Најавен е третиот AllWeb, кој ќе се одржи на 14-ти ноември. Конференцијата за маркетинг и онлајн ПР има листа на импресивни гости водени од Благица Ботиглиеро од Metaverse Mod Squad, Бранимир Бркљац од Terra Panonica, Срѓан Ерцег од Huge Media и други регионални експерти кои ќе зборуваат за интернет трендовите. AllWeb е секако конференција за маркетинг, но третото издание ќе биде посветено на науката зад виралниот маркетинг, влијанието на друштвените мрежи и креирање содржина за брендовите.
„Фокус тема оваа година е вирален маркетинг, но секако нема да ги изоставиме и социјалните медиуми, стратегијата и менаџментот во дигиталната ера. Секоја година се обидуваме да опфатиме повеќе теми од неколку аспекти затоа и програмата е многу динамична и со голем број луѓе на сцена. Се трудиме да опфатиме актелни теми, но во исто време тие и да бидат од корист за локалната публика“, вели Дарко Булдиоски, основач на New Media MK, кои се организатори на конференцијата.
Ако се суди од првите две конференции, и на третиот AllWeb може да очекуваме навистина корисни идеи и практики за како да се искористи Интернетот правилно. Но, научени од претходните искуства, повторно ќе го поставиме прашањето – дали овие идеи ќе допрат до локалните експерти кои се задолжени да ја водат Македонија напред во интерактивнот маркетинг? Според Дарко, придобивките на публиката се во преден план на AllWeb.
„Исто е и со изборот на говорниците и нивните презентации, секогаш во преден план ни е публиката и што таа ќе добие од овој настан. Оваа година имаме одлична програма предводена од Благица Ботиљеро, врвен експерт од САД, и серија регионални и локални експерти кои несебично ќе споделат дел од своето искуство истражувања и сл. Идејата е секој посетител да научи нешто ново и корисно и да може да го примени во своето секојдневие веќе следниот ден“.