Сингапур vs Македонија… FIGHT!

(Oва е гостински текст од Дамјан Цветков-Димитров, кој веќе шест месеци е во Сингапур. Дамјан пред две години беше автор на IT.com.mk, но можеби го знаете и како дизајнер на игри меѓу кои UUUU, Misery Mod и The Seed).

Веќе некое време живеам во Сингапур, дишам Сингапур, гледам Сингапур, купувам Сингапур, јадам Синг…. овчо сирење од супермаркет што специјализира за европска храна итн… За тоа време, не можев, а да не забележам колку радикално сме различни, но најважно од се, колку можеме да научиме од сингапурската работна етика, постојаност, ефикасност.

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Уште од старт морам да напоменам дека битката е изгубена уште во првите пет милисекунди. Нема да бидам умерен, воздржан или благ кога ќе кажам дека Сингапур е светлосни години подалеку од Македонија – во економска, културна, образовна, државна и воена смисла. Време е за малку „tough love“ Македонија.

Прво малку за Сингапур. Ако веќе не сте запознаени со приказната за азискиот тигар, во рок од само 50 години мутираат од мало кротко маченце, во разбеснет тигар што создава и јаде огромен процент од светската пита. Сингапур нема никакви природни ресурси, едвај има вода, едвај има земја. Македонија ги има сите тие есенцијални елементи. Нема оправдување таму.

И покрај сето тоа тоа, oд држава во полоша состојба од Македонија, со способното водство на Ли Куан Ју, се подигаат во држава што е релевантна на светски рамки, тоест во држава со највисоки нивоа на економска слобода, животен стандард и здравство во целиот свет. Сингапур е воедно и меѓу најповрзаните земји, 74 отсто од луѓето имаат пристап до широкопојасен интернет. Веројатно звучам како реклама, али кој би платил да го рекламира Сингапур во Македонија? Нема никаков интерес за тоа. :)

Поголемиот дел од Сингапур е како екстремно уреден парк, со лавкрафтијански дрва од џунглата, европска флора, американска, секој чекор има дрво на барем 10 метра од тебе. Си знаат колку им е важен квалитетот на воздухот овде, и нема нечисти игри со тргање на мерни станици за квалитет на воздухот од страна на државата, кога ќе им текне. Имам апликација на мобилниот што буквално во секое време ми кажува каков квалитет на воздух има Сингапур, точно каде во Сингапур. Ако квалитетот на воздухот се крене над одредено ниво, апликацијата ми испраќа порака за да превземам мерки. Апликацијата не е направена од некои загрижени еко хипици, туку од државна агенција. Истата агенција испраќа маски на сите граѓани во Сингапур кога има потреба, и им ги остава во сандаче или пред врата.

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Ова е само почеток на приказната. Сум бил наоколу, посебно во Европа, али никогаш во живот немам видено, ниту замислено, волку ефикасна бирократија. Како всушност да сакаат да завршиш брзо и ефикасно се што ти треба за да мигрираш тука, за да отвориш бизнис, за да почнеш нешто свое. Тоа е една од причините зошто Сингапур е рајот за стартапи во Азија, покрај Хонг Конг. Тука корупција е збор што нема никаква потреба да се каже или знае, воопшто.

Бирократијата ја завршуваш преку интернет се што може, а кога мора да се закаже состанок, ти испраќаат преку SMS инструкции, нотификација за да те потсетат да дојдеш, и дури кратат на зборови што е индикатор дека се интернет писмени и во тек. На имејл ти стига детални инструкции како да стигнеш, мапа, број да се јавиш ако има проблем.

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Транспорт? Е за транспорт сите се жалат, често. Се жалат кога метрото ќе закасни минута (што до сега не сум приметил никогаш да се случи), се жалат за гужви (што воопшто не можат да се опишат како гужви, во споредба со јапонските rush hour гужви или македонските сардини во двокатните автобуси), едноставно бараат висок стандард, кој и самиот се повисок станува со секоја следна година. Прв пат кога видов како се вика мрежата за транспорт во Сингапур, малку се загрижив, воглавно затоа што се викаше „SMRT“. Но со SMRT добивате најспонтано патување затоа што поврзани се и автобусите, и метрото и таксињата со една NFC картица која само треба да ја допрете до магнетниот читач, и ви одзима пари од картицата точно толку колку што сте патувале.

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Луѓето се високо цивилизирани, интелигентни и трудољубиви. Не го исполнуваат времето со завист за тоа како оној имал повеќе, и како тоа не било фер. Имаат идеи, и се трудат да ги реализираат. На многу од нив им успеваат. Им успева затоа што се грижат за својот бизнис како нешто свето. Посветени се. Знаат дека ако се потрудат и успеат, нема другиот ден конкуренцијата да пушти пари под маса некаде, и да се донесе закон што ќе ги закопа длабоко.

Неколку нови продавници отворија под нашата зграда. Ги следам како привлекуваат клиенти, како се трудат на уникатни начини да го претстават продуктот, да објаснат што им е идејата, клиентите да се осеќаат попријатно кога купуваат. Научив дека ако не го третираш муштеријата како најголемиот непријател, и не му ја мрзиш фамилијата до шесто колено додека купува, можеби, има мали шанси, некогаш, изгледа, да заработиш повеќе.

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Најважно од се, ја немаат историската арогантност. Она што ние го правиме толку добро, и често. Она кога никој не слушаме како се праат работите, и ние сме најдобри, и све иде најдобро, и нема што да емулираме тоа што им успеало на други држави. “Бизнисот ми заслужува да успее, само затоа што постојам.” Кога ќе се одзатнеме од таа ментална дупка, можно е, има мали шанси, некогаш, изгледа… да ни успее нешто.

Сингапур го има направено тоа. Кога биле „Third World“ држава, си биле свесни за тоа, и се труделе, се развивале во однос на тоа. Очекувањата за работните стандарди, животни стандарди, здравствени, им биле синхронизирани во контекст на тоа. Кога станале „Second World“, образованието, одговорноста, културата се поместила во склоп на реалната ситуација. Сето тоа се одразува во светот на стартапите, бизнис етиката, се што функционира тука. Таа себе дисциплина не е присутна од секогаш, па да речеш дека биле кротки одсекогаш, и лесно се дисциплинирале. Пред 50 години таа себе дисциплина не постоела, сега постои и мислам дека директно предизвикува Сингапур да го држи престолот за економски раст и слобода.

Инаку, за FINISH HIM последен потег, човек може да се шета во три саат наутро, со четириесет илјади долари, златен саат и дијамантски патики додека воопшто не се грижи за неговото здравје, здравјето на неговите пари или здравјето на неговата вилица.

KO!

(Фотографијата е на Дамјан Цветков-Димитров)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
8 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Стајко
Стајко
9 years ago

А фотографиите чиви се?
Бухууууууу

Виктор Дано
9 years ago
Reply to  Стајко

Пишува дека се на Дамјан Цветков-Димитров.

Драган
Драган
9 years ago

А каде нема голема разлика меѓу богати и сиромаси бе? Луѓе дечкото си го кажува ова од негово око, негов став, негово мислење. Бујрум напишете текст, статија поктрепете го со докази и контрајте се. Вака единствениот аргумент ви е: "Немоеш да каеш вака, коа било така" – типично Македонски. Преубави работи сум читал и слушал за Сингапур, она што приметив дека го освоило Дамјан е ефикасноста и едноставноста. Она што јас а и верувам секој нормален млад човек треба да го бара во државата каде што живее.

Игор
Игор
9 years ago

Многу малку е кажано за она што го интересира секој македонец – стандардот на живеење, за вредноста на човечкиот живот во Сингапур, за скапотијата, за огромните разлики помеѓу богатите и сиромасите.

zoki
zoki
9 years ago

Човече и ти ова го заклучи од 6 месеци,стана експерт по економија,здраство,образование,култура,безбедност…а меѓувреме напорно работиш.Нешто не штима тука,некако ко прикаска на запален тазе мигрант кој си се лаже(теши) самиот себе за одлуката што ја донел.
Јас сум 4ипол години таму и можам да те демантирам у скоро се,ама јбг ваш сајт ваше лечење комплекси.
Со среќа

Damjan Cvetkov-Dimitrov
Reply to  zoki

Демантирај една работа, па ќе зборуваме, вака на празно може секој.

DedoMraz
DedoMraz
9 years ago
Reply to  zoki

Зоки, тој што лечи комплекси овде си ти. Не е државна тајна дека Македонија е мизерија до гроба и тешко да најдеш помизерна земја почувајќи економски, па завршувајќи до менталитет, get over it.
Си бил 4 и пол години таму (што чисто сумњам) ама и да си бил ти си еден од оние таканаречени втора група емигранти кои своето време наместо да го трошат на интегрирање во општеството во кое дошле и лечење од балканскиот дебилен менталитет, тие го трошат во себетешење дека еве, и овде не е се така розево, возот закаснил минута и десет секунди. Пошо нели ние сме научени на розево и ништо помалку од розево благодарение на бреин вошинг машината шител и компанија. Една Хрватска е разлика небо и земја споредено со библиска Македонија, што останало за останатиот цивилизиран свет.
Бонус, ако си ти четири и пол години таму и го имаш ова мислење што го имаш, уште во првите четири ипол дена ќе си се врател во розева Македонија.

Александар
Александар
9 years ago
Reply to  zoki

уште чекаме на Зоки да се дообјасни.