Осмото по ред финале на главниот CodeFu натпревар во програмирање се одржа во недела на 1 јуни 2014. Оваа година за првпат натпреварот се одржа на нова локација, во City Hall центарот во Скопје. На финалниот натпревар учествуваа 32-цата најдобро пласирани натпреварувачи од двете on-line квалификациски рунди.
Натпреварот започна во 11:15 и траеше до 14:15. Натпреварувачите имаа три часа да решат пет алгоритамски проблеми. Најдобриот меѓу најдобрите беше Игор Петровски кој го освои првото место. Петре Петров беше втор, додека Евгенија Стеваноска го освои третото место. Сите тројца освоија влезница за меѓународната конференција Jazoon’14 која ќе се одржи наесен во Цирих, Швајцарија. Организаторот на натпреварот комплетно ќе ги покрие сите трошоци за превоз и сместување.
CodeFu e натпревар во програмирање наменет за студенти, апсолвенти и постдипломци. Покрај главниот CodeFu натпревар, во текот на годината се одржуваат и четири сезонски натпревари како и community натпревари во кои проблемите ги поставува еден од учесниците на CodeFu, како и shortest solution натпревар во кој се бара најкратко решение за проблемите од претходниот натпревар. Календарот на сите натпревари е објавен на веб сајтот.















