Вештачката интелигенција (ВИ) ги трансформира работните места и работата, со брзина која досега е незабележана. Најновите извештаи сугерираат дека нејзиното влијание врз висококвалификуваните професии, како што е софтверското инженерство, почнува да наликува на промените што ги донесе индустриската револуција врз мануелната работа. Многумина веќе започнуваат да стравуваат од масовна невработеност поради вештачката интелигенција. Сепак, пореалната и поскора последица е промена во квалитетот на работата. Работата станува побрза, помалку промислена и рутинска, пишува New York Times.
Новата реалност во кодирањето, побрзо кодирање и притисок
Amazon, Microsoft, Google и Shopify имаат значителни инвестиции во генеративната вештачка интелигенција. Се чини дека овие компании се убедени дека со помош на вештачката интелигенција може значително да се зголеми и продуктивноста. Студија на Microsoft и три универзитети покажа дека употребата на вештачка интелигенција во асистенти за кодирање, како Copilot, ја зголемува продуктивноста на програмерите за повеќе од 25 проценти.
Фокус на текстот на New York Times е Amazon. Ова веројатно и не е чудно со оглед на тоа што во оваа компанија културата на кодирање се менува супер брзо. Извршниот директор Енди Џеси во своето писмо до акционерите истакна дека генеративната вештачка интелигенција носи „значајни придобивки преку зголемена продуктивност и намалени трошоци“, нагласувајќи дека брзината е клучна за одржување на конкурентноста. Овие ненадејни промени не секогаш се прифаќаат со ентузијазам. Тројца инженери на Amazon изјавиле дека менаџерите сè повеќе ги притискаат да користат вештачка интелигенција. Ова резултира со повисоки поставени цели за продуктивност и покуси рокови. Еден инженер споделил податок дека неговиот тим е преполовен во споредба со минатата година. Сепак очекувањата се дека со помош на вештачка интелигенција тимот ќе произведе иста количина на код.
Слични трендови се забележани и во други технолошки гиганти. Извршниот директор на Shopify, Тоби Лутке, во соопштение во април навел дека „употребата на вештачката интелигенција сега се подразбира“ и ќе биде вклучена во прегледите на перформансите. Google, пак, наскоро ќе организира хакатон на компаниско ниво, охрабрувајќи ги вработените да развиваат алатки за зголемување на продуктивноста сo вештачка интелигенција. Наградите на овој хакатон ќе достигнат и 10000 долари за победничките тимови. Портпаролот на Google истакнал дека над 30 отсто од кодот на компанијата сега е предложен од вештачка интелигенција и прифатен од програмерите.
Ослободување од досадни задачи или деградација на работата
Заговорниците на вештачката интелигенција тврдат дека таа може да ги ослободи вработените од здодевните и рутински задачи. Ова треба да им овозможи да се фокусираат на поинтересна и покреативна работа. Енди Џеси додава дека Amazon минатата година заштедил „еквивалент на 4500 години работа на програмери“ со користење на вештачка интелигенција за надградба на стар софтвер.
„Работите изгледаат како забрзување за интелектуалните работници. Изгледа дека работодавачот може да натрупа повеќе работа.“, вели Лоренс Кац специјалист по економија на трудот на Харвард.
Магационери или програмери
Автоматизацијата на кодирањето има посебно значење за инженерите на Amazon. Тие со години ги гледаа своите колеги во магацините како минуваат низ слична транзиција. Порано работниците во магацините пешачеа километри за да ја пронајдат стоката. Сега, роботските магацини им ја доставуваат стоката директно, зголемувајќи го бројот на предмети што еден работник може да ги собере од десетици на стотици на час. Иако роботите не ги заменија луѓето, тие ја направија работата хипер-повторувачка и физички напорна.
Инженерите на Amazon велат дека оваа транзиција им е на ум додека компанијата ги притиска се повеќе да користат вештачка интелигенција. Иако не е задолжително, ако сакаат да ги исполнат целите за продуктивност, немаат многу избор. Продуктивноста секако ќе влијае на оценките за перформанси. Еден инженер истакнал дека изградба на функција за веб-страницата во минатото траела неколку недели. Сега треба да се заврши за неколку дена. Ова не е возможно без користење на вештачка интелигенција.

Новиот пристап кон кодирањето во многу компании, всушност, елиминира голем дел од времето што програмерот го поминува размислувајќи за својата работа.
„Порано имавте многу слобода бидејќи работевте на комплициран проект – можеби ќе траеше еден или два месеци, и никој не можеше да го следи“, додава Кац. „Сега, целата работа се следи и може да се заврши брзо.“
Програмерите се чувствуваат како „набљудувачи“ во сопствената работа. Алатките можат да генерираат големи делови од софтверот самостојно. Оваа промена од пишување кон читање код, како што вели Сајмон Вилисон, долгогодишен програмер и блогер, ја прави работата незабавна. Автоматизирањето на тестирањето на софтверот, иако здодевно, ги принудувало помладите инженери подобро да размислуваат за своето кодирање. Сега, со вештачка интелигенција, тие ќе бидат лишени од знаењето потребно за напредок.
Страв и предизвици
Фрустрацијата натера многу инженери на Amazon да се приклучат на групи како „Вработени на Amazon за климатска правда“. Групата стана центар за анксиозност на работниците и за други прашања, едно од тие прашања е стресот од користењето на вештачка интелигенција на работа. Жалбите се фокусирани на „како ќе изгледа нивната кариера“ и „квалитетот на работата“, вели Елиза Пан, поранешна вработена во Amazon и портпарол на групата.
Засега не постои чувство на итност за формирање синдикат за програмерите во Amazon. Сепак, ова не би било чудно. Во минатото „забрзувањето“ на работата било клучен фактор што ги поттикнало работниците на протести и штрајк.
Вештачката интелигенција ветува демократизација на софтверското производство и намалување на трошоците за развој на нови апликации. Засега главното прашање за кое нема одговор е: „Дали ВИ ќе ги ослободи програмерите за покреативни задачи или ќе ги претвори нивните професии во рутински, автоматски задачи?“.