На 26-ти Март во Бизнис центарот на Скопски Саем, со почеток во 14 часот ќе се одржи првата SharePoint конференција во Македонија на која ќе предавања ќе оддржат едни од највлијателните луѓе од SharePoint заедницата. Може да се пофалиме дека на конференцијата за предавачи ке ги имаме едни од најголемите SharePoint Community Influencers зад кои стојат многу предавања, конференции, книги, блогови, искуства и т.н. Повеќе за конференцијата може да пронајдете на http://sharepointconference.mk
„SharePoint е еден од најбрзорастечките Microsoft продукти/платформи во последните години и привлекува огромно внимание кај ИТ заедницата.“, вели Дарко Милевски oд македонската .NET корисничка група, кој е воедно и добитникот на Microsoft Most Valuable Professional (MVP) за SharePoint Serve. Ова е годишна награда која се доделува директно од Редмонд на лица кои во изминатите 12 месеци своите технички знаења и експертиза активно ги споделувале со заедницата.
Велите дека ова е прва ваква конференција која треба да ја започне SharePoint заедницата. Што конкретно мислите со тоа?
Минатата година, Македонската .NET корисничка група одлучи да започне со еден процес на формирање на свои под-групи кои ќе се фокусираат на специфични области, технологии или платформи. Оние кои присуствуваа на отварањето на минатогодишната CodeCamp конференција, сигурно се сеќаваат на мојата најава за формирање на првите подгрупи меѓу кои и Македонската SharePoint заедница (Macedonian SharePoint User Group). Овој процес одлучивме да се одвива постепено и да се промовираат група по група на соодветни настани. Прва беше промовирана Македонската Dynamics заедница (Macedonian Dynamics User Group) и тоа на првата месечна средба на MK .NET во оваа година, потоа следеше промоција на Македонската MS Mobile Development заедница на Windows Phone Camp, а потоа и на месечната средба на почетокот на Март, за да следна на ред дојде и Македонската SharePoint заедница ( Facebook / Тwitter).
Шансата групата да се промовира на еден ваков настан дојде случајно. Предавачите на оваа конференција се луѓе „зависни“ од патување, запознавање на нови култури, споделување на искуства и дружење. Веќе пропатувале повеќе од 100 земји низ светот, учествувале на многу конференции, па овој март на ред во „нивниот список“ дојде и Македонија. Се разбира, шансата да го имаме еден Џоел Олесон кој е синоним за SharePoint Community не смееше да ја пропуштиме, па ги запрашав дали би сакале да земат учество на една „мини“ конференција во Скопје. Јас сум им неизмерно благодарен што на ова барање веднаш одговорија позитивно, без нималку размислување и нагодување. Токму во тоа е големината на овие луѓе и токму затоа се толку познати и влијателни во светската SharePoint заедница. Мислам дека SharePoint заедницата во Македонија не можеше да посака подобар почеток.
Зошто јас како програмер/ИТ администратор треба да дојдам на конференцијата?
Како што споменав, конференцијата е посветена на Microsoft SharePoint платформата. Секој оној кој работи со SharePoint како програмер или администратор или сака на научи нешто повеќе за овој продукт, треба да дојде на оваа конференција и да слушне што имаат да ни раскажат Мајкл Ноел, Џоел Олесон и Пол Џ. Свидер. За познавачите на овој продукт и заедницата околу него, имињата кои ги наброив се доволен мотив да присуствуваат на конференцијата. За сите останати, можам да им ветам дека ке уживаат во оваа „мини“ конференција организирана од и за SharePoint ентузијастите во Македонија.
Што очекуваш од конференцијата?
Да бидам искрен, како човек кој веќе 7 години професионално се занимава со SharePoint, долго време посакував и кај нас да се случи една SharePoint конференција. После појавувањето на MK .NET заедницата многупати сум се прашувал дали една ваква конференција воопшто би привлекла интерес во нашата земја со оглед на тоа што е тесно специјализирана и насочена кон една платформа и таргетира релативно мала бројка на луѓе кои професионално се занимаваат со SharePoint. Кога се одлучив да ја организираме, сè уште бев несигурен околу бројката на заинтересирани лица која ке ја постигнеме. Денес, со 120 регистрирани учесници за настанот, како уште еднаш да добиваме сигнал од македонската ИТ заедница, дека таа е желна за знаење, за настани, за споделување на искуства и контакти.
Во понеделник очекувам да го „скршиме мразот“ на SharePoint конференции кај нас, конечно „да се преброиме“, кои сме и колку сме SharePoint професионалци во земјава, а секако и да научиме нешто ново.







