Според Министерството за информатичко општество, националното тело ќе претставува тим составен од ИТ експерти за безбедност на информациски системи, односно координативна контакт точка која ќе мониторира, идентификува, предупредува и утврдува одговор на компјутерски инциденти. Еве го останатиот дел од соопштението:

„Националното тело ќе презема проактивни мерки со цел да се делува за да се спречат или ублажат последиците од можните штети, како и реактивни мерки за делување на компјутерските инциденти.

Меѓу проактивните мерки кои ќе ги презема Националното тело се:

  • Континуираното следење на состојбите во областа на информациската безбедност и времено објавување на предупредувања (security alerts), во насока на превенција од настанување на штета,
  • Континуираното следење на развојот на технологиите за информациска безбедност и дисеминација на собраните информации,
  • Подигнување на јавната свест за значењето на информациската безбедност,
  • Обезбедување едукативни обуки за специфични групи на корисници.

Реактивни мерки кои ќе ги презема CIRT се:

  • Координација во решавањето на поголеми компјутерски инциденти,
  • Подготвување и дистрибуирање безбедносни предупредувања (security alerts), врз основа на добиени информации;
  • Собирање, обработување, подготвување и дистрибуирање на безбедносни препораки за ранливост на информациските системи.

„Воспоставувањето на Национално тело за справување со компјутерски инциденти, истовремено ќе значи и поддршка за градење на национална култура за информациска безбедност и поддршка на иницијативи за подигнување на свеста помеѓу корисниците и граѓаните.“, вели ИТ министерот Ивановски.

Со него ќе се помогне развојот на национални платформи како што се: национална PKI, e-Government услуги, борба против спам, “вotnet“ компјутери итн. Сето ова ќе овозможи изградба на база на знаење, потребна за развој и имплементација на државна стратегија за информациска безбедност.“

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Коментари

6 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top