Стартапи, претприемачи и креативци! Пуштени се во продажба билетите за овогодинешниот Startup Weekend Skopje, глобален настан кој е всушност 54-часовен маратон за креирање на интересни сервиси, реализација на идеи, учење за бизнис модели, дружење со други претприемачи, и на презентација на проектот пред потенцијални инвеститори. Ако имате идеја со голем потенцијал за успех или проект на кој никако да му дојде време за реализација, Techstars Startup Weekend ве очекува. Стартап Викенд Скопје 2019 ќе се одржи во Инофеит, од 29 ноември до 1 декември
Учеството е отворено за сите, но лоша вест е дека бројот на места за учесниците е ограничен. На настанот има простор за 50 учесници, а билети за учество ќе обезбедат првите 50. Ако сте заинтересирани за учество билетите се веќе пуштени во продажба и може да ги пронајдете тука.
Организацијата на настанот е во „раце“ на тим од млади, креативни и амбициозни ентузијасти. Дел од нив беа во составот кој го организираше и минатогодишниот Startup Weekend Skopje. Мила Јосифовска, Ивона Забазновска, Иван Зографски, Драгана Зографска, Тина Јанева, Мартин Стоименов, Јана Андева ќе се погрижат и годишниот Startup Weekend Skopje да биде навистина незаборавно искуство. Еве што велат за своето искуство од минатата година, но и за она што може да го очекуваме оваа година:
Колкав предизвик е да се организира еден ваков настан?
Секако има предизвици со кои се соочуваме, кои се неизбежен дел од организацијата на еден ваков настан. Реалниот предизвик e да им дадеме вистинска шанса на ентузијастите кои сакаат да започнат свој бизнис. Во нашето поднебје, ваквата шанса е ретка, а на овие луѓе најпотребни им се поддршка и помош за да започнат. Со овој настан ние сакаме да го постигнеме токму тоа: да креираме шанса за секој иден претприемач да може да креира успешен бизнис. Според нашето досегашно искуство, знаеме дека една идеја, со конкретни насоки и интензивна тимска работа, може да се трансформира во реален бизнис, и тоа само за 54 часа. Доколку не ни верувате, учествувајте и ќе се уверите.
Кое е вашето искуство од претходните години? Колку луѓе учествуваа на настанот?
Неколку членови од нашиот тим го организираа и минатогодишниот Startup Weekend Skopje. Нивното позитивно искуство не мотивираше повторно, и оваа година, доброволно да го организираме овој настан. На минатиот Startup Weekend Skopje учествуваа 50 учесници, и за време на настанот, работеа на 10 различни бизнис идеи. За време на целиот викенд преовладуваше позитивна енергија, многу ентузијазам и тимска соработка. Само тоа може и да се очекува од група талентирани и амбициозни умови, собрани на едно место. Дефинитивно ова е искуство кое не треба да се пропушти.
Ќе има ли гости и оваа година?
Не можеме да откриеме многу, но можеме да кажеме дека ќе има интересни гости, кои ќе бидат присутни и да им пружат поддршка на тимовите, и секако, да дознаат повеќе за новите потенцијални стартапи во Македонија.
Каква е „приказната“ со изработените проекти од минатата година? Има ли некоја која успеа да се развие и понатаму?
Многу сме горди на сите тимови кои работеа на реални бизнис идеи на минатогодишниот настан, но ни претставува особено задоволство кога некој тим ќе продолжи да работи на својата идеја. Од минатогодишниот Стартап Викенд Скопје, тимот „Challenger“ продолжи посветено да работи на нивната идеја. Во изминатата година, тие учествуваа на повеќе настани и освоија вредни награди. Полека, но сигурно, тие работат на нивната апликација, и наскоро очекуваме да ја лансираат.
Кои се најголемите продобивки од учеството на Startup Weekend, што може да се научи?
Самото учество на овој настан е шанса за запознавање на нови луѓе, стекнување нови знаења, усовршување на вештините, и стекнување на вредни контакти со успешни индивидуи од различни полиња. Како учесници, ќе имате можност да им постават прашања, и да дискутираат најразлични теми со нив, како и меѓу себе. Овој настан ќе ве инспирира да почнете да размислувате прогресивно, и комплетно ќе го трансформира начинот како ќе се соочувате со сите предизвици што ве чекаат во иднина.
Што би им порачале на сите кои размислуваат дали да се пријават?
Доколку сте визионер и го имате претприемачкиот дух, ова е одлична можност да запознаете други луѓе како вас, да научите нови вештини и лично да се надоградите. Искористете ја оваа можност да почувствувате како е да се работи на реален бизнис. Ако немате ваша идеја, не плашете се. Вашите вештини ќе бидат многу значајни за реализирањето на некоја од идеите на другите учесници. А доколку имате ваша идеја, време е да и дадете можност да стане реалност!
Напомена: IT.mk е медиумски спонзор на настанот.