Social Innovation Hub ги поканува сите заинтересирани да се пријават на 48-часовен хакатон на кој ќе се изработуваат идеи и модули за усовршување на апликацијата Патувај Зелено (Skopje Green Route). Најдоброто решение ќе добие 1.000 долари, а второто и третото место ќе добијат по 750, односно 500 долари. Решенијата ќе бидат имплементирани во новата 2.0 верзија на апликацијата.
Патувај Зелено или Skopje Green Route е апликација на Град Скопје, изработена од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ). Апликацијата е направена со цел да се мотивираат Скопјани да користат економичен и еколошки“ транспорт, односно да ги мотивира да возат велосипед или да пешачат низ градот, сугерирајќи им најкратки рути. Се базира на Google Maps, но со мали модификации со кои се информира корисникот за штетните гасови кои ги испушта автомобил. Кога прв пат беше објавена апликацијата, ја критикувавме бидејќи градот Скопје треба првин да понуди реална инфраструктура како патеки за велосипедистите или слеани тротоари, наместо да нуди виртуелно решение.
Но, хакатонот e одлично решение за да се вклучи секој што има добра идеја како да ја унапреди апликацијата и да ја направи покорисна за граѓаните. Ако имате идеи, од Hub-от ве повикуваат на 26-ти јуни со почеток од 17:00 часот во Ценарот за Социјални Иновации – во склоп на Факултетот за информатички и компјутерски технологии (ФИНКИ). Наградите секако се добра мотивација да се пријавите, но поттик треба да биде и шансата да се работи за нешто навистина кул.
Настанот е во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и ФИНКИ.